Филозофијата на Џорџ Сорос и нејзината фатална мана

13.07.2018 02:01
Филозофијата на Џорџ Сорос и нејзината фатална мана

Кон крајот на месец мај, истиот ден кога беше отпуштена од нејзината матична телевизиска куќа Еј-Би-Си поради расистички твит за советничката на Обама Валери Џарет, Розен Бар ја обвини Челси Клинтон дека е мажена за внук на Џорџ Сорос. Во својот твит Бар напиша „Челси Сорос Клинтон“, знаејќи дека комбинацијата на имиња е сосема доволна да предизвика реакција. Во неповрзаните коментари што следуваа, најмладиот член на семејството Клинтон ѝ одговори на Розен со пофалба за филантропската работа на Сорос преку неговите Фондации Отворено општество. Бар возврати на најразочарувачки можен начин, повторувајќи ги лажните тврдења што претходно ги пласираа десничарските медиумски личности: „Извини што твитнав неточни информации за тебе! Те молам прости ми! Патем речено, Џорџ Сорос е нацист кој ги предал своите сонародници Евреи да бидат убиени во германските концентрациони кампови и го украл нивното богатство, дали си свесна за тоа? Но, сите ние правиме грешки, нели Челси?“

Набрзо потоа твитот на Бар го споделија конзервативци, вклучително и Доналд Трамп помладиот. Тоа не би требало да биде изненадување за никого. Меѓу радикалната десница, Сорос е еднакво омразен како и Клинтонови. Тој е вербален тик, клуч што одговара на секоја брава. Неодамна, поранешен републикански конгресмен за Вашингтон пост изјави дека името на Сорос предизвикува „емотивен протест меѓу лесно заведената маса народ“. За нив тој е „еден вид злокобник што дејствува од сенка“. Ваквата антисемитска карикатура за Сорос го следи филантропот децении наназад. Но, во последните години, карикатурата прерасна во нешто што повеќе наликува на негативец од филмовите за Џејмс Бонд. Дури и за конзервативците кои не ги прифаќаат најтемните фракции на ултра-десничарската политика, описот на Сорос даден од порталот Брајтбарт како „глобалистички милијардер“ кој посветено работи Америка да ја направи либерална депонија е неконтроверзен и здраворазумен.

Наспроти ваквата опсесија со Сорос, постои изненадувачки мал интерес за она што тој навистина мисли. За разлика од повеќето членови на класата милијардери кои зборуваат во завиена форма и се воздржуваат од сериозен ангажман во граѓанскиот живот, Сорос е интелектуалец. Личноста која може да се долови од неговите книги и бројните авторски написи не упатува на плутократ кој нема допир со реалноста, туку на провокативен и конзистентен мислител посветен да го турка светот во космополитска насока каде расизмот, доходната нееднаквост, американската империја и отуѓеностите на современиот капитализам би станале работа на минатото. Тој е исклучително перцептивен за ограниченоста на пазарите и моќта на САД, во домашен и во меѓународен контекст. Накусо, тој е меѓу најдобрите производи на меритократијата.

Токму од таа причина неуспесите на Сорос се многу важни; тие не се неуспеси само на еден човек, туку на една цела класа и даваат нов начин за разбирање на светот. Од своите почетоци како банкар во поствоен Лондон, Сорос верува во неопходната врска меѓу капитализмот и космополитизмот. За него, како и за повеќето негови врсници и поголемиот дел од лидерството на Демократската партија, слободното општество зависи од слободни (но сепак регулирани) пазари. Таквата претпоставена врска се покажа како лажна. Децениите по крајот на студената војна покажаа дека, во отсуство на перципиран егзистенцијален непријател, капитализмот има тенденција да ја поткопува културата на доверба, сочувство и емпатија од којашто зависи „отвореното општество“ на Сорос, преку концентрацијата на богатството во рацете на неколкумина.

Наместо глобалната капиталистичка утопија која во спокојните 90-ти години ја предвидуваа оние кои прогласија крај на историјата, во моментов во САД владее несмасен наследник кој го збогатува сопственото семејство додека истовремено го урива „либералниот меѓународен поредок“ што требаше да владее во еден мирен, просперитетен и обединет свет. Иако Сорос ги увиде ограничувањата на хиперкапитализмот многу порано од другите, неговата класна позиција го прави неспособен да се застапува за коренити и целосни реформи потребни за создавање на светот што тој го посакува. Системот што му овозможи на Џорџ Сорос да го стекне сопственото богатство се покажа дека е систем во кој космополитизмот никогаш нема да најде стабилен дом.

Главните моменти од биографијата на Сорос се добро познати. Роден во еврејско семејство од средна класа во Букурешт, во 1930 година, како Ѓерг Шварц, Сорос - чиј татко го сменил семејното име во 1936 година за да избегне антисемитска дискриминација - имал мирно детство до втората светска војна кога, по нацистичката инвазија на Унгарија, тој и неговото семејство биле принудени да преземат христијански идентитети и да живеат под лажно име. За чудо, Сорос и неговото семејство ја преживеале војната, избегнувајќи ја судбината на повеќе од две третини Евреи во Унгарија. Чувствувајќи се задушен во новата комунистичка Унгарија, во 1947 година Сорос имигрира во Обединетото Кралство каде студира на Лондонската школа за економија и се запознава со Карл Попер, филозоф со австриско потекло, кој станува неговиот најголем соговорник и централно интелектуално влијание.

Во 1956 година, Сорос се сели во Њујорк за да почне кариера во финансискиот свет. По повеќе од една деценија работа на различни позиции на Волстрит, кон крајот на 60-те години тој го основа Квантум фонд, кој пак станува еден од најуспешните хеџ фондови на сите времиња. Како што неговиот фонд почнува да акумулира профити, Сорос се профилира како легендарен берзански трговец, најпознат по тоа што во ноември 1992 година заработува повеќе од 1 милијарда долари и ја „руши Банката на Англија“ обложувајќи се дека фунтата е превисоко поставена наспроти германската марка.

Карл Попер, чии написи имале клучно влијание врз размислувањето на Сорос за „отвореното општество“. 

Денес, Сорос е еден од најбогатите луѓе во светот и - заедно со Бил Гејтс и Марк Закерберг - се вбројува меѓу политички највлијателните филантропи во САД. Сепак, за разлика од Гејтс и Закерберг, мисловната и филантропската кариера на Сорос се организирани околу идејата за „отворено општество“ , термин развиен и популаризиран од Попер во неговото класично дело Отвореното општество и неговите непријатели. Според Попер, отворените општества гарантираат и заштитуваат рационална размена, додека затворените општества ги принудуваат луѓето да се потчинат на авторитет, без оглед дали тој е верски, политички или економски.

Од 1987 година наваму, Сорос објавува 14 книги и голем број авторски написи за Њујорк ривју оф букс, Њујорк тајмс и за други весници и магазини. Овие текстови јасно ставаат на знаење дека, како и повеќето припадници на централно-левичарската ориентација кои станале угледни во 90-те години, дефинирачкиот интелектуален принцип на Сорос е неговиот интернационализам. За Сорос, целта на современото човеково постоење е да воспостави свет кој нема да биде дефиниран од суверени држави, туку од глобална заедница чиишто конституенти разбираат дека сите делат заеднички интерес за слобода, еднаквост и просперитет. Според него, создавањето на едно такво глобално отворено општество е единствениот начин да се осигури дека човештвото ги надминува егзистенцијалните предизвици на климатските промени и нуклеарната пролиферација.

За разлика од Гејтс, чијашто филантропија главно се фокусира на проекти за подобрување на одредени состојби како, на пример, искоренување на маларијата, Сорос сака вистински да ги трансформира националната и меѓународната политика и општество. Останува да се види дали неговата визија може да го преживее бранот на антисемитски, исламофобичен и ксенофобичен десничарски национализам кој е во подем во САД и во Европа. Сепак, она што е сигурно е тоа дека Сорос ќе го потроши остатокот од својот живот обидувајќи се да успее во тоа.

Сорос ја почнува својата филантропска работа во 1979 година кога „после долго размислување, сфатил дека има доволно пари“ и дека може да се посвети да го направи светот подобро место. За таа цел, тој го основа Фондот Отворено општество, кој брзо прераснува во транснационална мрежа на фондации. Покрај неговите заложби за финансирање академски стипендии за црните студенти за време на апартхејдот во Јужна Африка, приманата грижа на Сорос е комунистичкиот блок земји од Источна Европа. Кон крајот на 80-те години, тој отвора канцеларии на неговата фондација во Унгарија, Полска, Чехословачка, Бугарија, и Советскиот Сојуз. Исто како Попер пред него, Сорос смета дека комунистичките земји од Источна Европа се ултимативниот модел на затворени општества. Доколку е во можност да ги отвори овие режими, тој би му покажал на светот дека парите, во одредени случаи и во најмала рака, можат да помогнат за мирно отфрлање на опресијата без воена интервенција или политичка субверзија кои се омилените алатки на лидерите од студената војна.

Во 1984 година, Сорос ја формира својата прва странска фондација во Унгарија и неговите заложби таму служат како модел за неговите активности во тој период. Во текот на таа деценија, тој доделува стипендии на унгарски интелектуалци за да ги донесе во САД; обезбедува машини за копирање за библиотеки и универзитети; нуди грантови на театри, библиотеки, интелектуалци, уметници и експериментални училишта. Во својата книга од 1990 година Отворање на советскиот систем, Сорос пишува дека тој смета дека неговата фондација помогнала во „уривањето на монополот на догмата [во Унгарија], преку обезбедување алтернативен извор на финансии за културни и општествени активности“ кои, според неговите проценки, одиграле клучна улога во произведување внатрешен колапс на комунизмот.

Користењето на зборот догма од страна на Сорос упатува на два клучни елементи од неговата мисла: неговото цврсто убедување дека идеите, повеќе од економијата, го оформуваат животот; и неговата верба во капацитетот на човештвото за напредок.

Според Сорос, догматскиот модел на размислување, кој е карактеристичен за затворените општества, направил да биде невозможно тие да се приспособат на променливите пресврти на историјата. Напротив, „како што се менуваат реалните услови“, луѓето во затворените општества се принудени да ја следат атавистичката идеологија која станува сè повеќе неубедлива. Кога оваа догма конечно станува премногу очигледно дисконектирана од реалноста, тврди Сорос, обично се појавува револуција што го урива затвореното општество. Спротивно на тоа, отворените општества се динамични и се способни да го коригираат курсот секогаш кога нивните догми ќе застранат од реалноста.

Гледајќи го падот на советската империја меѓу 1989 и 1991 година, Сорос требало да одговори на едно суштинско стратегиско прашање: што ќе направи неговата фондација сега, откако затворените општества во Источна Европа почнале да се отвораат? Пред самиот распад на Советскиот Сојуз, Сорос објавува ажурирана верзија на неговата книга Отворање на советскиот систем под наслов Финансирање демократија, во која ја обелоденува својата нова стратегија: тој ќе се посвети на градење постојани институции кои би ги одржале идеите што ги мотивираа антикомунистичките револуции, истовремено моделирајќи ги практиките на отвореното општество за ослободените народи од Источна Европа. Најважна меѓу овие институции е Централноевропскиот универзитет (ЦЕУ), формиран во Будимпешта во 1991 година. Основан од Сорос, ЦЕУ бил наменет да послужи како извор на мисла за новиот транснационален европски свет и центар за обука на новата транснационална европска елита.

Активист отстранува анти-Сорос постер во Будимпешта, Унгарија. Фотографија на: Бернадет Сабо /Ројтерс

Како може Сорос да се осигури дека новите отворени општества ќе останат слободни? Сорос станал полнолетен во ерата на Маршаловиот план и од прва рака ја искусил американската дарежливост во поствоен Лондон. За него, ова искуство покажало дека слабите и исцрпените општества не можат да се рехабилитираат без значајна инвестиција на странска помош која би ги олеснила екстремните услови и би обезбедила минимална материјална основа за развој на вистинските идеи за демократијата и капитализмот.

Од таа причина, во доцните 80-ти и раните 90-ти години, Сорос го повторува аргументот дека „само деус екс макина на западната помош“ може да го направи источниот блок засекогаш демократски. „На луѓето кои цел свој живот го минале во тоталитарен систем“, тврди тој, „им треба надворешна помош за да ги преточат своите аспирации во реалност“. Сорос инсистира дека САД и Западна Европа треба да им доделат значителна материјална помош на земјите од Источна Европа, да им дадат пристап до европскиот заеднички пазар, и да промовираат културни и образовни врски меѓу Западот и Истокот „што му прилегаат на едно плуралистичко општество“. Сорос признава дека откако ќе се постигне тоа, Западна Европа мора да ја прими Источна Европа во Европската заедница, со што би се спречила идна поделба на континентот во блокови.

Далековидните идеи на Сорос остануваат игнорирани. Од 90-те години наваму, тој ја припишува појавата на клептократија и хипернационализам во поранешниот источен блок на отсуството на визија и политичка волја на Западот во тој суштински момент. Во 1995 година, тој се жали со зборовите: „се чини дека демократиите страдаат од недостиг на вредности... [и] се непоправливо неподготвени да преземат дел од каква било болка кога нивните витални самоинтереси не се под директна закана“. За Сорос, Западот покажал голем неуспех во таквата епохална задача, со што ја открил својата кусогледост и неодговорност.

Но, во тој момент Западот бил ограничен од многу повеќе од отсуство на политичка волја. Во ерата на „шок терапија“, западниот капитал се преселува во Источна Европа, но тој капитал бил главно инвестиран во приватната индустрија наместо во демократски институции или градење на локалните заедници, што пак им помогнало на клептократите и антидемократите да ја преземат и да се одржат на власт. Сорос го идентификува клучниот проблем, но не е во можност да разбере како самата логика на капитализмот, која му дава предимство на профитот, неминовно го поткопува неговиот демократски проект. Сорос останува претесно врзан за системот што самиот го освоил.

Во пресрет на студената војна, Сорос се посветува на истражување на меѓународните проблеми кои ја спречуваат реализацијата на глобално отворено општество. По азиската финансиска криза од 1997 година, кога колапсот на валутата во Југоисточна Азија се заканувал со светски економски пад, Сорос напиша книги во кои се осврнува на двете главни закани коишто тој смета дека се надвиснати врз отвореното општество: хиперглобализацијата и пазарниот фундаментализам. По колапсот на комунизмот, обете закани стануваат хегемонистички сили.

Сорос аргументира дека историјата во периодот по студената војна, како и неговите лични искуства како еден од најуспешните берзански трговци на меѓународниот финансиски пазар, покажале дека нерегулираниот глобален капитализам го поткопува отвореното општество на три различни начини. Прво, бидејќи капиталот може да се премести заради избегнување даноци, западните нации се лишени од финансиите што им се потребни за да обезбедат јавни добра за граѓаните. Второ, бидејќи меѓународните кредитори не се предмет на строга регулација, тие често се впуштаат во „нездрави практики на зајмување“ кои се закана за финансиската стабилност. На крај, бидејќи овие реалности ја зголемуваат домашната и меѓународната нееднаквост, Сорос стравува дека тие би ги поттикнале луѓето да преземат неспецифицирани „очајни дејствија“ кои би можеле да нанесат штета на одржливоста на глобалниот систем.

Многу порано од повеќето колеги со централно-левичарска ориентација, Сорос ги увидува проблемите што лежат во сржта на финансиски-фокусираните и дерегулираните „нови економии“ од 90-те и 2000-те години. Повеќе од кој било негов либерален врсник, тој признава дека прифаќањето на најекстремните форми на таквата капиталистичка идеологија може да ги вовлече САД да промовираат политики и практики што ја поткопуваат демократијата и претставуваат закана за стабилноста - дома и во странство.

Според Сорос, единствениот начин за спас на капитализмот од самиот капитализам е да се воспостави „глобален систем за донесување политички одлуки“ со строго регулирани меѓународни финансии. Сепак, уште во 1998 година Сорос сфаќа дека САД се главниот опонент на глобалните институции. Во тоа време Американците веќе одбиле да се приклучат на Меѓународниот суд на правдата; одбиле да го потпишат Договорот од Отава со кој се забранува користење земјени мини; и еднострано наметнуваат економски санкции секогаш и секаде каде тоа се чини соодветно. Сепак, Сорос се надева дека американските креатори на јавната политика некако ќе прифатат дека во нивен најголем интерес е тие да бидат предводници на коалиција од демократии посветена на „промоција на развојот на отворени општества [и] зајакнување на меѓународното право и институциите потребни за глобално отворено општество“.

Но Сорос нема програма како да го модифицира растечкото непријателство на американските елити кон формите на интернационализам што не одат во прилог на нивната сопствена воена моќ или не им обезбедуваат директни и видливи економски придобивки. Тоа е значајната празнина во мислата на Сорос, посебно ако се има предвид неговото инсистирање да им се даде предност на идеите при поттикнувањето историска промена. Наместо добро да го промисли овој проблем, тој едноставно изјавува дека „промената ќе треба да почне со промена на ставовите, кои потоа постепено би се преточувале во промена на политиките“. Статусот на Сорос како член на хипер елитата и неговото верување дека, и покрај сите нејзини пропусти, историјата оди во вистинска насока, го прават неспособен целосно да ги земе предвид идеолошките пречки што стојат на патот на неговиот интернационализам.

Воениот одговор на администрацијата на Џорџ Буш по нападите од 11 септември го принудуваат Сорос да го сврти своето внимание од економијата кон политиката. За Сорос, сите аспекти од идеологијата на администрацијата на Буш се анатема. Како што самиот наведува во неговата книга од 2004 година Балонот на американската супериорност, Буш и неговата клика прифатиле „груба форма на општествен дарвинизам“ кој претпоставува дека „животот е борба за опстанок, а ние мора да се потпреме главно на користење сила за да преживееме“. Пред 11 септември, „екцесите на [оваа] лажна идеологија беа држени во некакви граници преку нормалното функционирање на нашата демократија, но по тие настани Буш „намерно го негуваше стравот што ја зафати земјата“ за да ја замолчи опозицијата и да добие поддршка за контрапродуктивната политика на милитаристичкиот унилатерализам.

За Сорос, убедувањата како „или сте со нас или сте со терористите“ застрашувачки наликуваат на реториката на нацистите и на советите, за кои тој се надева дека ги оставил зад себе во Европа. Сосема паметно, Сорос се плаши дека Буш ќе ја втурне нацијата во „состојба на постојано војување“ што се карактеризира со странски интервенции и домашна опресија. Оттука, претседателот не е само закана за светскиот мир, туку и за самата идеја за отворено општество.

И покрај тоа, Сорос е сигурен дека „екстремистичката идеологија“ на Буш не соодветствува со „верувањата и вредностите на мнозинството Американци“ и очекува победа на Џон Кери на претседателските избори во 2004 година. Според предвидувањата на Сорос, победата на Кери би донела „темелно разгледување на улогата на Америка во светот“, што би ги натерало граѓаните да го отфрлат унилатерализмот и да ја прифатат меѓународната соработка.

Сепак, Кери не победи на изборите, што го натера филантропот за прв пат да се посомнева во политичкиот акумен на обичните Американци. По изборите во 2004 година, Сорос минува низ нешто слично на криза на вербата. Во неговата книга од 2006 година Доба на грешностa, Сорос го припишува повторниот избор на Буш на фактот дека „САД се општество на добро чувство, кое не е подготвено да се соочи со непријатната реалност“. Американците, вели Сорос, повеќе би сакале да бидат „сериозно заведени од администрацијата на Буш“ отколку директно да се соочат со неуспесите на Авганистан, Ирак и војната против теророт. Бидејќи се под влијание на пазарниот фундаментализам и неговата опсесија со „успех“, продолжува Сорос, Американците се волни да ги прифатат тврдењата на политичарите дека нацијата би можела да излезе како победник во нешто апсурдно како што е војната против теророт.

Победата на Буш го убедува Сорос дека САД би опстојале како отворено општество само доколку Американците почнат да сфаќаат дека „вистината е важна“; во спротивно, тие ќе продолжат да ја поддржуваат војната против теророт и ужасите поврзани со неа. Сепак, останува нејасно како Сорос може да го смени умот на Американците.

Финансиската криза во 2007-2008 година го охрабрува Сорос повторно да се фокусира на економијата. Колапсот не го изненадува; тој смета дека тоа е предвидлива последица на пазарниот фундаментализам. Напротив, колапсот го убедува дека светот допрва ќе биде сведок на, како што пишува во неговата книга од 2008 година Новата парадигма на финансиските пазари, „крајот на еден долг период на релативна стабилност што се темели на статусот на САД како доминантна сила и на доларот како главна меѓународна резервна валута“.

Очекувајќи го падот на Америка, Сорос своите надежи за глобално отворено општество ги свртува кон Европската Унија, и покрај неговиот претходен гнев поради неуспехот на членките на Унијата целосно да ја прифатат Источна Европа во 90-те години. Иако признава дека Европската Унија има сериозни проблеми, таа сепак е организација на нации кои доброволно „се согласиле да отстапат дел од својот суверенитет“ за заедничкото европско добро. Оттука Унијата дава регионален модел за светски поредок што се темели на принципите на отворено општество.

Сепак, надежите на Сорос во ЕУ многу брзо се разбиени со трите кризи што ја засекоа стабилноста на Унијата: сè подлабоката меѓународна рецесија; бегалската криза; и реваншистичкиот напад на Владимир Путин против нормите и меѓународното право. Иако Сорос верува дека западните нации теоретски би можеле да ги олеснат овие кризи, тој заклучува дека, при повторување на неуспесите од пост-советскиот период, малку е веројатно тие да ги здружат силите за да го направат тоа. Во последните 10 години, Сорос е разочаран од фактите дека Западот одбива да ѝ го прости долгот на Грција; не успева да развие заедничка политика за бегалците; и не размислува за засилени санкции врз Русија преку материјална и финансиска помош за Украина што ѝ е потребна за да се одбрани по анексијата на Крим во 2014 година од страна на Путин. Освен тоа, него го мачи и фактот дека многу нации во ЕУ, од Обединетото Кралство до Полска, се сведоци на повторна појава на десничарски етно-национализам за кој се сметаше дека е надминат во историјата. Откако Британија гласаше за напуштање на Унијата во 2016 година, тој станува убеден дека „распадот на ЕУ е практично нереверзибилен процес“. ЕУ не успеа да биде моделот кој Сорос се надеваше дека ќе биде .

Премиерот Виктор Орбан во унгарскиот парламент при гласањето на анти-имиграциските закони „Стоп Сорос“ што тој ги предложи. Фотографија на: Томаш Косаж /Ројтерс

Сорос лично го искусил расно-мотивираниот авторитаризам кој во последната деценија се заканува не само на ЕУ, туку на демократија во Европа генерално. Од 2010 година, филантропот е во постојан конфликт со Виктор Орбан, автократскиот анти-имигрантски премиер на Унгарија. Неодамна Сорос го обвини Орбан дека „се обидува повторно да воведе квази демократија која доминираше [во Унгарија] во периодот меѓу првата и втората светска војна“. Во неговата успешна кампања за реизбор годинава, Орбан потроши голем дел од времето на демонизирање на Сорос, користејќи антисемитски чувства и тврдејќи дека Сорос тајно заговара да испрати милиони имигранти во Унгарија. Исто така, Орбан се закани дека ќе го затвори Централноевропскиот универзитет, кој неговата влада подбивно го нарекува „соросовиот универзитет“, а во последниот месец парламентот усвои нови анти-имиграциски закони познати под името „Стоп Сорос“.

Додека Орбан претставува закана за отвореното општество во Унгарија, Доналд Трамп е јасна закана на отвореното општество секаде. Изборната победа на Трамп, Сорос ја припишува на штетните ефекти на пазарниот фундаментализам и на големата рецесија врз американското општество. Во својата авторска колумна објавена во декември 2016 година, Сорос аргументира дека Американците гласале за Трамп, „измамник и диктатор во најава“, бидејќи „избраните лидери не успеале да ги исполнат легитимните очекувања и аспирации на гласачите [и] дека поради ваквиот неуспех гласачките тела се разочарани од доминантните верзии на демократијата и капитализмот“.

Наместо праведна дистрибуција на богатството што го создава глобализацијата, аргументира Сорос, „победниците“ на капитализмот не успеваат „да им компензираат на губитниците“, што доведува до драматично зголемување на нееднаквоста на домашен терен, и до зголемен гнев. Иако Сорос верува дека „уставот и институциите на САД... се доволно силни за да пружат отпор на екцесите на извршната власт“, тој е загрижен дека Трамп може да склопи сојузи со Путин, Орбан и со други авторитарни лидери, и така да го направи речиси невозможно градењето глобално отворено општество. Јасно е дека неговиот проект стагнира во Унгарија, САД и други делови од светот каде Сорос вложил внимание и инвестиции.

Патот што му претстои на Сорос е нејасен. Од една страна, некои од неговите последни акции сугерираат дека тој се свртел кон левицата, посебно во области како што се реформи на кривичното право и помош за бегалците. Неодамна тој формираше фонд за поддршка на кампањата на Лари Краснер, радикален јавен обвинител од Филаделфија, и ја поддржа кандидатурата на три јавни обвинители од Калифорнија кои се посветени на реформа на обвинителството. Освен тоа, тој инвестираше 500 милиони долари за олеснување на глобалната бегалска криза.

Од друга страна, дел од неговото однесување покажува дека Сорос останува посветен на традиционалната Демократска партија, која е лошо опремена да ги решава проблемите што го дефинираат сегашниот кризен момент. За време на примарната претседателска трка меѓу демократските кандидати во 2016 година, тој беше ревносен поддржувач на Хилари Клинтон. Но неодамна упати сериозни критики на сметка на потенцијалната демократска кандидатка за претседател Кирстен Џилибренд заради нејзините повици за оставка на Ал Франкен поради сексуално вознемирување на радио водителката Лиен Твиден. Ако Сорос продолжи да финансира вистински прогресивни проекти, тој ќе направи значаен придонес за отвореното општество, но ако се одлучи да ги брани баналните Демократи, тој ќе придонесе во тековната деградација на јавниот живот во Америка.

Во својата кариера Сорос направил голем број паметни и возбудливи интервенции. Од демократска перспектива, способноста на овој богат човек сам да влијае врз јавните работи е катастрофална. Самиот Сорос признава дека „во најдобар случај, врската меѓу капитализмот и демократијата е многу тенка“. Проблемот за милијардерите како него е што тие ќе направат со оваа информација. Отвореното општество подразбира свет во кој сите ја признаваат хуманоста на другите и со нив се однесуваат како со рамноправни. Ако повеќето луѓе очајно се борат за последните делчиња од колачот што постојано се намалува, тешко е да се замисли како можеме да го изградиме светот во кој Сорос, но и голем дел од нас, сака да живее. Во моментов космополитските соништа на Сорос остануваат токму тоа - соништа. Прашањето е зошто, а одговорот може да биде дека отворено општество е можно само во свет каде никој - ниту Сорос, Гејтс, ДеВос, Закерберг, Бафет, Маск, или Безос – може да стане толку богат колку што е тој.

Извор: The Guardian

Подолга верзија на овој напис беше прво објавена во nplusonemag.com

 

ОкоБоли главаВицФото