Слаѓана

10.07.2018 14:59
Слаѓана

На 29 ноември 1965, било понеделник, мајка ми го оставила брат ми во комшии, ја скокнала болничката ограда и отишла да ме роди мене. Имала 32 години, татко ми не бил дома цел ден. Доцна ноќта, татко ми се прибрал дома, му кажале, и тој ја скокнал болничката ограда и отишол да ја побара мајка ми, да види дали се породила. Немало никој, тропал на вратата на болницата, му отворила некоја дежурна сестра и сонливо му рекла оти мајка ми се породила и дека сѐ е во ред, да дојде сабајле. „Сега сите спијат.“
- А што родила?
- Син – му рекла.

Татко ми не заспал цела ноќ, славел за вториот син. Заспал утрото и дури кон пладнето, на 30 ноември, отишол кај мајка ми. Тој бил долу, пред болницата, мајка ми горе, на прозорецот на вториот кат. Тој зборувал за бебето во машки род, таа – во женски.
- Ама, нели син?
- Ќерка – му рекла мајка ми.
- И ќерка? – препрашал.
- И ќерка – потврдила мајка ми.

Токму тоа „и“ направило вистинска забуна. Мајка ми мислела дека сега имаат „и ќерка“, бидејќи дома веќе имале син. Татко ми мислел дека мајка ми родила близнаци, и син „и ќерка“, што му се видело мошне нормално, со оглед на фактот дека и мајка ми е близнак. Пак славел уште еднаш за близнаците, потоа отишол кај кумот Благојa за имиња. „Слаѓан и Слаѓана.“

На 1 декември убаво се разбрале со мајка ми. Му кажала дека ме родила само мене. Една. Ќерка. На татко ми воопшто не му се допаѓале имињата на кумот Благоја и отишол кај него повторно, да му каже дека му треба само едно женско име, надевајќи се дека ќе му предложи некое друго.
- Тогаш само Слаѓана – рекол Благоја и татко ми си отишол незадоволен, ама не му пререкол. Татко ми си правеше што сака без да каже, ако не е за кажување.

Ме пријавил како Оливера. „Кога сме веќе Марковиќ, зошто не би била и Оливера. Нема подобра глумица, ни пејачка од Оливера Марковиќ.“
Кумот Благоја разбрал дури на крштевката, по неколку месеци, кога попот пеел „Оливера, Оливера...“
- Слаѓана, попе – довикнал, а татко ми го мушнал со лакотот и му шепнал:
- Извини куме, Оливера се вика.

27 години бев Оливера Марковиќ. Тоа сега е сосем обично, но во времето кога Оливера Марковиќ беше во зенитот на својата слава, да се викаш така не беше ни пријатно, ни едноставно. Никогаш не ги кажував заедно името и презимето. Го кажував или само едното или само другото сѐ до венчавката, кога речиси го прекинав матичарот додека го читаше прашањето за презимето, прегласно кажувајќи дека го земам презимето на маж ми. Беше понеделник.

Така засекогаш се спасив од Оливера Марковиќ, но кога и да запознам некоја Слаѓана сѐ уште имам чувство дека сме имењачки.

Слика: Marta Zafra

ОкоБоли главаВицФото