Летиција Баталја: Фотографка на сицилијанската мафија

14.07.2018 03:40
Летиција Баталја: Фотографка на сицилијанската мафија

Позната како фотограф на мафијата, но исто така и сведок на животот и општеството на еден народ, Летиција Баталја (Letizia Battaglia) е една од најзначајните фигури на современата фотографија во Италија. Во време кога зборот „мафија“ едвај се шепнувал со страв, таа била хроничар на злосторствата, известувајќи ја јавноста за бруталните активности на криминалците што завладеале со Сицилија.

Нејзините фотографии го прикажуваат ужасот, тие се трагични и, често, бурно поетски. Како целина, фотографиите нудат живописна таписерија исткаена од неодамнешната сицилијанска историја - нејзините луѓе, сиромаштијата, фолклорот и, пред сè, нејзиниот децениски присилен соживот со мафијата или Коза Ностра.

Родена во 1935 година во Палермо, административниот центар на Сицилија, Летиција Баталја отсекогаш била заинтригирана за својот народ. На почетокот пишувала неилустрирани написи за општествената ситуација во Сицилија, во денес забранетото левичарско списание „L’ora“, а потоа сфатила дека на своите текстови може да им ја подигне популарноста со фотографии.

Се омажила на 16 – годишна возраст, а почнала да се занимава со фотографија откако се развела во 1971 година.
Кога го купила првиот фотоапарат, ја открила својата страст и до денес тој претставува неодвоив дел од нејзината личност.

Во нејзината догогодишна кариера Баталја фотографирала над 600 000 настани за кои потоа известувала во весниците. Нејзината работа прерасна во значајна документација за војната внатре во мафијата, но и на целокупниот живот на луѓето во Палермо.

Иако во едно интервју кажала: „Го сакам животот, убавината и иднината!“, на нејзините фотографии во најголем дел можат да се видат последиците од убиствата и многу мртви тела, па во друга прилика изјавила: „Одеднаш имав цела архива полна со крв“.

И токму заради тоа и се случило една нејзина фотографија да биде од пресудно значење во решавањето на полициската истрага во 1993 година на случајот со поранешниот премиер на Италија, Џулио Андреоти, во кој беше под сомнение дека е поврзан со мафијата.

Денес, од суштинско значење е да се знае целата вистина. Кои беа луѓето од институциите - соучесници на Коза Ностра? Само со вистината ќе може да се постигне правда и да се воспостави атмосфера на доверба. Сè уште ни треба добро новинарство за да се случи тоа“.

Во потрагата по убавина наспроти грдотијата што мафијата ја остава зад себе, Баталја издала две книги со своите фотографии. Првата, под наслов „Страст, правда, слобода – Фотографии од Сицилија“ (Passion, Justice, Freedom – Photographs of Sicily), а втората насловена „Должноста да се известува“ (Dovere di Cronaca).

Покрај книгите, нејзините фотографии, минатата година беа изложени во галеријата „Maxxi“, Музејот на современа уметност во Рим, каде биле претставени заедно со кратки видео записи во кои таа раскажува за своите многубројни искуства со фотоапаратот.

Фотографијата која ја чува една од најтажните приказни е портретот на Розарија Коста, сопруга на загинатиот телохранител на еден од најголемите борци против мафијата, Џовани Фалконе.

Тој беше италијански судија, специјализиран за водење на случаи против сицилијанската мафија. Во 1992 година беше убиен заедно со неговата сопруга и тројца телохранители во дотогаш невидена експлозија.

Розарија Коста, по погребот одржала еден од најтажните говори кој е познат во цела Италија и во која повикува на постојана борба против мафијата, но истовремено и им се обраќа, велејќи: „Ви простувам, но сега мора да паднете на колена“. И самата Баталја добивала голем број смртни закани поради својата работа. „На крајот сè добро заврши, бидејќи сепак не ме убија“, вели таа.

Црно – белите фотографии во галеријата „Maxxi“, никого не можат да го остават рамнодушен. Покрај соголените мртви тела можат да се видат децата, напуштените улици и проститутките на еден прилично несреќен град. Се поставува прашањето како издржала толку многу години да ги гледа тие грозотии кои се пренесени од краткотрајното помнење на улиците на секогаш незаборавните фотографии? Во едно интервју таа одговара и на тоа прашање: „Толку многу страдав што неколку пати бегав од Палермо. Но секогаш се враќав. Работев секакви работи само да го задржам здравиот разум: садев дрвја, се дружев со млади луѓе, сакав и бев сакана. Ги потсетив сите луѓе дека под ова небо и понатаму постои доброто и убавото, а јас по тие работи неуморно трагав“.

Летиција Баталја дел од својот живот го поминала во Милано, но во Палермо се вратила како фотографка на крвавите мафијашки војни кои се случувале во 70-тите и 80 –тите години.

Од 1985 до 1995 година таа била избрана за советник во градското собрание на Палермо од Зелената партија, а потоа била пратеник и во регионалното собрание. Добитничка е на престижни награди за нејзините награди. Таа е активискта која е ангажирана во борбата за правата на жените. Денес, таа се ангажира околу отворањето на првиот музеј на фотографија во Палермо.

Фотографии: Letizia Battaglia

Извор: The New York Times

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото