Хелсиншки бара да се спречат делата од омраза

10.07.2018 16:01
Хелсиншки бара да се спречат делата од омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија, изразува жалење за загубениот живот на младото момче Н.С.(20), кое вчера им подлегна на повредите со кои се здоби на 29 јуни 2018 година откако беше нападнат и брутално претепан од три лица.

„Најостро го осудуваме настанот и уште еднаш укажуваме на потребата од преземање сериозни мерки за спречување на делата од омраза, не само откако делото ќе се случи туку и превентивно односно преку санкционирање на употребата и ширењето на говорот на омраза.

Несомнени се последиците од несправувањето со говорот на омраза, нешто кое досега во многу случаи се потврди, но за жал не сме сведоци на бескомпромисноста во борбата против овие дела. Имено, ОЈО сè уште не постапува по допрен глас за случаи на говор на омраза иако јавноста редовно реагира и укажува на случаи на говор на омраза особено на социјалните медиуми. Уште повеќе, нашите согледувања говорат дека органите на прогонот сè уште соодветно не ги третираат делата од омраза туку најчесто ги водат како полесни дела, односно прекршоци.

Во изминатите шест и пол години (заклучно со мај 2018), Комитетот регистрираше вкупно 443 инциденти и дела од омраза, кои во најголем процент се случиле помеѓу малолетници (до 18 г.) или млади луѓе поради етничката припадност (нетрпеливост) на жртвата или сторителот.

Статистиката за загрижувачкиот број на случаите како и основите, редовно се објавува со цел да се укаже дека не се доволни само декларативни заложби против говорот на омраза и делата од омраза туку дека е потребно полицијата и обвинителството најпрво да започнат со препознавање и регистрирање на делата од омраза за да можат понатаму соодветно да ги казнат сторителите.

Единствено со соодветното санкционирање на говорот на омраза и делата од омраза, институциите на системот ќе испратат порака до граѓаните за својата сериозност и бескомпромисност во борбата против говорот на омраза и делата од омраза чии што последици најчесто ги трпат младите луѓе“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

 

 

Слични содржини

Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото