1003 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 23:59
Како дел на програмата на „Скопско лето“, на сцената на МОБ, на почетокот на јули, премиерно беше изведен современиот балет „Метаморфоза“ по концепт и кореографија на Ивана Коцевска, поставен на истоимената композиција на Филип Глас во интерпретација на Дино Имери, дополнета со музика на Иван Пенов, костимите на Милена Атанасова, дизајнот на светло на Mилчо Александров.
Реакциите за оваа мултимедијална балетска претстава и на публиката и на критиката се позитивни:
„Во интерпративна смисла целата екипа иницираше полнокрвен пулсирачки живот на претставата, унисоно, посветено, предадено. Независно дали се работи за искусни играчи како Ангела Велевска, Мирослав Митрашиновиќ, или пак за младата еруптивна потенција на македонскиот балет Илијана Данилов и Христина Наќевска, гостинот Ендрју Кук, или пак за најмладите од балетскиот ансамбл Медина Јусуфовиќ, Меланија Гоцивеска, Ивана Димковска, како и учениците кои на моја огромна гордост се дел од мојата едукативна школа - Виолета Карајанова, Мартина Димовска кои доаѓаат од сферата на балетот, но и претставници на еден друг интерпретативен конструкт Бојан Мицев студент на катедрата по современ танц на ФМУ и Исидова Краљевска матурант на насоката по модерен танц на ДМБУЦ во класата на Елена Антонова Петровиќ, се стопија танцово и енергиски, со прецизно нивелирање во однос на диверзитетот на ниво на изведувачки стил, телесен формат, енергија и емоција.
Браво дечки одлични бевте. И конечно секако Ивана Коцевска која „метаморфозираше“ и ја дисперзираше сопствената перформативност на ненаметлив но мошне сугестивен начин, поставувајќи императив во однос на појава, семантика, поетика, зрачење“ - Соња Здравкова Џепаровска.
„Метаморфозирајки ја аморфната маса преку телесното и допирливото, до апстрактното и метафизичкото. Структуирани со автентично кодирана танцова лексика и елементи од неокласичната балетска техника, компатибилни со ритамот, звукот и хармонијата на музиката. Ставени во широко отворениот сценски простор без декор, со само еден мал декоративен eлемент.
Висечки бел меур од кој се излачуваше телесното, мултиплицирајки се во множество. Множество кое преку едно меѓусебно најизменично претопување го моделираа делото, обоено со загасито сиво-сина илуманиција и силно фокусирани светлосни млазеви“ - Емилија Џипунова.
Фотографии: Јелена Белиќ, Сашо Алушевски