Женскиот ураган во Америка

19.07.2018 00:01
Женскиот ураган во Америка

Кога на 26 јули, 1825 година, на Св. Ана, ураганот што тргна од Порторико кон Америка го доби името на светицата што се слави тој ден, оттогаш (до неодамна) тропските непогоди добивале исклучиво женски имиња. Актуелниот „ураган“ доаѓа од поинаква насока: жените на Америка се втурнаа во политиката, не само поединечно, туку како ураган со намера да го менуваат светот унаказен од машките политички и воени игри. Во десет држави на САД кои први имаа примарни избори за разни политички функции се кандидираа 120 жени. Повеќе од половината ја освоија кандидатурата за следните „midterm“ избори. Америка тоа досега го немаше видено. Во Вирџинија, каде конзервативците имаат силна конзервативна база, од 100 потенцијални кандидатури, 38 освоија жени – колку што вкупно ги имало во парламентот на Вирџинија во последните 220 години.

Тоа не е исто како составувањето на декларацијата во Сенека Фолс, во 1848 година, кога во тоа гратче се собрале неколку жени за да напишат дека повеќе не сакаат да ги трпат ограничувањата што општеството им го наметнува на жените. Тие, од предминатиот век се бореле и се избориле за елементарни права, а денес жените бараат и освојуваат нешто повеќе – учество во власта и кроењето на судбината во мерка во која тоа им го овозможува процентот на нивните гласови. Затоа без пишани декларации покажуваат дека сфатиле „дека политиката има пресудно значење и дека демократијата се преведува во број на освоени гласови“. Борбата за правата не само на жените, туку и на сите оние кои се исклучени од управувањето, денес се води во парламентите, тие треба да се освојат и да се стави крај на погубното машко кроење на историјата. И не мислам дека тоа значи дека марксистичката класна борба ќе биде заменета со родова. Токму тоа е најголемиот квалитет на новиот женски бран.

Ѓаволски ми се допадна како Дубравка Угрешиќ, во романот „Лисица“ го опишала тој вечно закрвен род (1) што владее и блуе отров од Хрватска и Србија до Америка и Северна Кореа. Се прашувам дали е тоа разубавена слика, ако го имаме предвид злостотството што е направено во Сребреница. Секогаш, навистина секогаш жените покажувале повеќе разум и желба да им се застане на патот на убиствените машки игри.

Имам впечаток дека Жените во црно, оваа година, добија повеќе поддршка од кога било порано и тоа влева надеж. Во светот има премногу Вулини кои сакаат својот млитав тестостерон да го лечат со воведување на воена обврска, со закани, војување, и на бојното поле и во политиката, во економијата и во образованието и секаде. Речиси и да нема институција што не ја изгубила довербата кај луѓето, ако воопшто некогаш и ја имала. На ред дојде цел еден род, да биде принуден да се преиспита. Се разбира, ништо битно нема веднаш да се промени дури ако и на претстојните избори во САД сите пратенички места ги освојат жени. Ќе се покрене процес, а тоа е она што е револуционерно. Америка знаеше да биде заразна во позитивна смисла, можеби пак ќе биде. Последната надеж дека лудилото на власта може да се намали му припаѓа на женскиот род.

Станува збор за она што пред некој ден го дефинираше Јирген Хабермас: „Денес народите се угнетени од политички неконтролираните функционални императиви на светскиот капитализам воден од финансикиот пазар без коректив. Повлекувањето од страв, во националните граници не е вистинскиот одговор.“ Во светот што е во хаос, кој врие барајќи некој разумен излез од ќорсокакот во кој го одведе економско/политичкото едноумие на мачо либерализмот му преостануваат уште малку неискористени можности и уште многу малку некорумпирани општествени заедници. Жените се една од нив. Во изминатите 10 години е забележан застрашувачки пораст на фемицид во тнр. развиени земји. А во 1993 година, ООН изгласаа Декларација за елиминарање на насилството врз жените.

Хаосот е тотален. Скандинавија која беше пример за ефикасен и социјално врамнотежен систем, потклекнува под наездата на популизмот. Се тврди дека популизмот е производ на кризата, пропаѓањето, лошата економија – но, тоа го нема во Скандинавија. А се стравува дека на 9 септември, кога граѓаните на Шведска излегуваат на избори, преку 20 отсто од гласовите може да освои Демократскиот сојуз, малку поблага до неодамна ултра десна, профашистичка партија и да стане политичка сила без чијашто согласност не можат да се носта одлуки и закони. Во Норвешка, популистичката FRP – Партија на прогресот веќе стигна до позиција на втора по ред партија според бројот на гласачи. Уште поексплицитно популистичката PerusS – Партија на вистинските Финци, од минатата година, е во коалицијата на власт. Конзервативно популистичката DFP – Народната партија на Данска, веќе подолго време ја користи својата позиција на јазиче на вагата за да ја насочува политиката во правец, кој пред десетина години во Данска, би бил отфрлен со згорзување.

Во однос на тоа, бранот на женскиот продор во политиката на Америка (претежно со социјалистичка ориентација – мнозинството од нив припаѓа на DSA на Сандерс, Демократските социјалисти на Америка во рамки на Дмеократската партија, иако не е мал бројот и во рамки на GOP, Републиканската партија) почнува да личи на противтежа на доминантното машко матење. Сосема е можно американските новинари да претеруваат во своите анализи, заради сензација или заради очајничка желба да се појави нешто ново и подобро од Трамп.

Описите на некои личности даваат појасна слика за кој вид на ангажман се работи. Сега речиси нема човек што не слушнал за Александриа Оказио Кортес, онаа што на твитер ги покажа скинатите патики од одење од врата на врата и која лесно го победи демократот Џозеф Кроувел на предизборите. Кроувел го нарекуваа „кралот на Квинс“, бидејќи суверено го држеше својот изборен округ цели две децении. Александриа е само 8 години постара од должината на владеењето на нејзиниот противник. Иако работничка, „сина крагна“, таа восхитува со своето образование и јасните идеи. Денес сите – од холивудските ѕвезди, до традиционалниот, остарен кадровски талог на демократите се трудат да ја поддржат на вистинските избори во ноември.

Тука е и Еми Мекграт, пилот полковник, прва жена која со својот Хорнет слетала на носач на авион и која откако заздрави од пострауматскиот стрес, сака својата неизмерна енергија сака да ја вложи во борбата на Демократската партија за помирољубиво, подобро општество. Таа едноставно го сомеле својот противкандидат на предизборите, професионален политичар и вети дека исто така ќе ги ги растера и момчињата на Трамп што ќе ѝ се најдат на патот.

На големо се пишува и за триесетгодишните Самер Ли и Сара Инаморато кои убедливо ги побебија политичките противници во Пенсилванија, за нивната врсничка Елизабета Фишер, кој со тримесечно бебе во рацете одела од врата до врата повикувајќи ги потенцијалните гласачи да ја поддржат во борбата за поправедно општество во кое ќе живее нејзиното бебе и сите идни генерации. Ги има многу и не само во Америка каде Мелинда Гејтс, сопругата на Бил Гејтс, повикува на порамноправен однос кон жените во претежно машкиот резерват на бизнисот. На 11 јули, „Форбс“ го објави списокот на 60 најбогати жени. Без финансиска моќ жените во денешното општество немаат шанса да стекнат влијание врз кроењето на политиката.

Бранот на женската самосвест не завршува со случувањата во Америка. Ќе наведам само два примери: Малгожата Герсдорф, претседателка на врховниот суд во Полска, која тамошната власт ја отера во пензија, застана на чело на протестите и желбата да се вратат вредностите на движењето „Солидарност“. Втората е Лаура Чинчила Миранда, поранешна потпретседателка, па претседателка на Костарика, која жестоко се бори против старите притисоци, кои посакуваат во земјата повторно да ја воведат војската и да стекнат нов купувач за своето смртоносно оружје. Освен Исланд, Костарика е едниствената држава која нема војска. „Откако одлучивме да ја укинеме војската, станавме најбезбедна земја во Централна Америка. Не е лесно да се разбере, но така се ослободивме од крвавите државни удари и граѓански војни, зашто кога нема војска, проблемите мора да се решаваат на мирен начин. Укинувањето на војската ни овозможи парите кои беа наменети за неа да ги пренасочиме во здравството и образованието“, вели таа. Секој на интернет може да се увери во успешноста на овој пристап во Костарика.

Ми се чини дека должам објаснување зошто се „уловив“ на оваа тема. Па затоа што имам впечаток дека се работи за нешто сосема ново. Не би почнувал од Ahotep од XVI век, ниту од Фу Хао од XII век, за да ја опишам историјата на женскиот продор кон власта. Доволно е да се тргне од оние со кои е современик мојата генерација: Од Голда Меир во штотуку родениот Израел, преку Индира Ганди, до Маргарет Тачер гледавме жени на власт што беа помашки од кој било маж.

Денес, се наѕира еден нов феномен: не само желба за стекнување власт, туку и борба за граѓанското право на политичко одлучување за да се создава подобро, поинакво и похумано општество. Можно е дека сè ќе остане на ниво на пропаднати надежи, особено ако не се добие поддршка од разумниот дел а машката и женската популација.

Ако се удри во ѕидови (денес тоа се тешко воочливи „гумени“ ѕидови) на одбрана на стекнатите позиции. Страшно моќните финансиски, воени, политички и слични лоби групи нема да ги препуштат своите феуди на општествената правда без злоупотреба на моќта, манипулации и лаги. Крадците и насилниците ја монополизираа иднината на човечкиот род. Недопустливо е да се помириме со тоа.


1)„Немам сила. За злосторство е потребна сила. Јас се уморив. Од што? Од нас, од мажите што постојано ја изведуваат својот хрватски или својот српски воен танц, како Маври. Викаат, го плазат јазикот, ги покажуваат мускулите, ги оџагаруваат очите, рикаат, го заплашуваат непријателот. Сето тоа трае и никако да престане.“

Слики: Zoe Buckman

Извор: Peščanik

 

ОкоБоли главаВицФото