Партизанските песни нè учат како да го кренеме гласот

11.07.2018 00:40
Партизанските песни нè учат како да го кренеме гласот

Етномузикологот Ана Хофман во своите истражувања успешно ги поврзува музиката, звукот и политиката во постјугословенските општества, а посебно внимание им посветува на прашањата за родот, сеќавањата и активизмот. Авторка е на книгата „Новиот живот на партизанските песни“ и „Музика, политика, афект: новиот живот на партизанските песни во Словенија“. Предавач е на Филозофскиот факултет во Нова Горица и на постдокторската програма на истражувачкиот центар на Словенската академија за науки и уметности, а моментално е на постдокторски студии во Њујорк.

На фестивалот за активистички зборови одржан во Загреб учествуваа и оние кои, како 29 ноември од Виена и Комбинатки од Љубљана, пејат револуционерни партизански песни. Каков е политичкиот потенцијал на таквите песни денес?

Денешното време кое го одбележува кризата на неолиберализмот несомнено создаде нови фашизми, но исто така ги реактуелизираше антифашистичките и социјалистичките идеи на глобално ниво. Во моментот кога разгорувањето нови форми на протест стана дел од политичкото секојдневие тие идеи добиваат нов живот. За жал, на дело се нови борби за „старите“ вредности – социјалните, работничките права, правото на абортус итн. Овие песни се враќаат за да нè предупредат за важноста на кревањето на гласот, гласното изразување отпор и гласното залагање за општествени промени. Фактот дека партизанските, револуционерните и работничките песни повторно се слушаат на улиците не зборува за минатото туку за нашата сегашност, а впрочем најмногу за неможноста за замислување на иднината и некое ново, подобро општество. Оживувањето на партизанските, револуционерните и работничките песни исто така зборува дека полето на политичкото е преместено надвор од она што по правило го разбираме како место за политиката – собрание, политички партии, избори. Луѓето се чувствуваат исклучени од позициите на одлучување и препуштени се на милоста и немилоста на политичките класи како гласноговорници на крупниот капитал, па постоечките начини на политичка партиципација и мобилизација го изгубија својот потенцијал. Затоа сè повеќе се експериментира со нови начини на политичко дејствување, а активистичките хорови претставуваат важен дел од тие заложби за отворање нови простори на политичкото. Затоа политичкиот потенцијал на партизанските песни не можеме да го бараме исклучиво во нивните пораки туку и во фактот дека тие се изведуваат колективно и овозможуваат создавање нови форми на здружување. Пејачкиот активизам, како што во својата книга „Новиот живот на партизанските песни“ го нарекувам ваквиот облик на политичко ангажирање, овозможен е преку колективното искуство на сетилното како облик на политичност на уметноста и експериментирање со нови облици општественост.

Загледаноста во минатото

Дали исто така може да биде важно колективното здружување во хоровите?

Како што веќе истакнав, политичките потенцијали на уметностите се тесно поврзани со политиката на партиципација. Ангажираните аспекти на дејствувањето на хоровите не се само во мобилизирањето луѓето да се активираат социјално и политички, туку пред сè како пример за практика на здружување со сите внатрешни динамики кои ги следат. Постјугословенските активистички хорови функционираат според начелата на самоорганизација, хоризонтален принцип на организација и колективно одлучување. Преку размената на воздишки, фреквенции, афектни состојби, но и информации или облека, членките и членовите придонесуваат за трагање по нови начини на општествено вмрежување и креирање колективи на солидарност. Затоа може да се каже дека нивната цел е воспоставување нов „звучно-општествен поредок“ како отпор на пасивните, потрошувачки музички активности. Исто така, тие дејствуваат како простор за нови практики и на тој начин развиваат вид организација која претставува алтернатива на класичниот концепт за цивилно општество кој се темели на дефинирани внатрешни структури и хиерархиски начин на управување и одлучување. Сето тоа, се разбира, не подразбира отсуство на хиерархија, туку хоровите претставуваат комплексна мрежа на групи, поединки и поединци кои се здружуваат. Затоа ваквото музичко здружување, сепак, никако не подразбира сведување на поединечните членки и членови на делови од колективите.

Кога луѓето пејат партизански песни, дали тогаш не станува збор повеќе за романтичарско-носталгични чувства, сентименталност, а помалку за политичката агенда?

Главниот проблем е во тоа што политичностите на музичките жанрови поврзани со социјалистичкото минато нужно се посматраат во рамки на мошне поедноставените дихотомии на носталгијата – политичноста, ескапизмот – и ангажираноста. Додека траеше вториот фестивал на активистички хорови во Љубљана, социологот и некогашен член на панк групата Панкрти, Грегор Томц, изјави дека хорското пеење е надминато и дека не може да се смета за културен бунт, а уште помалку за културна критика. За него новооснованите хорови не носат ништо ново, неочекувано, ниту вознемирувачко, туку објаснува дека тоа е само носталгичен ескапизам кој е соодветен за државни прослави и црквени обреди, накратко за идеолошка потрошувачка. Иронично е што истиот ден хоровите беа главни актери на собирот во знак на поддршка на протестот во паркот Таксим Гези во Турција, а „Песната на отпорот“ на Ксение Јус во изведба на Женскиот хор Комбинат неколку месеци претходно беше прогласена за химна на протест во Љубљана. Изјавата на Томц уште еднаш потврди дека за политичкиот потенцијал на музиката во постјугословенскиот контекст се размислува во ограничена рамка на веќе споменатите дихотомии помеѓу политичкото и носталгичното, комерцијалното и ангажираното и ескапистичкото и еманципаторското. Застапувам спротивен став, кој не само што тврди дека загледаноста во минатото не е нужно пасивизација, туку може да биде и чекор понатаму кон еманципација. Кога се работи за музиката и звукот, сентиментализмот веќе одамна е потврден како важен канал за воспоставување различни облици јавна интимност и создавање нови солидарности. Длабоко сум уверена дека увидот во интензитетите на сетилните искуства на музиката, како спектар на чувства и афекти, потврдува дека сентиментализмот, исто како и идеализмот, е важен дел од политиките на иднината.

Кои процеси доведоа до тоа во деведесеттите луѓето да бидат приведувани заради пеење една од најпопуларните партизански песни, „Ој Козаро“? Како партизанските песни станаа замолчени?

Партизанските песни долго беа замолчувани како идеологизиран звук чија општествена ангажираност ја насочуваа партиските елити. После распадот на Југославија, антифашистичкото наследство стана симболичко бреме на плеќите на „новите граѓани“ и како такво беше екскомуницирано од референтната рамка на официјалните политики на сеќавањето во постјугословенските национални држави. Нивното револуционерно, општествено ангажирано и еманципаторско значење после 1991 година беше минимизирано и неутрализирано. Ревизионистичките процеси во новите држави ги изедначија поимите антифашизам, социјализам, комунизам и тоталитаризам, а партизанските песни како „звучна пропаганда на тоталитарниот режим“ мораа да бидаат оддалечени од нашите усни мембрани. Сега тие, пресоблечени во ново руво, добиваат нови животи и се чини дека го потценивме новото значење на идејата на антифашизмот и нејзината виталност, актуелност и потенцијал.

Спецификумот на Словенија

Како се случи во Словенија многу повеќе да биде сочуван континуитетот во однос на периодот на поранешната држава отколку што тоа е случај на пример во Србија и Хрватска?

Кога станува збор за изведувањето партизански песни по распадот на Југославија, потребно е да се осврнеме на низа идеолошки формации кои ги условуваат специфичностите на словенечкиот контекст. Тие се условени и од специфичноста на партизанскиот отпор во Словенија, позицијата на Словенија во рамки на Југославија и фактот дека таа е првата поранешна југословенска република која стана членка на ЕУ. Сепак, специфичностите на антифашистичкото движење во Словенија се нагласуваат од средината на осумдесеттите, а особено по стекнувањето независност. Со тоа дополнително е истакнато националното значење на НОБ, додека во Србија, Хрватска или БиХ ова минато му подлегна на порадикалниот ревизионизам од деведесеттите. Словенечкиот историчар Ото Лутхар наведува дека еден од доминантните пристапи на историското сеќавање на НОБ бил таканаречениот објективистички пристап, со акцент на национално помирување кое ќе овозможи прекин на тензиите помеѓу двата пола на поделеното општество. Овој вид „прикриен ревизионизам“ придонесе за таканаречената национализација на историјата од Втората светска војна и е претставена како неотуѓив дел од словенечкото национално битие. Затоа партизанските песни по распадот на Југославија во Словенија се покажаа како помалку спорни во однос на другите постјугословенски општества. Во останатите делови од некогашна Југославија етничката, класната, половата и генерациската плуралност е една од најважните карактеристики на партизанското движење. Акцентот не само на етничкиот аспект на НОБ, туку на НОБ како граѓанска војна, беше искористен за релативизација на улогата на колаборационистите, нивното претставување како национални ослободители и славењето на фашизмот, особено за време на југословенските војни. Во случајот на Словенија, отсуството на мултиетничка самоидентификација овозможи полесно позиционирање на уметничкото наследство на НОБ во доминантните национални рамки. Така партизанските хорови кои се основани за време и по Втората светска војна продолжија да настапуваат, а словенечките партизански песни не исчезнаа од репертоарот на „класичните“ хорови. Сепак, нивното изведување во деведесеттите главно беше сведено на прославите на здруженијата на борците од НОБ и важните годишнини во врска со Втората светска војна.

Но, до национализација на антифашизмот доаѓа и во другите постјугословенски републики?

Да, тие обиди се забележливи и во останатите постјугословенски општества. Неодамнешната судска рехабилитација на Дража Михајловиќ и актуелната постапка за рехабилитација на Милан Недиќ во Србија недвосмислено покажуваат дека официјалните политики сè повеќе го претставуваат антифашизмот како легитимно наследство, но тоа го прават така што го „деидеологизираат“ и интегрираат во етнонационални дискурси. Музејските изложби во кои гледаме слики на колаборационисти и партизани едни покрај други како дел од стратегиите за „национално помирување“ и ублажување на идеолошките поделби преку релативизација на колаборацијата, црковни обреди на партизанските гробишта, воведување нови празници – на пример Денот на сеќавањето на српските жртви во Втората светска војна – зборуваат за опасните тенденции од југословенското антифашистичко движење да се истисне борбата за општествена, класна, расна, родова и други еднаквости и социјални права. Останува само националното ослободување од окупаторот, неутрализирано и ослободено од „проблематичните“ идеолошки конотации. Активистичките хорови кои пејат партизански песни го прават токму спротивното: нагласуваат дека антифашизмот не бил само борба за ослободување против окупаторот туку еманципаторско движење и социјална револуција насочена кон радикална трансформација на општествените односи.

Слики: Alexander Bogen

Извор: https://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото