НАТО – безбедносен чадор и за економијата

17.07.2018 00:18
НАТО – безбедносен чадор и за економијата

По зачленувањето во Северноатланската алијанса НАТО, кај дел од новопримените земји статистиката регистрирала пораст на странските директни инвестиции и за 30%. Дел од експертите оценуваат дека членството на Македонија ќе се одрази позитивно за вкупната политичка, но и економска стабилност.., пишува во редовната економска анализа на Порталб

Членството во Северноатланската алијанса, пред сè значи безбедносна гаранција, но овој критериум е еден од клучните за носење и на инвестициски одлуки, коментираат експертите за „Порталб“.

Најголем дел од земјите кои се членки на НАТО се и членки на Европската унија. Последното проширување на НАТО се случи лани, кога Црна Гора стана 29 та членка на Севрноатланскиот сојуз. Од регионот, членки на НАТО се и Албанија и Хрватска кои пристапија кон НАТО во 2009 година, откако се случи самитот во 2008 та, на кој Македонија беше блокирана од Грција.

По влезот во НАТО, на годишно ниво странските директни инвестиции (СДИ) во Албанија се зголемуваат за една милијарда евра ( на пример во 2016 година) и тие достигнаа околу 10 отсто од бруто домашниот производ(БДП), Инвестициите пак директно ја менуваат сликата со невработеноста – најголемата болка на земјите од регионот.

Неодамна, министерот за економија и финансии на Албанија, повикувајќи се на податоци од Институтот за статистика, соопшти дека во земјата е измерена историски најниска стапка на невработеност од 12,5 отсто.

СДИ во порценти ОД БДП

Пред членство                            По членство

АЛБАНИЈА 5,5%                          9,1%

БУГАРИЈА 7,0%                           19,7%

ЦРНА ГОРА 9,8%                        11,2%

 

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНОСТА

По членството во северноатланскиот сојуз, прв позитивен сигнал ќе биде испратен до странските инвеститори, вели Исмет Рамадани, претседател на невладината организација Евро-Атлански совет на Македонија, што пак директно треба да се одрази и врз состојбата со невработеноста.

Членството во НАТО по автоматизам ќе биде добар сигнал за големите компании, особено оние корпорации што работат на повеќе пазари во светот. Токму за нив е важно дали земјата во која сакаат да вложат е членка на Алијансата, што би значело сигурност за нивниот капитал, секако доколку проценат дека имаат економски интерес за инвестирање. Ќе посочам неколку примери за ефектот од членството во НАТО врз економијата:

Бугарија кога стана членка на НАТО во 2004 година имаше салдо на странски инвестиции од 7,5 милијарди евра, една година потоа нивото се искачи на 11,5 милијарди евра. Сега се коментира дека Бугарија се уште заостанува зад другите змеји од ЕУ, и дека се соочува со исселување, но да се потсетиме каде беше оваа земја пред НАТО и какви беa нејзините економски параметри. Истото важи и за Албанија. По пристапувањето во НАТО, инвестициите се зголемија на 8,5 милијарди евра, тоа се случи и со Полска, Чешка, Словачка. Сите овие земји секако дека имаат уште проблеми и се соочувата со економски предизвици, но важно е да се види дали направиле исчекор во однос на состојбата пред нивното членство во северноатлансиот сојуз – вели Рамадани.

БРЗИНАТА СЕПАК ЗАВИСИ ОД РЕФОРМАТА ВНАТРЕ

Дел од економистите велат дека по евроатланските интеграции, кај дел од земјите, процесот на економски исчекор оди бавно и дека курсот на политиките зависи и од политичката волја и реформската определба на креаторите внатре, во секоја земја.

Мора да се потсетиме дека НАТО е воена алијанса и дека нејзините цели се одбранбени, а не развојно-економски. Погрешно е да се очекува дека членувањето во НАТО ќе донесе некакви брзи и директни економски користи за земјата, но не треба ниту да се заборави на фактот дека одбранбената и безбедносна стабилност може индиректно поволно да влијае на економската состојба во земјата. Исто така треба да се знае дека стандардите на НАТО упатуваат на финансирање на одбраната на земјата со најмалку 2 отсто од БДП годишно што во нашиот случај е околу 200 милиони евра, а ние сега одвојуваме околу 110-120 милиони евра. Одовде трошокот на буџетот ќе треба несомнено да се зголеми за околу 80-90 милиони евра што не се занемарливи средства.

Точно е дека соседните земји и со влезот во ЕУ и/или НАТО не успеаја значително да ги подобрат своите економски перформанси па веројатно тоа не очекува и нас на долг рок. Тоа што е поважно е да сфатиме дека нашата економска состојба пред се ќе зависи од нашата умешност добро да ја водиме економијата а не од некакви нереални очекувања дека состојбите по автоматизам ќе се подобрат. НАТО е само еден од добрите предуслови, но никако и гарант на добрата економска состојба во било која земја – вели универзитетскиот професор и еден од поранешните министри за финансии Никола Поповски.

 Специфичен е случајот со соседна Бугарија. По членството во Европската унија, земјата се соочува со одлив на работна сила. Дел од експертите коменираат дека „рестартирањето“ на економија оди бавно поради малиот развој и големите проблеми во минатото, но сепак има придвижување. Во Бугарија, пет години пред да стане членка во НАТО, странските директни инвестиции како процент од БДП изнесувале 7%, додека пет години од влезот во НАТО тие пораснале на 19,7% годишно. Според Еуростат, стандардот на граѓаните на Бугарија изнесува 50% во однос на европскиот просек, а во април годинава, во земјата е измерена стапка на невработеност од 5,1 отсто.

Животниот стандард пак на граѓаните на најновата челенка на НАТО, Црна Гора, изнесува 46% во однос на европскиот просек а стапката на невработеност изнесува 18%. Од земјите членки на НАТО, но кои не се членки на ЕУ, во однос на стандардот заостанува Албанија, каде тој изнесува 30 отсто во однос на европскиот.

Неодамнешните извештаи на меѓународните финансиски институции покажаа дека економските трендови во Македонија, која не е членка на НАТО и на ЕУ, се директно зависни од внатрешната политика која резултираше со длабока незвесност која го зеде својот данок – со пад на БДП. Од друга страна, кај земјите членки на НАТО регистриран е пораст на економијата.

Во процесот на пристапување кон НАТО, Македонија влегува со стапка на невработеност околу 21 отсто, просечна плата од 380 евра, што е најниска во регионот и пошироко ( освен во однос на Босна и Херцеговина и на Косово) и со БДП по глава на жител од 6 300 долари, што се смета исто така за едно од најниските нивоа на животен стандард во однос на европскиот просек.

 Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер