1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
Неумесно, невкусно и калкулантски е да се споредуваат петте обвинети пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27 април, и петте стрелани струмички студенти во 1951 година.
Барањето за амнестија може да биде поставено, но само откако сите ќе дознаеме што навистина се случи на 27 април 2017 година. А, да се споредуваат тие настани, петте обвинети пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и петте стрелани струмички студенти во 1951 г. е неумесно, невкусно и калкулантски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од говорот на протестниот марш на неговата партија во Струмица даде изјави што ги оценуваме како спин.
Спин: И на ова лудило на политички реваншизам мора еднаш, еднаш засекогаш да му дојде крајот, затоа што премногу долго се делиме на ваши и наши, на Македонци, и помалку Македонци и затоа апелирам е потребна амнестија за луѓето од 27 април, затоа што мора да продолжиме напред, а нема напред ако живееме во минатото. Тоа е она што го бараме. И тоа е она за што ќе се бориме и ќе се залагаме.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски, говор, датум: 08.07.2017]
Контраспин: Христијан Мицкоски недвосмислено, не по прв пат, побара амнестија за сите инволвирани во настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, но упорно одбива да даде своја или партиска квалификација на тие настани.
Нешто што е најблиску до квалификација на настаните е реченицата на Мицкоски дека луѓето „се воделе од чесна идеја и мисла“, а дека мотив им бил „Република Македонија“. Притоа, тој негира дека има какво било кривично дело, туку обвиненијата и досегашните пресуди ги сведува на политичка хајка:
„Ако кренете главата може да ви случи ова“, тоа е пораката. ВМРО-ДПМНЕ има денес 5 пратеници кои се теретат за нешто што не го направиле, односно за тероризам, а немојте никогаш да помислите дека ги заборавам и оние наши браќа и сестри кои сега се по затворите, и кои се дел од оваа конструирана политичка хајка, насочена против секој слободномислечки Македонец.
„Јас ги живеам нивните судбини. И не заборавајте дека, сепак, има невини луѓе по затвортите, затоа што се воделе од чесна идеја и мисла и единствен мотив им била нивната татковина Република Македонија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи амнестија за настаните од 27 април 2017 година, практично спинува дека станува збор за „чесна идеја и мисла и единствен мотив им била нивната таковина Република Македонија“.
Спинот е очигледен, бидејќи никој кој се води од чесна идеја и мисла, нема да ја доведе Република Македонија пред работ на граѓанска војна, пред работ на воведување на вонредна состојба, пред работ на неизвесност и грч на своето население, а особено нема да дозволи загрозување на невини животи на пратеници, граѓани, новинари, службени лица вработени во Собранието…
Не е потребна ниту истрага, ниту обвинителен акт да се потврди ваквата состојба за која ја сведочеше секој граѓанин на Македонија споменатата вечер на 27 април. Дивеењето низ собраниските ходници, крвави глави, сликите на полумртвиот Зијадин Села како го влечат веќе осудените за тоа, насилниците со качулки на главите како издаваат наредби… а, сето тоа започнато со отворање на сите влезови на Собранието, при што главните беа отворени од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
СЕРИОЗНО ОБВИНЕНИЕ
Но, освен сведочењето на граѓаните, да повториме дека по спроведена истрага, во март годинава Јавното обвинителство покрена и обвинителен акт, кој Основниот суд Скопје 1 го прифати и одреди судечки судија за процесот. Обвинението се однесува за 30 лица од кои 28 се гонат според кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, Чл. 313 од Кривичниот законик. Еве што се наведува во дел од обвинението:
По спроведените опсежни истражни дејствија, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека обвинетите извршувале повеќе поврзани и усогласени дејствија за мобилизирање на членството на неколку здруженија и други лица, за насилно влегување и вршење насилство во Собранието на Република Македонија. Обвинетите дејствувале од различни позиции и групи, но во содејство и координација, со иста заедничка цел, да се оневозможи натамошното функционирање на законодавниот дом и на пратениците од парламентарното мнозинство.
Со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, меѓу останатите, се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда. Тие, иако континуирано биле известувани дека животот им е загрозен на пратениците од новоформираното пратеничко мнозинство, новинарите, вработените и овластените службени лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни посебни и специјални полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието тој ден. Овие обвинети не издале ни наредба за евакуација, со што овозможиле непречено да се вршат акти на насилство и директно придонеле непречено да се влезе во законодавниот дом и да се оствари целта на насилниот напад.
Секој мислечки граѓанин на Република Македонија е заинтересиран за две работи поврзани со овие настани од 27 април. Првата е вистината – зошто и како се случи тоа што го сведочевме. Втората е принципиелна и општа – правда за сите. Најдобар начин да се исполнат двете нешта е судски процес, кој, за да биде правичен, фер и транспарентен, најдобро е да се пренесува на ТВ екраните или преку интернет, како што тоа се прави со сите настани од голем интерес за јавноста.
Ако во тој процес се докаже тоа што го тврди Обвинителството, дури тогаш Мицкоски може да повика на амнестија. Ако не, од власта преку посебен закон, тогаш од Претседателот на РМ. Но претходно, сите мораме да ја дознаеме вистината.
КАЛКУЛАНТСКО ЧЕПКАЊЕ ПО МИНАТОТО
Во овој Контраспин би забележале уште еден, многу вешто прикриен спин, бидејќи за разлика од повикот за амнестија, кој е на почетокот на обраќањето на Мицкоски, ова е ставено на крајот од неговиот подолг говор. Имено, говорот завршува со потсетување на петте струмички студенти, кои во раните педесетти години на минатиот век се уапсени и по кратка постапка стрелани од страна на тогашните комунистички власти, без судски процес:
„Најлесно било 5-те струмички студенти да се предадат, да се покорат, пркоселе и станале безвременски. Вие, секој од вас сте дел од тоа безвреме. Ќе останеме вечни ако останиме достоинствени и си ја одбраниме честа и достоинството. Во име на тоа би сакал на тие луѓе од овде да изрецитирам еден мал дел, како еден наш допринос за делото кои што тоа го направиле. Ќе започнам со стиховите.
Беласицо крикни и заплачи, за петте твои синови. Пецев, Белев, Јарамов, Топчев и Костуранов. Нивната крв младешка ги натопи твоите дрвја столетни. И Македонија низ својот пат кон вечноста, секогаш да ги памети петте струмички студенти во илјада деветсто педесет и првата стрелани.
Нека им е вечна слава. После дождот сонце доаѓа браќа и сестри. Ќе дојде сонце за нас многу побрзо од некој што мисли“ – вели Мицкоски.
Неумесно, невкусно и калкулантски е да се прави било каква паралела, помеѓу овие жртви на еден режим и петте пратеници што се обвинети за 27 април лани. А, Mицкоски тоа го прави на тој начин што вели: Најлесно било 5-те струмички студенти да се предадат, да се покорат, пркоселе и станале безвременски. Вие, секој од вас сте дел од тоа безвреме. Ќе останеме вечни ако останиме достоинствени и си ја одбраниме честа и достоинството.
Сонот на струмичките студенти биле слобода, правда, еднаквост, сонот им бил демократска Македонија. Впрочем, ако веќе се повикува на студентите, Мицкоски би можел да одговори зошто за време на сите влади на ВМРО-ДПМНЕ, ниту една не покрена процес на истрага и откривање на наредбодателите и извршителите на стрелањето на студентите, за кои се тврди дека биле 14 на број?
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.
Извор: Вистиномер