Грешката како составен дел на идентитетот

10.07.2018 11:11
Грешката како составен дел на идентитетот

Големиот фолозоф на кунг-футо Брус Ли еднаш изјави дека грешките треба секогаш да се простуваат, но само доколку починителот има храброст да ги увиди и признае. Првиот, христијанскиот дел од изјавата за простувањето е небитен, но во вториот дел е вграден основниот принцип на социјалната еволуција на човештвото и на развојот на цивилизациите.

Способноста да се учи од грешките е суштинската мисловна алатка што човекот ја добил (по грешка) од природата, а Роберт Опенхајмер, генијалниот американски физичар и мајстор на аналитичката мисла, приказната за грешките ја рационализираше во систем: „Со сигурност знаеме дека единствениот начин да ја избегнеме грешката е нејзиното препознавање и признавање, а единствениот начин за детектирање на грешката е слободата на истражувањето и преиспитувањето. Во темницата на незнаењето и тајноста, незабележаната грешка неминовно се развива во поголема грешка, што потоа почнува да цвета и да станува разорна.“

Без намера да укажувам на очигледните совпаѓања помеѓу кун-футо, атомската физика и човечките цивилизации, сакав да ја потенцирам важноста на фундаменталната вистина за нас самите: ние сме, за жал, општество што не само што не го одгледува методот на препознавање и критичко анализирање на грешките, туку токму обратно – ние сопствените грешки ги нормираме со закони, на нив се навикнуваме, за на крајот да станат „состојба без која не се може“, нераскинлив дел од нашиот идентитет.

Зраците на срамот и понижувањето

Оваа системска слабост на македонската цивилизација најдобро може да се набљудува на случајот на ВМРО – како веројатно најголемата општествено-политичка и цивилизациска грешка во македонската историја. Нема тоа зло што ова злосторничко здружување не ѝ го сторило на македонската држава и на нејзините граѓани, но попусто: ниту на криминалната банда нешто ѝ фали (а, тука пред сè мислам на партијата, а не на нејзиното бившо раководство), ниту им зафали нешто на нивните украдени милијарди евра, а гледам, ништо уште не ѝ зафали и на единствената Куќа на фашизмот во светот, на украдениот јавен плоштад пред неа и на единствената партиска фонтана и државен споменик со партиски амблем на планетата! „Скопје 2014“ со кретенските споменици на Александар и Филип, заедно сосе купот други понижувачки глупости што се платени со украдена милијарда евра, се криминал и цивилизациска грешка што се гледа не од вселената, туку и од подалеку: зраците што го разнесуваат нашиот срам и понижување се шират низ универзумот побрзо од светлината и веќе го „преварија“ и неговото ширење кон непознатото… И, ништо! Не само што не сме презеле нешто конкретно за да ги санираме последиците од оваа катастрофа, туку не наоѓаме за сходно тие теми воопшто да ги отвориме како јавен дискурс: практично ништо не сме направиле – на системско, општествено, цивилизациско, културно, а да не речам и на државно ниво – за препознавање, анализирање и учење од овие интергалактички грешки… ништо не сме направиле како осигурување дека грешките нема да се повторат, дека во незнаењето нема да процутат – како што вели Опенхајмер – и да почнат со конечното уништување на остатоците на она што некогаш беше македонска културна и државна посебност.

Далеку од интересот на јавноста цвета и го подрива просторот за живеење на сите граѓани – веќе безмалку две децении – една од причините за хаосот во просторот, за криминализираните закони за урбанизам и за градење, за уништените градителски, инженерски и градски стандарди и вредности… а, тоа е повеќе од очигледното и веќе никому чудно непостоење на министерството за урбанизам и градежништво!? Практично да нема земја без вакво министерство, а ние самите го имавме безмалку од раѓањето на Републиката, сè до неговото укинување од страна на ВМРО пред 18 години. И, никому ништо: сите се адаптираа на живот во тиња каде што ресорот на урбанистичкото планирање и градежништвото – практично најважните алатки за создавањето на националното богатство, се стопи некаде на дното на ресорите на Министерството за транспорт и врски.

 

Кретенски закони и изобличена стварност

Ако го отворите Законот за организација на органите на државната управа – во кој се уредени сите министерства, агенции, управи и слично – ќе видите дека во членот 27 каде што се уредени надлежностите на Министерството за транспорт и врски, од десетте надлежности наредени во алинеи, „станбено-комуналните работи, соодветната инфраструктура, уредувањето на просторот и управувањето со градежното земјиште во сопственост на Републиката“ се наредени бегло во деветтата алинеја, за по неа да следи и десеттата, дека министерството „врши и други работи утврдени со закон“. Значи, целото некогашно министерство за урбанизам и градежништво, целиот ресор на уредувањето на градежното земјиште, населените места, градењето… целиот животен простор и 27-те стопански гранки што го чинат градоградителството, планирањето и градењето, сето тоа е бутнато во последната надлежност на Министерството за транспорт и врски. Грдата стварност во која законите за планирање и градење се буквално кретенизирани и криминализирани, во која Министерството за економија издава одобренија за градење за индустриски зони, Министерството за земјоделие издава одобренија за градење на земјоделско земјиште, во кое Управата за културно наследство се бави со урбанистичко планирање и уште сто институции вршат упад во планирањето и градењето…. сето тоа е нормалност што не предизвикува ничија реакција: сите се адаптирани на изобличената стварност, а бучните реакции ќе следат дури кога ќе се појават текстовите на новите закони што нудат избавување од пеколот, што целат да ја исправат оваа понижувачки малоумна реалност! Го заслуживме ли простувањето на Брус Ли? Нема шанси.


Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото