Ново име и нова поставка за Музејот на ВМРО

11.07.2018 01:10
Ново име и нова поставка за Музејот на ВМРО

Работната група при Министерството за култура која ја истражуваше оправданоста на постоењето Музејот на ВМРО, формирана во март, утврдила редица прекршувања на законите за буџет, за музеи и за заштита на културното наследство.

Констатирани се законски нерегуларности од идејата, па до изградбата на „Музејот на македонската борба за државност и самостојност/Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим“. За изградбата на музејот биле потрошени 12 милиони евра, а идејата за музејот првпат се појавува во буџетот од 2007 година со почетна сума од 16 милиони и 600 илјади денари. Дури една година подоцна е донесена одлука за основање на музејот, па во следните години од државната каса се одвојуваат средства за таа намена, посочи Донка Барџиева –Трајковска, член на работната група. Таа вели дека се прекршени Законот за буџет и спроведување на буџетот, Законот за музеи и Законот за заштита на културното наследство.

„Изградбата на овој музеј е ставена под ставката „музејска и кинотечна дејност“. Тоа е веќе прекршување на законот за буџет и злоупотреба на пари коишто се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската и кинотечна дејност. Во однос на другите две прекршувања, прекршен е Законот за музеи во делот кој се однесува на основање на музеј, треба да биде изработен елаборат, а него го нема, исто така нема побарано ниту согласност од матичната институција, односно Музејот на Македонија“, рече Барџиева Трајковска.

Прекршување има и кај законот за заштита на културно наследство, кога музејот бил прогласен за културно наследство „екс леге“, но за тоа треба да постојат одредени услови, односно музејскиот материјал да се валоризиран и категоризиран со вредност за значајно културно наследство, што воопшто не е направено, особено не било во моментот кога во 2013 година го добило тој статус.

„Истото се однесува и на депандансот на Порта Македонија која не знаеме по кој основ го добива тој статус на културно наследство. Дополнителна е и набавката на материјалите кои оделе преку Управата за заштита, тоа е еден обемен дел и уште еден основ на прекршување, бидејќи Управата не е надлежна да откупува музејски материјали“, вели Барџиева-Трајковска.

Утврдено било и дека е спорна стручноста на историчарите кои биле ангажирани за музејот, бидејќи како што беше речено, единствени надлежни за музеите се музејските работници и кустосите. Ангажираните професори можеле да учествуваат во изборот и концепцијата на одредени делови од поставките, но наместо тоа, тие се спомнувале во документите при изработките на проектните програми за восочните фигури и уметничките слики.

Работната група не предлага затворање на сегашниот Музеј, туку негово преименување со скратување на името во „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“. Тие му препорачуваат на Министерството да формира експертска комисија која ќе изработи нова историска поставка во која ќе има повеќе оригинални документи, а помалку слики и восочни фигури. Идејата е, велат, да имаме музеј кој ќе се фокусира врз соживотот, а не врз поделбите во општеството.

„Генерално е проблем тоа што во Музејот доминантно место имаат восочните фигури и платната, а не оригиналите. Целата музејска поставка концепциски е правена театарски. Не добивате впечаток дека сте во музеј, како на театарска сцена да сте, зошто оригиналните предмети се губат, или се сместени во многу мал дел од просторот“, рече синоќа на прес конференција, Александар Литовски, претседател на работната група.

 

Слични содржини

Јавни простори / Став / Култура
Јавни простори / Култура
Општество / Живот / Култура
Јавни простори / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото