1022 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 21:59
Ќе го намалиме цензусот за референдумско изјаснување на граѓаните за прашања од локално значење. Со тоа граѓаните ќе можат директно и без пречки да ја изразат и да ја наметнат својата волја за важни прашања од локален карактер.
[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр.164 и стр. 229 , датум: декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека во привите шест месеци од мандатот ќе го намали цензусот при референдумско изјаснување за прашања од локален карактер, досега (11.07.2018), не е исполнето.
Ова изборно ветување на социјалдемократите е посочено на две места во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ . Најнапред во поглавјето „ Европска иднина и квалитетен живот“, во делот „Локална самоуправа и регионален развој“, каде на стр. 164 е наведено дека во функција на „Зголемување на транспарентноста и отчетноста“ , ќе се зголеми непосредното учество на граѓаните во одлучување на локално ниво и во контрола на спроведувањето на усвоените политики. И притоа е ветено дека:
Ќе се намали цензусот за референдумско изјаснување на граѓаните за прашања од локално значење...
Ветувањето дека ќе биде намален прагот за референдумот за локални прашања го има и на стр.229 од изборната програма на СДСМ, во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“, во делот „Власт поблиску до граѓаните“. Што значи според рокот за реализација наведен во програмата (првите 180 дена од доаѓањето на власт), цензусот за референдум за локални теми требаше да биде намален најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.). Сепак, наспроти ваквите планови досега (11.07.2018) , иако е поминато повеќе од една година (13 месеци) од промената на власта, тоа не се случи.
Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст (11.07.2018), не е донесено ново законско решение кое ќе овозможи одлуката при локален референдум да биде донесена со помала излезност на граѓаните (помал цензус).
Сѐ уште се на сила одредбите од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување, донесен во 2005 година, според кои за да биде успешен референдумот, односно да биде донесена референдумска одлука, на гласање треба да излезат 50 отсто плус еден, од бројот на избирачи запишани во Избирачкиот список на општината.
Поточно, во врска со цензусот за прашања од локален карактер, во поглавјето (3) „Референдум на локално ниво“ во Член 41 став 1 од овој Закон е предвидено дека:
Член 41
Одлуките на референдум на локално ниво се сметаат за донесени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список за општината, градот Скопје и општините во градот Скопје каде што се спроведува референдумот.
*** Забелешка
Пред околу шест месеци (22. 01.2018) Министерството за правда објави предлог измени на Законот за референдум на Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР), а наредниот ден (23.01.2018) ги повлече, откако медиумите објавија дека законските измени ќе се носат во скратена постапка и без јавна расправа. Од Министерството за правда тогаш соопштија дека со предложените измени не се менува суштината на Законот, туку станува збор за усогласување на термини со други закони (Изборниот законик), но и дека со нив се напуштале одредени застарени решенија. Сепак, досега нема информација ниту за тоа кога ќе бидат направени и објавени споменатите корекциите за техничко усогласување на Законот за референдум.
ИЗВОРИ:
Предизборна програма на СДСМ (2016) „План за живот“, стр 229 и стр.231 [Пристапено на 11.07.2018]
Фискална транспарентност Македонија (ФТМ): Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните [Пристапено на 11.07.2018]
Право.орг.мк : Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните [Пристапено на 11.07.2018]
Тајм.мк (23.01.2018): Законот за референдум одложен, измените нејасни [Пристапено на 11.07.2018]
Мета (23.01.2018): Министерство за правда ги одложи измените на Законот за референдум [Пристапено на 11.07.2018]
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.
Извор: Вистиномер