Мозокот не мисли

16.07.2018 00:55
Мозокот не мисли

Кон крајот на осумдесеттите комбинацијата на повеќе откритија во нуклеарната физика и информатиката овозможи појава на методи за снимање на мозокот со помош на функционална магнетна резонанца (fMRI) и импресивен развој на когнитивната невронаука, односно проучување на невробиолошките механизми за когниција (која се смета за синоним за мислата), како и нејзините нарушувања. Денес, во меѓународните научни списанија дневно се објавуваат помеѓу пет и осум текстови на тема fMRI. Некои медиумски експонирани автори тврдат дека со снимањето на мозокот дури може да ни се прочитаат и мислите, да се откријат политичките ставови, да се предвидат социјалните вештини и да се проникне во личноста.

Речиси три века откако славниот ренесансен анатом Андреас Везалиус заклучи дека умот се наоѓа во мозокот, Франц Јозеф Гал (1758 – 1828) предложил поделба на посебни функции локализирани во специфични делови од мозокот. Таа доктрина, со назив френологија, се ширела во Европа и САД во текот на 19 век. Одиграла клучна улога во психотехниката, наука за практична примена на психологијата и во почетоците на криминологијата и форензиката. Така Чезаре Ломброзо (1835 – 1909), основачот на италијанската школа за криминологија, ја изнел својата теза за „родениот злосторник“ (1876), а Алфонс Бертијон го изумил методот за антропометрија.

Оттогаш е отфрлено како погрешно верувањето дека посебни подрачја им одговараат на одредени психолошки функции поврзани со соодветни „ирзастоци“ на черепот. Меѓутоа, хипотезата за можноста умот да се подели на елементарни составни делови кои им одговараат на специфични неврални супстрати постои и натаму. Додека вообичаеното медицинско снимање на мозокот ги утврдува неговите анатомски аномалии и озмовможува дијагностицирање на повреди и тумори, когнитивното снимање, настанато под влијание на когнитивната психологија, настојува да ја поврзе активноста на мозочните области со менталните процеси. Наместо допирање на черепот, денес се лоцираат промени во метаболичката активност – главно со консумација на кислород – во разни делови од мозокот.

Ако на секое човечко дејство му одговара одредена мозочна активност тогаш секоја дисциплина би можела да има корист од снимањето на мозокот, на пример социјалната невронаука, невроекономијата, невромаркетингот, невроправото, невроетиката, неврообразованието итн. Скенирањето на мозокот би овозможило проценка на ризиците, подобро разбирање на начините на кој гласаат граѓаните, проценка на личноста на деликвентите, тешкотиите во учењето и одлуките на главните економски автори. Тоа е перспектива која секако би била инспиративна за директорите на компаниите и државните власти.

Скенирањето на мозочната активност – камен на мудроста?

Научните дискусии за тоа што точно можеме да кажеме врз основа на невролошката слика се далеку од завршени. Сепак, сè побројни се истражувањата кои способностите или општествените категории ги ставаат во непосреден однос со активноста на мозокот. Некои од нив, на пример, покажуваат дека мозочната активност на субјектите од социјално загрозените средини е слична на онаа што е забележана кај пациентите со повреди на предниот дел од главата. Други тврдат дека функционирањето на мозокот кај возрасна личност се разликува според нивото на образование кое личноста го имала за време на детството. Се пишува и дека активноста на амигдалата, област која се поврзува со разбирањето и изразувањето емоции, е позначајна кај децата кои пораснале во социјално загрозена средина отколку кај останатите. Дури и геополитичката ситуација може да се прочита од невроснимките. Еден тим од Хаифа во Израел ги проучувал разликите во мозочната активност помеѓу членовите на еврејската и арапската заедница додека прикажувале слики кои евоцираат болка. Така скенирањето на мозокот може да ги натурализира причините и интерпретациите на израелско-палестинскиот конфликт, избегнувајќи политички анализи...

Методите за снимање на мозокот како нов вид „научен доказ“ во последните десет години сè почесто се применуваат и во правосудството. За тоа сведочат основањето на Фондацијата Мекартур, носител на американскиот истражувачки проект Право и невронаука (2007) и започнувањето на проектите на Лондонската школа за економија и политички науки кои ги финансира Советот за економија и социјални истражувања (Советот за економски и социјални истражувања) во Обединетото Кралство. Невронаучниците, филозофите и правниците проучуваат дали правната наука е во согласност со знаењата усвоени со помош на невротехники. Според тоа, судската проценка би станала само старо народно празноверие кое научниот развој го направил непотребно. Во Франција, законот за биоетика од 7 јули 2011 година дозволува користење невробиолошки снимки на судовите, што е случај и во бројни судски процеси ширум светот. Се претпоставува дека со нив се откриваат и потенцијалните рецидивисти.

Финансиските вложувања во методите за снимање на мозокот не престанаа да растат уште од деведесеттите години, кои американскиот Конгрес ги нарече „деценија на мозокот“. За време на започнувањето на проектот (Brain Research through Advancing Innovative Neurotechnologies), Барак Обама најави дека во областите кои се поврзани со „дешифрирањето на мозокот“, што е подеднакво значајно како и мапирањето на човечкиот ген, може да се очекуваат нови значителни зголемувања на инвестициите. Програмата Human Brain Project, со буџет од милијарда евра за периодот од 2010 до 2020 година, се смета за европски одговор на предизвикот на оваа мошне компетитивна трка.

За таквиот успех постојат неколку објаснувања. Јасен е интелектуалниот и научниот интерес за разбирање на односот тело и ум, кој е стар предмет на филозофски размислувања. Имено, за успехот секако придонесува и привидната емпириска конкретност на доказите. Меѓутоа, снимањето на мозокот е само визуелно претставување на целата група сложени мерења изведени од бројните математички трансформации кои се темелат на постулати околу кои и натаму се води дискусија меѓу експертите.

Светскиот пазар на уреди за снимање на мозокот се дели на три произведувачи, Џенерал Електрик (САД), Филипс (Холандија) и Сименс (Германија). Просечната цена на еден уред за магнетна резонанца изнесува околу 1,5 милиони евра, а вкупните приходи до крајот на 2015 година се проценуваат на околу седум милијарди. Сè поголем дел од средствата доделени за темелни истражувања во областа на когнитивните науки се одвојува за снимање на мозокот. Во Сакле, во близина на Париз, во 2006 година беше отворен центарот за когнитивно снимање НевроСпин, кој чинеше 200 милиони евра.

Иако темата е табу, оваа ситуација го зголемува ризикот од отстапување од строгите научни методи, селекцијата на податоци, претворање на науката во спектакл, па дури и од измами. Решенијата кои се толку едноставни, а ги пружа мошне комплексната технологија, секако ќе го привлечат вниманието на властите. Но, тврдењата дека снимките на мозокот можат да докажат исправност на некој педагошки метод, економски модел или судска одлука ја зголемуваат опасноста тие да се прошират на економските, научните, политичките и општествените прашања. Ако деликвенцијата, неуспехот на училиште или сиромаштијата можат да се дијагностицираат со снимање на мозокот, тогаш зошто и натаму да се вложува, на пример, во скапата политика за образование, превенција и социјална инклузивност?

„Доказот на мозокот“ продолжува со илузијата на индивидуализмот, односно на верувањето според кое поединците најпрвин се биолошки детерминирани, а дури потоа на тоа се надоградува релативно споредната историја. Тој го натуралириза умот, прикажувајќи го на екран повеќе како неопиплив податок отколку како производ на историјата и околностите, со што се брише придонесот на културниот и општествено-историскиот контекст на развојот на мислата и општеството. Најпосле, ја намалува субјективната и автономна димензија за изградба на човечкото искуство, формулирајќи го преку поимите на природните науки.

Мозокот е материјален супстрат за нашата ментална активност, но тој не размислува – тоа го прави само личноста. А, изворот на содржината на нејзините мисли се наоѓа надвор од мозокот, во нејзината внатрешна и надворешна околина. На снимката не се гледаат мислите, туку биолошките корелати на она што го прави човечкото битие кога велиме дека размислува, значи електричната активност, промените во крвотокот итн. Мозокот е објективен услов на менталната реалност, но токму менталната реалност е таа што го обликува. Кога ги забораваме овие два факти, заглавуваме во сциентилистичката невромитологија.

Евелин Клемо е предавач на Универзитетот во Руан, Фабрис Гијом предава на Универзитетот Aix-Marseille (лабораторија за когнитивна психологија) и е почесен професор на Францускиот универзитетски институт и на Универзитетот во Гренобл, а Бруно Вивикорси е предавач на Универзитетот во Руан. Фабрис Гијом и Ги Тибергиен во коавторство со Жан Ив Будуа ја напишаа книгата Le cerveau n’est pas ce que vous pensez. Images et mirages du cerveau, Presses universitaires de Grenoble, 2013.

Слики: "Brainforest" - Gerda Steiner, Jorg Lenzlinger

Извор: http://lemondediplomatique.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото