Писмо до младата глумица

12.07.2018 16:11
Писмо до младата глумица

 Мала госпоѓице,

Вашата мајка ми беше другарка од детството, се сеќавате, сте ме виделе додека уште бевте сосем малечка, и оттука ми покажувате доверба која еднакво ме збунува колку и што ме трогнува. Не би ја заслужил таа доверба кога не би Ви одговорил, онака како што тоа би ѝ го направил и на Вашата мајка, не колебајќи се да Ви нанесам понекоја болка.

Ја игравте Естер во Sacre-Coeur, Les Romanesque кај Ligier-Dechamps и Овчарката во земјата на волците за делото на г-ѓа Сибиенс; учевте дикција кај честитиот отец Montorgeulime, „ексглумецот на париските театри“, нашиот мал град Ви го признава талентот, а името „уметник“ во него не предизвикува ужас, како пред некои четириесетина години кога го напуштив; сте ги прочитале сите класици на библиотеката Petite Illustration; сте сонувале за најубавите претстави на светот. Се разбира дека сте веќе заразени и дека веќе не мислите на ништо друго освен на театар.

Не постои понесигурна кариера. Воопшто не верувам во непризнаени гении. Писателот, музичарот, сликарот, се сами пред својата задача: нивното дело зависи само од нив самите. Но, актерот зависи од другите, потребно е да се раздели за да се афирмира; понатаму, потребно е режисерот да не се измами во однос на него, да не го насочува погрешно кон одредена задача преку која ќе е осуден со карактерот на својата личност. Можеби има непознати глумци кои имаат еднакво талент колку и најславните, а тоа никогаш не успеале да го покажат. Случајот меѓу нас игра многу поголема улога отколку на друго место.

Вие, се разбира, не се плашите и сте спремни да си ја пробате среќата? Ајде малку да погледнеме каква е таа среќа!

Вие сте од премногу добро потекло за да Ве привлекува, макар потсвесна, желба за егзибиционизам. Мошне сте образована - песните кои ми ги праќате докажуваат голема книжевна дарба – така што, постојат и други начини да се изразите, освен преку глумата. Постои, значи, трет двигател кој Ве движи, а кој е најавтентичен и кој го создава најголемото: се чувствувате пријатно во сопствената кожа и чувствувате тежнеење кон имагинарни ликови: изобилие на сензибилност во неизградена личност.

Да претпоставиме дека сè ќе оди најдобро. Добивате многу брзо важни улоги и тие Ви одговараат. Еве Ве во полна еуфорија. Но, во секоја нова креација Вашата персоналност, ионака веќе слаба, секој пат сè повеќе слабее. Вашите суштества живеат од Вас и колку што е Вашиот талент повистинит толку Вие поцелосно им се давате! Со радост на почетокот. Потоа, бидејќи сте глумеле во многу љубовни сцени, ќе станете неспособни да сакате во животот: ако се потрудите, тоа ќе биде уште една улога, не толку добра, несомнено, и Вие тоа ќе го знаете. Штом сфатите дека Вашите ликови Ве апсорбирале, ќе Ве обземе паника: „ѕвездите“ често имаат лош карактер зашто веруваат дека на тој начин ја докажуваат личноста, а свесни се дека веќе ја немаат. Нивнитe неумесни барања, непрестајно променливите и императивни желби, ја кријат нивната неодлучност; силовити се и непостојани, а нивната суета не е ништо друго туку признание дека веќе не можат да имаат достоинство. Ги сметаат за омразени и смешни, а тие се кутри.

Староста брзо ќе дојде. Наскоро Вашите најмлади улоги веќе нема да Ве сакаат. Публиката губи на вредност со тоа што добива на број - најелегантната е најнеобразована, најцеребралната е најнечувствителна - има сурови барања кои ѝ ги дал филмот. Г-ѓа Марс ја играше Agnese со наполнети шеесет години, денешната сала би ја исмеала Г-ѓа Марс. Една вечер ќе се смеат зашто во некоја реплика ќе речете дека имате дваесет години. Мртва улога. Друга вечер ќе се рашири шега зашто некоја реплика ќе вели дека сте убава. Втора мртва улога. И уште една, па уште една и уште една. И, кога ќе бидете дебела госпоѓа отежната од сало, или слаба - глава од мумија на сноп жили - кога ќе Ве напуштат сите Ваши улоги кои постоеле наместо Вас, нема само да бидете сами, туку ќе бидете никој.

Сфатете го ова добро, мала госпоѓице. Да му се посветите на театарот, ако не сте само чиновник, тркалце, туку го чувствувате повикот, значи да ја прифатите таквата завршница. Она што го нарекуваат „театарско животно“, тоа е жртва однапред обележана за жртвување.

Ви го кажав тоа зашто морав да Ви го кажам, ако добро знаете што правите и ако одлучите тоа да го правите, можете да сметате дека ќе Ви помогнам најдобро што можам да се качите на олтарот.


Останувам секогаш Ваш добар пријател.

                                                                        Гастон Бати

П.С. Повторно го прочитав ова писмо и сè во него е повеќе од вистина. Животот во театарот, особено ако се работи за жена, има таков крај.

Но, да се живее вон театарот, дали тоа воопшто значи да се живее?

(1953 г.)

Слики: Gustav Adolf Mossa
Превод: Јасмина Билаловиќ

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Балкан / Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото