„Англискиот пациент“ ја доби „Златната Букерова награда“

09.07.2018 11:45
„Англискиот пациент“ ја доби „Златната Букерова награда“

Романот „Англискиот пациент“ (English Patient) од Мајкл Ондачи е прогласен за најдобра книга што била добитник на Букеровата награда во последниве 50 години, според гласовите на публиката.

„Златна Букерова награда“ беше организирана за да се одбележи 50-годишнината од постоење на наградата, која се смета за најреномирана во областа на книжевноста. Стручно жири најпрвин ги прочитало сите 52 добитници на наградата и одредило пет книги, по една од секоја деценија, кои беа ставени на јавно гласање.

Според изборот на жирито, покрај романот на Ондачи, беа номинирани и „Волчја аула“ (Wolf Hall) од Хилари Мантел, „Месечев тигар“ (Moon Tiger) од Пенелопе Ливли, „Линколн во бардо“ (Lincoln in the Bardo) од Џорџ Сондерс и „Во слободна држава“ (In a Free State) од Видијадар Сураџпрасад Најпол.

„Ни за секунда не поверував дека ова е најдобрата книга на листата, особено бидејќи е во конкуренција со делото на ВС Најпол, еден од мајсторите на нашето време, или со големо дело како Волчјата аула. Се сомневам и знам повеќе од другите дека веројатно Англискиот пациент сè уште е маглива, со грешки во динамиката“, рекол Ондачи.

Тој додал дека е важно да се даде признание и на авторите кои никогаш не освоиле Букерова награда, посочувајќи ги Вилијам Тревор, Барбара Пим и Алис Мунро.

Романот на Ондачи освоил речиси 9000 гласови од публиката. Претходните гласања за „Најдобрите Букерови добитници“ направени за 25-годишнината и 40-годишнината од постоењето на наградата ги доби Салман Ружди за неговиот роман „Деца на полноќта“.

Камила Шамси, член на жири-комисијата, изјавила дека Англискиот пациент е книга која „ви влегува под кожата и упорно бара да и се вратите одново и одново, секогаш нудејќи ново изненадување или одушевување“.

„Малку романи навистина заслужуваат да се наречат трансформативни. Овој е еден од нив. Се движи беспрекорно помеѓу класик и интимен роман, во еден момент гледате во огромното пространство на пустината, а следниот момент ја гледате сестрата како става парче слива во устата на пациентот. Структурата е таква што ги прикажува деталите и ве наградува, прекрасно е напишана, со голема хуманост на секоја страница“, рекла Шамси.

Романот „Англискиот пациент“ (English Patient) од Мајкл Ондачи победи како најдобар добитник во деведесеттите години, а кој во 2017 година, на македонски јазик го издаде „Три“ од Скопје. Се случува во Тоскана, за време на Втората светска војна. Филмската адаптација на романот освои девет Оскари.

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото