Отворен мал групен дом во Тимјаник, сместени се четири деца

21.07.2018 10:45
Отворен мал групен дом во Тимјаник, сместени се четири деца

Од 20 јули официјално почна со работа новиот мал групен дом во неготинско Тимјаник. Во него се сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија.

„Недоразбирањата во Тимјаник се надминати, а децата преселени во малиот групен дом. Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани. Жителите ни дадоа поддршка на она што го правиме. Верувам Тимјаник ќе биде и ќе остане симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, изјави министерката Мила Царовска.

Процесот на деинституционализација, кој преставува премин од социјална грижа во големи ткн. „безлични“ институции кон грижа во заедницата, започна со бурни реакции и протест токму во Тимјаник. Жителите одбиваа отворање на малиот групен дом велејќи дека повеќе им е потребна градинка за нивните деца.

Досега од Специјалниот завод Демир Капија се извадени вкупно седум деца, информираат од МТСП.

Во новиот мал групен дом децата ќе имаат 24 часовна поддршка од лични асистенти, специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на овие деца полесно и побрзо да се вклопат во општеството, велат од Министерството.

„Со отворањето на малиот групен дом денес правиме нов чекор кон трансформација на големите институции и обезбедување семејна грижа за секое дете. Заедно со Владата и другите наши партнери секој ден сме се поблиску до остварувањето на заложбата на Владата за ставање крај на институционалната грижа за деца помали од три години до 2020 година.“ изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

 

ОкоБоли главаВицФото