Отворено писмо на Златко Далиќ, селектор на хрватската репрезентација

16.07.2018 01:35
Отворено писмо на Златко Далиќ, селектор на хрватската репрезентација

Драги сите,

Светското фудбалско првенство во Русија покажа дека во светот на фудбалот сите имаме подеднакви шанси. Талентираната генерација на блескави поединци, кои се подготвени да работат напорно, може да успее. Тие можат да успеат кога ја имаат сета помош, кога се насочени, водени, туркани кон успехот. Оваа генерација фудбалери тоа го оствари, покажа дека збир на одлични поединци во фудбалот може да стигне до светскиот врв. Тука не е важна бројноста на нацијата, големината на буџетот, не се важни стадионите, не е важно ниту опкружаувањето, зашто, да беше тоа важно, оваа генерација на хрватски фудбалери не би успеала да стигне во финалето на светското првенство.

Сепак, овие редови не ги пишувам заради екипата што ја водам. Ова го пишувам заради тешката ситуација во Хрватска.

Денес, Хрватска е најсиромашната држава во Европската унија. Во Хрватска не се живеело потешко уште од крајот на Втората светска војна. Хрватска е држава што ја водат лоши луѓе, припадници на организација што е прогласена за злосторничка. Тие луѓе ја одведоа Хрватска во амбисот на сиромаштијата, Хрватска е држава од која во последните 20 години побегнаа еден милион луѓе. Денес во Хрватска, нашите стари, пензионерите со своите пензии не се во состојба да си ги подмират ниту основните животни потреби, младите не можат да си дозвоволат да се школуваат, здравството е во колапс, судството го штити крупниот капитал и е корумпирано. Состојбата во државата е таква што е прашање на време кога ќе се урне целиот систем и ситуацијата ќе стане неиздржлива.

Затоа со ова писмо, барам од сите политичари и од сите претставници на власта што мојот народ го одведоа во пеколот на бедата, безнадежноста и сиромаштијата, да се тргнат од фудбалската репрезентација на Хрватска. Не сте добредојдени во нашата соблекувална, не сакаме со вас да се фотографираме, не сакаме да се ракуваме со вас. Вие сте токму тие што оние кои нам ни се најважни, а тоа се луѓето на Хрватска, ги направивте да бидат најсиромашниот и најбедниот народ во Европа. Токму вие се богатевте и создававте услови за да „вашите“ бидат на функции, на тој начин создавајќи невозможни услови за живот во Хрватска.

Во последните години, токму највисоките државни функционери од Хрватска направија непогодно место за живеење, па така имаме деца кои никогаш не виделе море – а Хрватска има крајбрежје подолго од илјада километри.
Имаме деца кои гладни си легнуваат навечер во кревет затоа што невработените родители немаат да им дадат вечера. Имаме земја која е пуста, имаме цели региони во кои има само по неколку жители на километар квадратен. Луѓето што тоа ѝ го направија на нашата држава не се добредојдени во нашите редови, ние таквите луѓе ги сметаме за непожелни во наше друштво.

Замолуваме да ја почитувате нашата одлука, да не ги облекувате дресовите на фудбалската репрезентација, да не ги користите нашите успеси за своја промоција. Користејќи ги нашите успеси ја намалувате вредноста на нашиот труд, на нашите постигнувања и врз спортот фрлате срамна стигма. Вашите дела се видливи секој ден кога луѓето на Хрватска копаат по кантите за ѓубре во потрага по корка леб, тоа се резултатите на вашето делување и ние, хрватските спортисти, не сакаме луѓето на Хрватска да нè поврзуваат со вас.

Сите фудбалери, како и фудбалскиот стожер, со ова писмо ја информираат јавноста дека целиот приход од наградите од Светското фудбалско првенство во Русија ќе се ушлатат во посебен фонд за децата во Хрватска. Со тој фонд ќе се финансираат летувања на децата на Хрватска, децата кои никогаш не го виделе Јадранското море. Хрватските фудбалски репрезентативци се со луѓето од Хрватска и ќе сторат сè што е во нивна моќ за да, освен со своите победи, и на секој друг можен начин им го олеснат исклучително тешкиот животот на луѓето во Хрватска. Сите деца во Хрватска нека имаат можност барем седум дена да поминат на хрватското морско крајбрежје. Тоа е најмалку што нашите фудбалери можат да направат за нашите најмили и најранливи.

Уште еднаш ги поздравувам сите луѓе во Хрватска со ветување дека ќе дадеме сè од себе во Хрватска да ја донесеме титулата на светски шампиони, со ваша помош, со вашето бодрење.

Да живеат луѓето на Хрватска, да живее Хрватска!

(Писмото не го напишал Златко Далиќ, туку Игор Премужиќ)

Извор: dalicom.eu

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото