Сонет на ноќта (12 песни)

09.07.2018 01:46
Сонет на ноќта  (12 песни)

Сонет на ноќта

Голема мудра ноќи
Ти ме извлекуваш
Под ѕидините градски
Од зглобот на чудовиштето

И на пустиот плоштад
Безумен ме одведуваш
Околу самиот себе
Одново да се свртам

Пак да видам
Дека сè уште сум жив
Створ во воздухот

Син на татнежот и чадот
Син изгубен
Осамен, усолен ‒ Никој


Сонет на улица

На вжарениот асфалт
видов денес
сива контуричка
од сплескан стаорец

О требало да се помине брзо
тој пат ѕвезден
од една канта за ѓубре
до друга канта за ѓубре

Горе сосема ненадејно
во крвничкиот воздух
стравотно крикнав

Господин некој што
одеше пред мене
забрза со кратките ноџиња


Сонет на стравот

Под страв-стреата надвиена
Ноќеска стоиш
Во немирната сенка стоиш
И ме чекаш

Ти локална пропасти
Со вжарените очи
Телиште мрко, исправено
Чудовиште разбудено

Шишмишите, твоите
Сетила летечки
Во страшната коса ти паѓаат

Од секаде тие вестите за мене
Ти ги принесуваат и ‒ ги плетат
Во твоите мрачни помисли

Приквечер

Приквечер
Кога ми е здодевно
Го замислувам својот убиец:
Мравот тој
Го влече огнот зад себе
Ја влече водата зад себе
Ја влече црната земја зад себе


Исус

Исус
Исус наш
Исус наш перниче за игли


Два записа

Пред огледало
Утрово пред огледалото
како барска птица крикнав:
‒ Ништо повеќе не држат Херкуловите столбови
но се рушат од тежина.

На скали
Се озарувам просто кога рано наутро
но скалите ќе те здогледам.

Одамна посакувам во подрумот
на купот јаглен да се сретнеме.

На црното знаење да ме научиш, во полутемнина.

Шапшал

Таму оној
што зад аголот одминува
едноокион
подгрбавенион
со жилет-јазикон
никаквец
кој
зајаци коле
низ град
носи
за крвцата
чинија
и остра
секира
под пазувата

Наоколу шири
мирис на снег


Засолниште, вошка

Пропасти красна
пропасти
во блескаво платно
огромно
додека
родителски
нè завиваш сите
овде
во воздушново
гнездо
подземно
една единствена
радост
светла вошка
лази
лесно
по надвиениот
црн ѕид

Школки, сон

По предградието насекаде попаѓале
блескави крупни школки

Толпата на измиените улици
безмерно се весели

И јас сум навистина израдуван многу
и чекам само
блескавите крупни школки да се отворат


Играчки, сон

Ноќеска мајка ми се роди

нејзиниот плач детски
ја исполни нашата
куќа во предградието

искапена во пелени ја
завиткав
и така чиста
во кревет ја сместив

од аголот ги донесов сите свои
играчки
дувнав двапати
во малата пластична труба

Го занишав црното дрвено коњче

Доаѓаат по мене

Доаѓаат по мене тројца воини
под маски
и му ја даваат облеката
од стари вреќи сошиена

О тоа е твојата нова униформа ‒ велат
О тоа е мојата нова униформа ‒ велам
Сите ја гледаат твојата нова униформа ‒ велат
Сите ја гледаат мојата нова униформа ‒ велам

Во нејзе со години
на непознатата татковина ќе ѝ служам

Ќе се борам, ако треба, до последната
капка крв

Ќе бидам верен


Ружа*

Во ракавичарската продавница
купив
црни ракавици
врз камената секира
шилото го наострив

Па дојди ми вечерва
на прозорецот чукни

Па дофрли ми вечерва
низ прозорецот ружа

*Ружо, како само те извалкаа, како те фрлаа и прифаќаа; што сè зборуваа за тебе и за што сè им служеше! Ќе им возвратиш, единствена, како што ти знаеш.

Новица Тадиќ (1949‒2011), црногорски и српски поет, роден во селото Смријечно (кај Плужине, Црна Гора), живеел и починал во Земун (Србија). Објавил петнаесет стихозбирки, кои според компактноста и довршеноста се сметаат за еден од највредните поетски опуси и во српската и во црногорската култура.

„Песните на Новица Тадиќ, според својот светоглед, поетичките поттици и техники на создавање, несомнено ја ползуваат традицијата на естетиката на изобличувањето, деформацијата и дисторзијата, со која се укинува секој очекуван подражавачки однос спрема светот. Во таа смисла, слично на авангардните сликарски правци, експресионизмот, кубизмот или надреализмот, т.н. класична фигурација во неговите песни е заменета со апстракцијата на јазикот, со максималното збивање на телото на поетскиот текст и со неговата најчесто парадоксална конструкција. Песните на Тадиќ, иако не на прв поглед, нè соочуваат со архетипски глетки, древни крици и митски, иако изместени слики во кои можат да се препознаат трагите на негативното Евангелие. Кај Тадиќ е укинат, односно разурнат темелниот поим за убавото, а платонистичката идеја за доброто, складноста и вистината или праведноста е урушена, испревртена и опејана од доследно негативна, дијаболична и нихилистична позиција.“
Бојана Стојановиќ Пантовиќ

Слики: Martin McMurray

Избор и превод: П. В