Македонија на дното на Европа според иновативноста

13.07.2018 00:41
Македонија на дното на Европа според иновативноста

Република Македонија е на 84-то место од 126 држави во светот според послединот Глобален индекс на иновации. Во споредба со минатогодишното рангирање, земјава има пад од 23 места и се наоѓа зад Азербејџан и Албанија, а пред Индонезија.

Македонија се најде на претпоследното место меѓу европските држави, единствено подобра од Белорусија. Во окружувањето, најиновативна држава е Словенија (30 место), по што следуваат Бугарија (37), Хрватска (41), Грција (42), Црна Гора (52), Србија (55), Босна и Херцеговина (77) и Албанија (80).

Глобалниот индекс на иновативност, кој го објавуваат Корнел Универзитетот, Светската организација за интелектуална сопственост и бизнис институтот ИНСЕАД, излегува веќе 11 години и се пресметува според 80 различни индикатори за секоја од државите преку кои се прикажува визијата за иновативност.

Секоја од државите е рангирана според седум генерални области. Македонија е најдобро позиционирана според категоријата „институции“, која ги мери политичкото, законското и бизнис окружувањето – рангирана на 49-то место, додека најлош резултат покажува во категоријата „креативен резултат“, каде е позиционирана на 107-то место, која ги мери бројот на брендови, филмови, медиуми, ажурирања на Википедија, мобилни апликации и други слични параметри.

Оваа година Швајцарија, Холандија, Шведска, Велика Британија и Сингапур се петте најиновативни држави според анализата, додека на дното на рангирањето се Буркина Фасо, Того и Јемен.

 

Извор: www.globalinnovationindex.org