Слонот на Марија, спинетата на Елизабета

21.07.2018 12:28

Една ноќ во 1580-те, го прегризува последниот јазол
на свеќа. Уште едно топче под опашот и ете го, везден
на косо: сепнат крал од Icones Animalium, а таков лиот не видела.
Ушите, Петрово уво в розова срма. Стапала исчезнати в мрежест вир
меури: синкаст грашок. Го положува в скути
дури в мисли си пишува писма, неиспратливи како зборовите за смола
на ерменски акролект. Сè што има да каже, братучеда ѝ знае
веќе. Речено е. Надвор, црната неначната шума
езди кон Лондон. Волци убиваат срна, за окотот чиј последен потомок
ќе го застрелаат во кралството на Марија, двесте години подоцна.
Но таа, меѓу ѕидовите, е невенче: сончоглед* 
што се врти кон сонцето што веќе не ќе ѝ огрее лице,
претура по стари шпански книги и бара грбови надеж.

Долу на југ, клавишите се од Флоријан, од Венеција.
Братучедата Е потсвирнува некаква бирдовска** верзија на Only the Lonely, го загледува
позлатениот украс, исламски шареното венче, знакот со сокол и жезол.
(На мајка ѝ е. Го доплати.) Звучников; резбанава
бронзена ружа, е сонце прислушувач. Си ги чека кодошите.
Никогаш нема да се предаде. Станала своја сопствена гротеска:
праќа мажи в тропски предели, ги праќа во смрт. Кога крвта ќе повела
играј, са ноќ ќе танцува гавота*** со Лестер војвода.
Се ронат ли солзи за ликот нејзин сега, зашто кој друг
би ѝ дошол в постела? Кога сетата ќе навали, ја гледаат
кај заигрува павана****. Ковчиња ко сенки, главести, тристрани, српести,
се ресат и се грчат на шепата. Едно искадрено влакно,
црвенобело, слетува леко врз црното средно Ц.

И ако ти и јас се фатиме за раце долж собава и допреме ДНК
што од нивниот допир останала на слонов
извезден в кадифе и лен, на венецијанскиов лак,
на чемпресот и абоносот, ќе споиме прсти што никогаш не се среле.


_____________________________________
* Во оригиналот: heliotrope. Хелиотроп, секое растение чиј цвет се врти кон сонцето.
** Вилијам Бирд, англиски композитор, 1543-1623.
*** Гавота, бавен танц од 17 век, нешто пожив од минуетот.
**** Павана, бавен танц со шпанско или италијанско потекло, кој се играл во двојки.

Превод и белешки: Огнен Чемерски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото