Амигдала

17.07.2018 14:33
Амигдала

Постои мала жлезда во лимбичкиот систем, веднаш до хипокампусот, наречена амигдала. Таа се препознава и како складиште за емоции од преживеани трауматски искуства. Во работата со трауми таа често се посочува како депо на тешките и болни сеќавања и на пост‒трауматските реакции кои активно притискаат, бараат внимание и го обременуваат живеењето, тука и сега.

Старите Египјани верувале, на пример, дека човек не може да премине во следниот стадиум на постоење додека душата не му се исчисти од сите негативни емоции. Тешкиот „емотивен багаж“ претходно треба се отфрли. Во спротивно, лошиот товар се пренесува и вселува во секоја следна инкарнација, не дозволувајќи ѝ на душата да најде мир.

Во денешно време постои евиденција за невролошките основи на складирање на негативни сеќавања во мозокот, кои на најмал знак и сосема неочекувано можат да ги оживеат истите дамнешни искуства, како да се случуваат денес и овде. Затоа е нужно таквите негативни сеќавања што поскоро да се отвораат, редефинираат и преуредуваат. За човекот, ослободен, да може да продолжи со својот живот и развој. Бидејќи, како заробеник на сопствената историја, тој друга опција и нема.

Имено, тешкото бреме од минатото, од научените стравови, преземените закани и јаловата самоодбрана, запишани во нашите мемориски картички што прават да се чувствуваме беспомошни жртви на едно минато време и настани; токму тој материјал во нашата професионална практика се обидуваме заедно да го препознаеме, декомпонираме и реконструираме, трагајќи по нови патишта и ознаки за некои поинакви размислувања, дејствување и опстојување.

Од сето наше и општо искуство до денес, на оваа тема, колку и да се различни приодите, сите нив ги обединува НЕОПХОДНОСТА „депото“ од нашите лични, но и колективни /трансгенерациски/ трауматски сеќавања, да се исчисти на време, и за време на нашите животи, СЕГА и ОВДЕ. Да не се остава за некои други времиња.

Се разбира дека сето ова го пишувам во светлината на промените што ги живееме последниве 10 месеци, на кои голем дел од нашите сограѓани гледаат и ги доживуваат како директна закана по сè она во што верувале и за што се залагале. Ги гледам нивните проценки и вреднувања на настаните, во кои нема ни трага од препознавање на напредокот, уште поретко откривање поводи за радост и гордост во целото ново огромно искуство што ни се случува. Напротив, доминираат жестокоста и насилното спротиставување, катастрофичките сценарија, заканите и клетвите.

Дури еве, и да ги исклучиме вистински загрозените, оние веќе прозваните за сторените кривични дела, кои ќе мораат да одговараат; но што е со другите? Како е можно толку многу луѓе да мислат дека државата се распаѓа кога нејзиниот статус меѓународно се зацврснува; дека е несигурно место за живеење, кога безбедноста се зголемува; дека назадува, кога со најкрупни чекори (до сега) оди напред; дека ќе нè снема, кога за прв пат од сите, без исклучок, дури и од најголемите кочничари, формално и сеопфатно, се потврдува дека конечно нè има?

Што е тогаш тоа што човекот од овие простори не може да го сфати и прифати? Познат по своите вештини на преживување, снаодливост, скромност и задоволување со малку. Што е тоа што толку лесно и бргу го снемоќува и го бутка назад, толку што мора да се поистовети со рушителната енергија на толпата, да се препушти на бескрајните манипулации од негативни сценарија, несвесен дека тому на тој начин пропаѓа? Зошто сеуште со толкава омраза, жестина и насилство тој човек одговора на промените кои очигледно значат и нови перспективи, со многу понадежни опции од сè што сме имале како избор изминативе 27 годиниЗошто тој човек не е кадарен со сопствениот инстинкт, кому единствено му верува, да оцени дека она за што се залага и во што се колне, е всушност патот на пропаста, за сите? Можно е тој никогаш до сега да не ги осознал своите реални можности и вредности до крај. Можно е неговата губитничка слика за себе и за сите пропаднати животни шанси, лични и колективни, да се единствената реална слика што ја има за себе. Можно е да е толку исцрпен што нема сили за никакви промени, што и да носат тие. Но, тоа не е сè.

Ретко кој, ако воопшто има некој, ги поврзува овие состојби со нашите генерациски наталожени трауми, складирани и натрупани во мемориските фајлови на амигдалата, и со потребата од нивно итно отварање, декомпонирање и реконструкција. Да го смениш погледот на живот и на новите опции што тој ги нуди, не е нималку лесно, но е итно и неопходно, за сите. Непријатноста на ова сознание не е во тоа ШТО треба да се направи, туку КОГА. А тоа значи дека се прави СЕГА, кога си во тешка мака и неволја. Не кога си на врвот, туку, кога си внатре во борбата, кога крвариш, тогаш расчистуваш со старите и новите сметки и рани, респектабилно и цивилизирано, зашто само така се учи и менува перспективата, и само така се доаѓа до вистинското закрепнување и помирување.

И немам друго објаснување освен дека нашите колективни депоа со трауматски искуства од минатото, со години натрупувани, без било какво соочување и разрешување на најболните прашања, како вжештени проектили, без никакво критичко преиспитување и без охрабрување, само дополнувани и префрлани врз плеќите на генерации, и притоа величани како наше крваво спечалено, и единствено вредно за помнење наследство, дека тие и такви депоа никогаш и не биле чесно отворани и одработени.

Тоа е работата со која ќе мораме да се соочиме, и да почнеме да ја расчистуваме, дел по дел, зашто направена е голема неправда со таквиот идентитетски предзнак, залепен како жиг, и лажен доказ за бескрајните страдања и саможртви, кои никогаш никој не се ни осмелил да ги доведе во прашање.

Каква само неправда е со тоа направена, не само за бројните и сегашни генерации, туку и кон сета непостоечка евиденција за величествените настани, луѓе и постигнувања од нашето минато, за кои речиси немаме сеќавања. А ги немаме, или не доволно, зашто и таму каде што постоеле самите сме ги бришеле вредните и ретки записи; наместо сега на нив да се надоврзуваме горди за тоа каде сме се родиле и што сме наследиле. Наместо тоа ние сеуште се чудиме на сето добро и вредно направено од нас самите ‒ и не веруваме. Го сомничиме и оспоруваме.

Се разбира дека размислувам што уште ни недостига за да ставиме крај на страдањата од минатото, кои не се наши, и не смееме да ги присвојуваме, зашто тие се одамна платени и преплатени, и одболедувани ‒ а ние сме живи. Ни недостига автономија, одвојување на себе од другиот, на личното од колективното, на сегашноста од минатото, за конечно да пораснеме. Ни недостига зрелост во сознанието дека секој е посебен и неповтолив, и дека идентитетот го градиме секој сам, прво, а потоа заедно, како колектив, а не обратно.

На тоа треба да ги учиме и научиме младите генерации, да ги почитуваме и цениме во тоа што се и што постигнуваат додека растат, за да научат да се самопочитуваат. Да ја почувствуваат моќта на слободата да бидат активни во градењето на своите животи, па дури потоа да се определат за колективот и заедницата за кои ќе чувствуваат, не само дека и припаѓаат, туку и дека за неа мораат да се грижат. Зашто само грижата за другиот е тоа што се враќа, нè обележува кои сме, и нè оддржува.

На тој начин многу поуспешно ќе го искорениме семето на злото кое нè разјадува однатре, а сосема погрешно сме научиле дека љубоморно треба да го чуваме и негуваме, за да останеме живи. Колку извртени заклучоци сме правеле кога болката и страдањето, вината и срамот, сме избирале да нè водат, наместо добросостојбата на сите; а за омразата и недовербата сеуште веруваме дека нè чуваат... Како само тоа да ни останало, и како ништо друго никогаш да не сме ни имале.

Монтажи: Alexey Kondakov