Младата девојка како жива валута (1)

19.07.2018 13:26
Младата девојка како жива валута (1)

Младата Девојка е демонетизирана штом излезе од оптек. А кога ќе ја изгуби можноста да се врати на пазарот, таа гние.


Младата Девојка е стока специјално наменета за оптекот на конфекциски емоции.


Вредноста никогаш ништо не мерела, но она што уште не го мерела го мери сè полошо.


Живата валута го претставува конечниот одговор на стоковото општество на немоќта на парите да бидат еквивалент, значи со нив да се купуваат најлуксузните производи, најскапоцените и најинтимните добра на луѓето. Имено, во мера во која царството на парите се распространило на сите краишта од светот и станало израз на сиот човечки живот, парите ја изгубиле сета сопствена вредност, станале безлични како и нивниот концепт, па следствено на тоа толку патетични што да се биде еквивалент на што било вистински лично за нив станало проблематично. Токму таа апсолутна нееднаквост помеѓу парите и човековиот живот секогаш се појавува во цената на проституирањето. Со живата валута, доминацијата на стоката успеала - множејќи ги меѓусебно - да поништи две слабости: онаа да се купи човековиот живот како таков и, втората, да се купат неговите најлуксузни производи. Живата валута ја изедначува немерливоста на личните производи на луѓето - кои во меѓувреме станале престижни - со немерливоста на човековиот живот. Оттаму, Спектаклот го проценува непроценливото преку непроценливото во „објективните“ вредности.


„’Живата валута‘: индустрискиот роб вреди истовремено и како знак кој гарантира богатство и како самото тоа богатство. Како знак таа вреди за сите видови други материјални богатства. Меѓутоа, како богатство таа ги исклучува сите други побарувачки, освен побарувачките чиешто задоволување го претставува. Но нејзиното својство на знак исто тако го исклучува задоволување во вистинската смисла на зборот“ (Клосовски/Klosowski, Живата валута).


Со Младата Девојка како стока се поврзува карактерот на исклучивост поврзан со фактот дека таа исто така и на несведлив начин е човечко битие, значи нешто што, исто како и златото, е цел сама по себе. И токму заради таа ситуација на исклучок ѝ припаѓа улогата на општ еквивалент.


Живата валута, а особено Младата Девојка, вообличува едно прилично веројатно решение за кризата на вредноста, станувајќи способна да ги мери и наградува најкарактеристичните производи на ова општество - оние врзани за општиот интелект.


Зачувувањето на минималните општествени конвенции условено е од фактот дека вишокот жива валута би довел до нејзина девалоризација и би ја онеспособил да биде сериозен конкурент на непроценливото кое би требала да го купува. Истовремено, правејќи го непроценливото проценливо, таа ги поткопува сопствените темели. Сеништето на инфлацијата го прогонува светот на Младата Девојка.



Младата Девојка е конечната цел на спектакуларната економија, нејзиниот прв двигател, неподвижен.


Газето на Младата Девојка не носи некоја нова вредност, туку само ги девалоризира сите газиња кои ѝ претходеле. Разорната моќ на Младата Девојка би се состоела во девалоризација на сите производи кои не се конвертибилни во жива валута.


Во нихилизмот секој поим на величина или престиж би исчезнал многу одамна ако непосредно не бил конвертиран во Млади Девојки.


Младата Девојка не ја пропушта шансата да прогласи победа на живата валута над обичните пари, на тој начин барајќи во замена за самата себе бескраен контраподарок.


Парите престанаа да бидат ултимативен термин на економијата. Ја изгубија вредноста заради својот триумф. Како гол крал од кој се одметнала сета метафизичка содржина, ја изгубија сета вредност. Живата валута е она што доаѓа да го заземе местото на парите како општ еквивалент, она наспроти што сè стекнува своја вредност. Таа е своја вредноста и своја конкретност. Куповната моќ, и a fortiori моќта на Младата Девојка, немаат граници; таа се шири на сè што постои, бидејќи во неа симболот на богатството се меша со самото богатство. Високото ниво на „индивидуализација“ на луѓето и нивните производи, кое ги направило парите неспособни да служат како посредник во чисто личните односи, се враќа во игра под услов да се дистрибуира живата валута.




Се чини дека сета конкретност на светот се повлекла во шупакот на Младата Девојка.


Како што организацијата на општествената беда стана нужна по 1968, за на стоката да ѝ ја врати нејзината изгубена чест, така и сексуалната беда е нужна за одржувањето на тиранијата на Младата Девојка, живата валута. Но бедата која се открива не е само конјуктурна: напротив, тоа е есенцијална беда на „сексуалноста“ која конечно се покажува.


Парите воопшто не доаѓаат во противречност со живата валута. Парите се еден унапреден момент на живата валута која таа го одржува со сето нејзино сметководство кое повеќе не мери ништо.


Со оглед дека преведувањето на високодиференцираниот човеков живот во пари стана невозможно, измислена е Младата Девојка која ја враќа вредноста на девалоризираните пари. Но со самиот чин со кој ги декласираше парите правејќи ги второстепен фактор, Младата Девојка ги регенерираше, им ја врати супстанцата. И токму со тоа лукавство парите и понатаму преживуваат.

Слики: Aleksandra Waliszewska

Превод: Стефан Симоновски

Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото