Кои издавачки куќи добиле пари од владата на Груевски за книгите што скапуваат во магацини?

10.07.2018 00:34
Кои издавачки куќи добиле пари од владата на Груевски за книгите што скапуваат во магацини?

Илјадници лошо преведени книги од помпезно насловениот проект на Владата на Груевски „1.050 книги“ скапуваат по влажни магацини. Деветнаесет милиони евра завршија во темните депоа во Скопје и Гостивар. „Порталб.мк“ влезе во мемливите депоа полни со лошо преведени и преплатени книги за кои сега никој не презема одговорност и нема идеја што да прави.

КОИ СЕ ИЗДАВАЧКИТЕ КУЌИ КОИ ДОБИЛЕ ПАРИ?

За една декада речиси нема издавачка куќа во Македонија која не добила барем еден тендер од министерствата. Повеќе од 21 издавачки куќи биле вклучени во различни фази за превод и печатење на книги наменети за помпезниот проект. Во првата фаза, според податоците што ги имаме, само од 6 министерства, институциите имаат склучено договори со минимум 17 издавачки куќи, во втората фаза со 6 издавачки куќи а во последната фаза само со две издавачки куќи.

Според податоците од тендерите, најголем дел од парите добила издавачката куќа “Арс Ламина” – 636.860.579 денари.

Инфограм

Според податоците добиени од Централен регистар, во следната табела се покажани основачите на издавачките куќи кои добиле највеќе пари. Иако побарано неколку пати, од Централен регистар не ни обезбедија информации за сопственичката структурата на „Просветно дело“.

„Еуропартнер груп“ и „Европа 92“ донатори на ВМРО-ДПМНЕ

Основачите на „Еуропартнер Груп“ и „Европа 92“ се донатори на претходната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ. Издавачката куќа „Европа 92“ се поврзува со поранешната партија на власт бидејќи Ратко Димитровски, како еден од основачите на “Европа 92“ бил и пратеник и градоначалник на општина Кочани.

„Арбериа Десигн“ донатор на ДУИ

Според договорот потпишан помеѓу МОН и издавачките куќи, во 2016 година, од две издавачки куќи со кои е потпишан договор, едната е „Арбериа Десигн“, која што е донатор на владејачката партија ДУИ, од чии што редови биле и двајца министри за образование, Абдулаќим Адеми и Пиштар Лутфиу, е сегашниот министер Арбер Адеми.

Издавачките куќи молчат

„Порталб.мк“ им испрати барање на издавачките куќи, на тие што сè уште им се валидни контакт информациите, да објаснат детално за јавноста: како биле избрани преведувачите, кои критериуми биле одлучувачки за да некој преведе и лекторира еден наслов.

Но, од повеќето одговор не добивме. Исто така, фактот што Законот за пристап до информации од јавен карактер не важи за нив, нема никаков начин како да се отворат овие издавачки куќи пред јавноста за критериумите за избор па и плаќање во однос на обврските што произлегуваат од потпишувањето на договорите со министерствата.

Контактиран од „Порталб.мк“, одговорното лице од „Арбериа Десигн“, Дашмир Адеми, не сакаше да ги открие условите на потпишаниот договор меѓу нив и преведувачите и лекторите. Адеми рече дека тие немаат некој одреден стандард врз основа на кој ќе се одреди кој, како и за колку ќе издаде книга.

„Што се однесува на изборот на преведувачите, ние немаме постојани соработници, бидејќи нема многу работа, за да ги ангажираме редовно. За исплатата би рекол дека има практични норми, а не пишани, бидејќи пресметката се прави врз основа на дигиталните страни и бројот на карактери по страница. Дигиталната страница се разликува од книга до книга, бидејќи зависи од содржината на поимите од одредени области. Сме имале и преведувачи од Албанија. Но, договорите што сме ги потпишале не дозволуваат да се открие колку е платен еден или друг професор – не би било етички кон професорите да се објават износите. Тоа е исто како некој да ве праша колку ви е платата. Последните книги сме ги доставиле во ноември минатата година“, рече Адеми.

Неговото презиме се совпаѓа со презимето на поранешниот, сега веќе покоен, министер за образование, Абдулаќим Адеми, но Дашмир објасни дека освен пријателството, ништо друго не го поврзува со министерот.

„Дата понс“ е единствената издавачка куќа која одговори на нашето телефонско јавување. Сепак, оттаму одбиваат да дадат изјава за било кое прашање или дилема што може да се постави за проектот „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“, со образложение дека во времето кога се реализирал овој проектот во ова издавачка куќа не бил сегашниот сопственик.

Одговорност не сноси никој

Од МОН, за „Порталб.мк“, потврдија дека нема намера проектот да се продолжи, меѓутоа не кажаа дека ќе бараат кривична одговорност за предизвиканата штета.

Сигурно овој проект нема да се продолжи, бидејќи беше целосно промашен, рече кратко поранешната министерка за образование и наука, Рената Дескоска. (10.04.2018).

Оваа новинарска истражувачка сторија е поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.


Извор: Вистиномер

 

ОкоБоли главаВицФото