„Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ во МСУ

09.07.2018 10:46
„Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ во МСУ

Изложбата на Ирена Пејовиќ, која живее и работи во САД, насловена „Ти си мобилна архитектура“, во МСУ ќе биде отворена на 10 јули.

Во вторник, 10 јули, во 20,30 часот, во МСУ, ќе се отвори изложбата „Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ. Се работи за мултисензорен настан кој кореографира движења преку комбинирање облека, модуларни форми, предлози, како што се фотографскиот објект и звукот како место, материјалноста како настан, техниките на организација во природата и организација на луѓето, и она што се појавува.

Пејовиќ создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациони односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно. Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна. Делата, просторот и гледачот земаат рамноправен дел во настаните.

„Ти си мобилна архитектура“ e тековно истражување на движењето. Делото – нема фиксно значење и нема фиксна форма. Тоа е мобилно, затоа, значењето треба да бара во мобилноста. Тоа е хаптичен простор, мазен простор каде што ветрот свири, дрвото пука и бара сите да учествуваат во неговото создавање. Се бара отворен процес на создавање, за да се овозможи дело што е живо, форма која е во формирање.

Ирена Пејовиќ живее и работи во САД. Дипломира и магистрира ликовна уметност на Државниот универзитет „Монтклер“. Неодамна, во 2016 година, Пејовиќ беше дел од перформансот SWIM на американскиот уметник Роберт Витман, презентиран во Галеријата „Фридман“ во Њујорк, а реализиран во соработка со Фондацијата „Диа“ и со Џули Мартин, директор на „Експерименти во уметноста и технологијата“; Истиот перформанс, на кој Пејовиќ, исто така, учествуваше, за првпат беше изведен една година претходно, во 2015., во Театарот „Александар Касер“ во Монтклер. Самостојни изложби има одржано во: Галеријата „Ненси Дрифос“ на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси; Галеријата „Карас“, Загреб, Хрватска; Галеријата „Аферо“, Неварк, Њу Џерси; Галеријата МЦ во Њујорк. Пејовиќ е добитник на неколку значајни награди за својата уметност – 2018 година: Државната награда за индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси; 2014 год.: Наградата од Обединетата македонска дијаспора: Џон Битов Македонско културно наследство; 2013 год.: Step Beyond Travel Grant од Европската културна фондација. Вонреден професор е на Државниот универзитет „Монтклер“ и на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси, САД.