Австрија – шест месеци десна влада

20.07.2018 00:45
Австрија – 6 месеци десна влада

Актуелната австриска влада положи заклетва на 18 декември минатата година. Составот на новата влада го привлече вниманието на светските медиуми. Прво, за канцелар беше поставен 31 годишниот Себастијан Курц, лидерот на конзервативната Австриска народна партија (ОВП). Второ, на власт се врати радикално десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО). Нејзиниот долгогодишен лидер Хајнц-Кристијан Страхе стана вицеканцелар.

Во средиштето на минатогодишната изборна кампања и ФПО и ОВП го поставија ограничувањето на имиграцијата и интеграцијата. Партиите од левицата не успеаја да пронајдат адекватен одговор – социјалдемократите (СПО) го изгубија канцеларското место, додека Зелените испаднаа од парламентот. ОВП и ФПО постигнаа коалициски договор кој ја нагласува либералната економска политика и мерките за запирање на имиграцијата. На коалициските партии не им требаше многу време за да пронајдат заеднички јазик – што отскокнува од многуте неодамнешни примери за формирање влади во земјите од западна Европа.

Критичарите се надеваа дека потезите на новата влада брзо ќе ги натераат гласачите да се предомислат. Особено се очекуваше дека ФПО ќе помине лошо. Кога последен пат беа во владата (2000/3; 2003/5), партијата ја губеше поддршката и најпосле се подели. Но, сега се чини дека таквите очекувања се неосновани.

Како што и се очекуваше, двете партии продолжуваат да инсистираат на проблемите на имиграцијата и интеграцијата. Во некои случаи фокусот директно е насочен на мерките за социјална заштита. На пример, коалицијата се согласи да ги намали минималните социјални давачки за лицата кои слабо или воопшто не зборуваат германски јазик. Исто така, родителите што работат во Австрија наскоро ќе почнат да добиваат семејна парична помош во износ кој зависи од трошоците за живот во местото во кое живеат нивинте деца. На многу граѓани од источна Европа кои работат во Австрија тоа значително ќе им ги намали приходите. Владата го намали и буџетот за спроведување на мерките за интеграција. Исто така, ОВП и ФПО одлучија да затворат седум џамии чии имами се обвинети дека се премногу блиски со „радикалниот“ политички ислам и најавија забрана за покривање на главите на двојчињата во детските градинки и основните училишта.

Покрај имиграцијата и интеграцијата, како мошне важна тема во австриската политика се наметна ратификацијата на ЦЕТА, економскиот договор со ЕУ и Канада. Иако ФПО жестоко се противеше на договорот додека беше во опозиција, во новата влада гласаше за ратификација. ФПО би можела да се обиде да издејствува укинување на забраната за пушење во рестораните која веќе ја усвои претходната коалиција СПО/ОВП. Исто така, владата барем привремено ја запре програмата за долготрајно невработени постари од 50 години. Коалицијата исто така се согласи да се прошират капацитетите на државата за спроведување онлајн надзор – иако неколку месеци пред последните избори претставниците на ФПО ги споредуваа сличните иницијативи со министерството за државна безбедност на Милке, Штази, во Германската демократска република.

ФПО сега е надлежна за министерствата кои вршат политичка контрола над полицијата, војската и разузнавачките агенции. Истрагите против неколку претставници во Сојузната служба за заштита на уставот и борбата против тероризмот предизвикаа многу контроверзи. Министерот за внатрешни работи Херберт Кикл (ФПО) го суспендираше шефот на оваа разузнавачка агенција кој беше под истрага. Меѓутоа, кога судот ја укина неговата суспензија, тој се врати на работа. Опозициските партии и новинарите ја обвинија ФПО дека се обидува да постави свои луѓе во оваа агенција и да ја спречи разузнавачката истрага против екстремната десница.

Злогласните „изолирани случаи“ во рамки на ФПО исто така ги полнеа новинарските текстови. Такви Einzelfälle се редовните расистички, дискриминаторни или на друг начин контроверзни постапки и изјави на политичарите од ФПО или нивната блиска поврзаност до поединци и групи кои се однесуваат на таков начин. На пример, Удо Ландбауер, водечкиот кандидат на ФПО на регионалните избори во Долна Австрија, беше клучен член на братството чиј репертоар на песни вклучуваше антисемитски текстови. Реагирајќи на тој и многу слични случаи, вицеканцеларот Страхе формираше комисија која треба да ја истражи историјата на неговата партија. Меѓутоа, партискиот ветеран Андреас Мелцер изјави дека формирањето на „комисијата пред сè е тактички маневар кој треба да го сврти вниманието на медиумите“ – при што и самиот тој е еден од членовите на комисијата.

ФПО исто така ја продолжи кампањата против австрискиот јавен сервис ОРФ. Норберт Стегер, поранешен заменик канцелар од редовите на ФПО (1983-1987) и нов шеф на постоечкото тело кое го контролира ОРФ, го нагласува својот „образовен“ пристап во новинарскиот еснаф, што вклучува остри критики на сметка на одредени новинари со импликации за можен отказ. Во февруари 2018, сегашниот вицеканцелар Страхе на својот Фејсбук профил постави слика од ТВ водителот Армин Волф со коментар: „Постои место на кое лагите стануваат вести. Тоа е ОРФ.“ Страхе го додаде и текстот „Сатира. Ј“. Кога Волф одлучи да покрене тужба, Страхе ја избриша пораката, се извини и плати отштета која новинарот ја донираше на Институтот за истражување на нацистичкото минато на Австрија.

После 6 месеци на власт, резултатите од испитувањето на јавното мислење покажуваат дека новата влада се наоѓа во период на стабилна поддршка. Во моментов трите најголеми австриски партии имаат поддршка која им одговара на минатогодишните изборни резултати. ОВП има предност од над 30 проценти, додека СПО и ФПО се речиси изедначени во повеќето испитувања со малку помалку од 30 проценти. Политичар со најголема поддршка во јавноста е канцеларот Курц.

Освен тоа, ОВП и ФПО релативно добро поминаа во четирите кругови на регионалните избори одржани по декември 2017 година. ОВП со леснотија ги сочува своите 3 региони, додека ФПО би можела да го зголеми уделот во сите 4, иако во некои случаи помалку отколку што се надеваа. Интересно е што најголем успех за СПО е тоа што ги зајакна своите позиции во Корушка која долго беше упориште на ФПО.

Една од причините за популарноста на новата влада е инсистирањето на проблемот со имиграцијата – што денес е важна тема во Австрија. Според податоците на Евробарометар од ноември 2017, 28 проценти од Австријците сметаат дека имиграцијата е едно од двете најважни прашања со кои се соочува нивната земја – што е повеќе отколку во периодот од 2005 до мај 2015, пред „бегалската криза“ во Европа. Ниеден друг проблем не доби повеќе гласови.

Втората причина, која потешко може да се измери, е недостатокот од отворени конфликти помеѓу двете владејачки партии – нивните клучни членови се воздржуваат од заемни критики пред јавноста. Тоа е голема разлика во однос на претходната „голема коалиција“ на СПО и ОВП во која двете страни, а особено ОВП, ја напаѓаа партнерската страна. ОВП, вклучувајќи го и канцеларот Курц, сега главно молчи за контроверзите поврзани со политичарите од ФПО.

Од 1 јули Австрија претседава со Советот на Европската унија. Во текот на овој мандат канцеларот Курц може да очекува уште поповолен третман во австриските високотиражни таблоиди кои ќе го прикажуваат како човек во самиот центар на европската политика. Исто така, релативно долгиот период до следните значајни домашни избори, закажани за 2019 година (изборите за Европскиот парламент и регионалните избори во Форарлберг) на неговата влада ѝ оставаат доволно простор за маневрирање.

И некои од политичките противници во тоа гледаат добра прилика, зашто очекуваат дека натамошното намалување на социјалните давачки и економската либерализација ќе ја поткопаат популарноста на ОВП и ФПО. Но, дури и ако се случи тоа, големо прашање е кој ќе има корист од тоа. Дезориентираните социјалдемократи досега не успеаја да развијат опозициска програма. Особено е погубно тоа што не нудат алтернативни решенија: во поглед на имиграцијата и интеграцијата нивните планови не се разликуваат од плановите на актуелната власт. Исто така, не покажуваат ни желба ни способност да го доведат во прашање монополот на владата на проблемот со имиграцијата. Нивните напади на ФПО заради ненадејната промена на ставот во однос на ЦЕТА не завршија добро – по организирањето на внатрепартискиот референдум во 2016 година, раководството на СПО исто така одлучи да ја занемари волјата на своите членови кои гласаа да се отфрли договорот.

Преостанатите две парламентарни партии се сведоа на сопствените лидери, кои потоа поднесоа оставки. Во мај Матијас Стролц, елоквентниот лидер на либералната партија НЕОС, објави дека се повлекува од политиката. Петер Пилц, лидерот на „сопствената“ еклектична лева зелена партија Листа Пилц, се повлече уште минатата година заради обвинувањата за сексуално злоставување. Обвиненијата не стигнаа до суд, па овој месец Пилц се врати во парламентот, но после острите и мошне јавни внатрепартиски конфликти околу именувањето. Австриските опозициски партии се во лоша состојба.

Надвор од доменот на партиската политика, Австрија е позната по релативно неразвиената култура на протести. Исклучок е забележан во 2000 година, кога организаторите на таканаречените „демонстрации во четврток“ успеаја да мобилизираат илјадници демонстранти за време на повеќенеделните протести против првата влада на ОВП/ФПО. Но, овојпат не се случи ништо слично. Протестите против депортацијата на одбиените азиланти главно се ограничени на поединечни случаи кога личните врски со некои од загрозените поединци ги претвораат граѓаните во активисти. Досега најголемо противење предизвика одлуката да се повлече општата забрана за пушење во рестораните. Иницијативата за забрана доби поддршка од повеќе од половина милион граѓани на Австрија – а на почетокот од октомври граѓаните и официјално ќе добијат можност да ја потпишат оваа необврзувачка иницијатива.

Од Европа не може да се очекуваат посериозни критики. Во 2000 година, првата влада на ОВП/ФПО се најде на мета на остри критики од меѓународната заедница, па другите членки на ЕУ дури и ја „санкционираа“. Сега европскиот контекст значително е променет. На претседавачкото место Австрија ќе ја замени Бугарија, уште една земја во која десницата и радикалната десница владејат заедно. Курц и Страхе веќе објавија дека најмногу внимание ќе ѝ се посвети на „заштитата“ на надворешните граници на ЕУ – што е цел за која ќе ги поддржат најразлични влади, како онаа во Германија, Унгарија и Италија.

Да нема забуна, коалицијата се соочува и со потенцијални опасности. Што ќе се случи ако Курц успее да привлече уште поголем број гласачи на ФПО? Стратегијата на Курц за фокусирање на имиграцијата и интеграцијата засега се исплатеше и малку е веројатно дека тој елемент ќе се отстрани од победничката формула. Како ќе реагира ОВП ако ФПО се обиде да се насочи кон политики надвор од коалицискиот договор? На пример, во мај вицеканцеларот Страхе го доведе во прашање слободното движење на луѓето во рамки на ЕУ – а, интересно е што истовремено укажа на проблемот на одлив на мозоци од земјите од источна Европа. И што ќе се случи ако опозицијата успее да се мобилизира против владата? Социјалдемократите можеби ја изгубија канцеларската позиција минатата година, но нивната партија и натаму е значително посилна отколку сличните партии во поголем дел од западна Европа.

Следните општи избори во Австрија се одржуваат во 2022 година – тоа е доволно време да се појави сериозен предизвикувач. Но, и доволно време ОВП и ФПО да ги спроведат своите политики.

Авторот е истражувач во МИДЕМ (Меркаторов форум за „Миграции и демократија“) на техничкиот универзитет во Дрезден, и на институтот на Европскиот универзитет во Фиренца. Се занимава со компаративна политика и политичка социологија.

Извор: http://blogs.lse.ac.uk