Докторатот на Груевски е тема за ОЈО

09.07.2018 13:38
Докторатот на Груевски е тема за ОЈО

Можам да разберам зошто одбраната на докторатот на Груевски во медиумите и на социјалните мрежи е дочекана со потсмев, бидејќи речиси никој не верува дека докторатот е стекнат со труд, учење и знаење. Но она што загрижува е што никој од надлежните институции ова не го зема како случај на потенцијален корупциски скандал. За мене на пример, поголемо богатство од милиони евра и плац на Водно е докторска титула како врвно достигнување во научната дејност. И пострашно, доколку до неа е дојдено со злоупотреба на службената должност како премиер.

Ако не се позанимава ОЈО со овој случај, не насмеаниот Груевски, туку системот им плука в лице на сите оние кои можеби половина професионален век им поминува додека да успеат да стекнат докторска титула. Или на оние кои се на докторски студии или планираат да докторираат во Македонија.

Сомневањата дека ова е потенцијално голем корупциски скандал се потпираат на неколку спорни моменти во целиот случај.

Прво, во 2013 година, во време кога Груевски е во зенитот на своето владење, донесени се измени во Законот за високо образование кои овозможуваат преполагање испити за да се отвори можност за стекнување во повисоки звања. Во член 113, став 23 од законот стои:

“Универзитет, институт или самостојна висока стручна школа на лица кои оствариле просек од минимум 7,5 од прв и втор циклус по завршување на студиите може на нивно барање да дозволи повторно полагање на одреден број предмети, но не повеќе од пет предмети. Повторното полагање на предметите од ставот 23 на овој член може да се изврши само еднаш”.

Со оглед на претходни информации за оценките на Груевски, потребно е да се провери дали ги исползувал овие законски измени. Ако ги исползувал, тоа значи дека како премиер си донел закон од кој ќе има лична корист, односно ја злоупотребил позицијата. Ако ја исползувал таа можност, би требало да се викнат на распит оние професори кај кои преполагал. Не верувам дека некој би признал дека ставил повисока оценка без да бара знаење од човекот кој во тој момент ја држеше цела државата заробена и под строга контрола, а делува неверојатно дека тогашниот премиер имал време да учи, но аномалиите во системот поради кои некоја држава се нарекува корумпирана, имаат име и презиме и тие јавноста треба да ги знае.

 

Натаму, верувам на Груевски му било од исклучителна важност да докторира на УКИМ, како најпрестижен универзитет. Го одбрал за ментор проф. Михаил Петковски, кој е несомнено врвен стручњак. Но тоа ме потсети на гласините кои јас како новинар тогаш не можев да ги проверам бидејќи институциите без затворени за новинарите кои не беа под контрола на власта. Имено, со Законот за денационализација се враќаа конкретни имоти на лица само во случаи каде тоа го дозволуваа ГУП-от и ДУП-овите. Но, во многу случаи каде тој плац е дел од ДУП и просторното уредување на градот кое не дозволува менување, не беше можно да се врати, па се даваа обврзници како обештетување. Знам, бидејќи сум правела прилог за едно семејство од Охрид кое се обидуваше со години да си го врати плацот кој беше покрај самиот кеј на езерото и таму немаше изградено ништо, но со ДУП било предвидено да стои како зеленило покрај кејот и им се дадоа обврзници како обештета. Но, сум чула, повторно велам засега гласини, дека на семејството на менторот на Груевски кое имало земјиште, предмет на денационализација, покрај самиот плоштад во Скопје, на тогаш зелената површина во близина на МЕПСО, му е вратен баш плацот.

Гласините се дека е тоа во време на Груевски како премиер, а постапката почнала кога бил министер за финансии. Иако веројатно било покриено со законски процедури, тоа би било голем исклучок бидејќи ако така се постапуваше во сите случаи, секој ќе градеше што ќе посака на земјиште кое е негово и тие градби ќе го “диктираат” урбаниот изглед на градот, што всушност не би требало да е можно. Но, ако навистина овие гласини се потврдат, тогаш тоа ќе отвори нов сомнеж за коруптивен однос помеѓу менторот и, од вчера, докторот. А лесно сега може да се провери што се случило понатаму со таа парцела и што е изградено таму. Дали не е можеби хотелот Мериот?

 

Натаму, во кои списанија со импакт фактор му се објавувани трудови на Груевски? Знам дека со буџетски пари се плаќаа многу реклами во меѓународните весници и списанија и треба детално да се провери што е објавено и што прифатиле како списание со импакт фактор менторот и членовите на комисијата.

За мене не е изненадувачки што по толку објавени бомби за злоупотреби на милиони евра, гласови на избори и корупција, немало разговори кои укажуваат на ваков, потенцијален корупциски скандал. Верувам менторот не бил меѓу прислушуваните, а за Груевски сигурно знаеме дека не е. Тие разговори околу докторатот веројатно ги воделе приватно. Но можеби има разговори кои би помогнале во евентуална истрага. Повторувам, докторатот е проблематичен со самото носење на измените закони кои овозможиле преполагање на испити - ако тогашниот премиер кој во исто време бил и кандидат (докторски студии запишал во 2011 г.), ги исползувал. И како во 2011 г запишал докторски студии ако просекот тоа не го овозможувал?

Оттука, овој докторат навистина не е шега; ако помине без истрага, тоа само пошироко ќе ги отвори портите за иселување од земјата. И тоа во спринт, откако ќе се прочита темата на докторатот, која е иронија сама по себе во целиот контекст.

 

П.С. Не знам како се чувствувале сите оние кои добија затворски казни за 27 мај и Чавков кој чека пресуда. Гледајќи го насмеаниот Груевски како брани докторат, не знам зошто, помислив на нив.

Слики: Свирачиња
Извор: Фокус