Моќта на баналната технологија

09.07.2018 00:11
Моќта на баналната технологија

„Сите од одреден посед биле должни да ја користат воденицата на благородникот и да му плаќаат со одредена количина од меленото брашно, најчесто шеснаесетина. На селаните им било забрането рачно да мелат жито или да ги користат другите воденици од околината, а второво било повод за низа судски процеси кои сè уште се чуваат во архивите“.

Така историчарот Михаел Нурдберг во култната книга „Динамичниот среден век“ ги опишува начините на кои европската аристократија по 12 век љубоморно го чувала стопанскиот монопол над – водениците. Ваквата средновековна „власт“ над млиновите неодоливо наликува на современите борби за монопол над јагленот, нафтата, нуклеарната енергија, кои следеа во наредните епохи.

Иако неговата улога во историјата пред индустриската револуција ја земаме здраво за готово, воденичкиот камен направи пресврт во историјата. После 10 век водениците сè повеќе се користеле и на југот, па и во средновековна Србија, но особено забрзано се ширеле во северна и западна Европа.

Овие области пред тој период биле неразвиен дел од континентот, додека стопанските центри и натаму се наоѓале во Цариград, Рим и воопшто, на Медитеранот. Затоа, ширењето на водениците е првата најава на идната „индустриска“ доминација на Западот.

Во секој случај, воденицата е најзначајната технологија од доцниот среден век. Но таа била откриена многу порано. Мелењето жито со тркало придвижено од водена струја било познато и во третиот век пред новата ера во Сирија.

Римјаните исто така ја познавале работата на водениците, но не ги користеле многу, бидејќи за мелење жито на располагање ја имале силата на робовите, а речните текови во областите каде што владееле не биле доволно постојани за градењето воденици да им биде исплатливо.

Зошто во средниот век водениците стануваат толку популарни и толку значајни? Основна причина е нуждата – во Европа освен чумата и постудената клима, владела гладта. Во овој период храна бил исклучиво лебот, како што пченицата била клучна земјоделска култура чие одгледување влијаелно не само на економијата, туку и на политиката, војните и општествената хиерархија. Но, рачното мелење жито за печење леб било исклучително бавно и напорно, па водениците претставувале заштеда која го одвојувала преживувањето од гладувањето.

Нурдберг наведува дека водениците се појавиле на манастирските имоти, како и дека, на пример, манастирот Сен Жермен де Пре уште во 9 век поседувал дури 59 воденици. Но, градењето воденици барало добра локација и значело големи вложувања, изградба на брани на водостојот и сложени занаетски работи. Затоа за нивното ширење бил неопходен и дополнителен поттик.

Судејќи според сè тоа биле – белите монаси, цистерцитите, католички црковен ред кој 1098 година почнал да се шири од манастирот во Клерво. Цистерцитите заговарале дека продуктивната работа е најдобриот начин за служење на Бога и затоа почнале да применуваат бројни технички иновации и ги ширеле во Европа.

Градењето водени мелници било основа на цистерцитската програма што ја направило воденицата клучен погонски елемент во оваа епоха од човечката историја. Уште кон крајот на следниот 12 век дури 742 цистерцитски манастири ширум западна и северна Европа изградиле и експлоатирале стотици и илјадници воденици.

За водениците се забележани и некои други впечатливи статистики – во одредени области во 12 век се зголемува бројот на воденици од десетина на повеќе од 200. Во англиската „Книга за Судниот ден“ е напишано дека кралството на Вилем Освојувачот имало дури 5642 воденици, што значи дека на секои 50 куќи во Англија работела по една воденица.

Нурдберг смета и дека водениците го поттикнале развојот на разновидните технологии кои не се користеле, а кои ги опишувал уште римскиот архитект Витрувиј, како што се запчаниците, но и нови решенија како коленестото вратило или брегастата осовина, кои служеле кружното движење да го претворат во линеарно, за сечење или подигнување чекан.

Затоа водениците до крајот на средниот век ќе се користат не само за движење на воденичкиот камен и мелење, туку за цела низа прединдустриски мануфактури – воденици пилани, воденици за извлекување и обработка на руда, воденици за производство на хартија, воденици за текстил, за ткаење или обработка на памук... Потоа ќе биде потребно само водената струја, благодарение на развојот на физиката во 17 и 18 век, да се замени со парна машина и индустриската револуција можела да почне.

По чудна игра на зборови, зад воденицата останал и поимот баналност. Инаку мошне големата заработка на благородниците и манастирите, „шеснаесетина“, за работата на млиновите, во средниот век се нарекувала banalities од францускиот збор ban. Но, во новата ера таа толку опаднала што се спуштила на незначително ниво, од што се развило значењето банално.

Извор: http://naukakrozprice.rs

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Општество / Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Историја
Свет / Историја
Наука / Живот / Историја

ОкоБоли главаВицФото