Бекет во Белград

13.07.2018 01:04
Бекет во Белград

Неодамна, пишувајќи еден текст кој попатно се однесуваше на односот на приватното и јавното, објавувањето и повлекувањето, се потсетив на една многу впечатлива белешка во книгата на југословенскиот писател, критичар и филозоф Радомир Константиновиќ (Radomir Konstantinović, 1928-2011) кои се однесуваат на неговата преписка со ирскиот нобеловец Семјуел Бекет (Samuel Beckett, 1906-1989).

Оваа исклучителна книга на Константиновиќ, едноставно насловена „Бекет, пријател“ е еден од најинтересните увиди во релацијата помеѓу приватниот свет на Бекет и неговиот творечки опус. 

Константиновиќ на кој со посебно чувство на задоволство се навраќам, инаку е најмногу препознатлив по неговата култна „Филозофија на паланката“ (Filosofija palanke, 1969) и капиталнниот есеистичко-теориски преглед на српската поезија во осум томови насловен „Битието и јазикот“ (Biće i jezik, 1983). 

Во прилог ви претставуваме еден краток извадок од книгата на Константиновиќ, белешка која се однесува на фотографијата снимена на 12 јули 1958 година, а е спомената во писмото на Бекет до Контсантиновиќ од 20 јули 1958 година испратено од Ловран.

„1) Тоа е Катја со Бекет, пред издавачката куќа „Космос“, на улицата Народен фронт. Зад нив е Добрињска улица. Снимката (на репортерот на „Политика“, Србољуб Враниќ) е од 12 јули, во 10 часот претпладне, кога Бекет дојде во „Космос“, непосредно пред напуштањето на Белград, за да го подигне хонорарот за „Молоа“. Фотографијата е објавена во „Политика“ ден по неговото заминување (во недела, на 13 јули), заедно со краток тект „Семјуел Бекет во Југославија“ (Samjuel Beket u Jugoslaviji).

Не знам како репортерот на „Политика“ се нашол таму (не присуствував на Бекетовото доаѓање во „Космос“), но тоа, секако, беше ризично: му ветивме на Бекет, на негово изречно барање, дека никој нема да знае за неговото доаѓање. Дирдри Бер, неговата прва биографка, вели дека тој и тргнал на ова патување за да провери дали може да патува „инкогнито“. Не сум сигурен дека е баш така. Но извесно е: се ужаснуваше од публицитет. Во тоа гледаше насилство над приватноста, која за него беше над сè (Д. Бер вели дека негувал „религија на лична дискреција“, и тоа е точно), но приватност не како нешто своинско, туку како ствар на осаменоста, скриеноста. Нешто како латинското privatus - скриен; или англиското privacy - во второстепеното значење: повлеченост, осаменост, скриеност, - па и тишина, тајност; како private - приватен, но и таен, потаен, скриен; исто така осамен, повлечен. Слободата за Бекет не е слобода за јавноста, туку слобода од јавноста: слобода од овој свет чиј концепт за слободата е слобода за јавноста: за целосно објавување на личноста, за нејзино што поголемо поопштествување. Бекет во оваа слобода, како слобода за јавност, гледа насилство над личноста, насилство над слободата. Бекет во самиот концепт за слобода на овој свет гледа (препознава) насилство. Бекет, кој се ужаснува од фотографи, од новинари, од биографи (од овие дури најмногу), е токму тој Бекет кој се ужаснува од слободата како слобода за насилство. Како не-слобода. Се обидуваше да се сокрие во сенка, на маргината на светот (таму каде што неговите „јунаци“, биолошки инвалиди, социјални инвалиди): неговата приватност е, всушност, ствар на оваа посакувана маргиналност, упорно чувана, дури догматски, суштина на тој маргинализам. Тука, во тој маргинализам, се среќаваат и меѓусебно се препознаваат неговата поетика, неговата синтакса, неговиот морал и неговата егзистенција. Упорно настојуваше да остане во сенка (барем оној Бекет кој јас го „знаев“?), како овде, во овој свет, во сенката да е единствената возможна слобода. (...)“


Од книгата: Radomir Konstantinović, Beket, prijatelj (Beograd: Otkrovenje, 2000), str.24-25.

Избор и превод: В.Ј.

 

 

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Око
Психологија / Теорија / Око
Книжевност / Музика / Око
Книжевност / Стрип / Око
Книжевност / Око

ОкоБоли главаВицФото