ФИЛОЗОФИНА наместо жена-филозоф?

23.07.2018 00:49
ФИЛОЗОФИНА наместо жена-филозоф?

Студиите по филозофија во Скопје ги започнав во октомври 1970-тата. Тие што тогаш студираа филозофија, најчесто тоа го чинеа од голем восхит кон таа научна дисциплина. Така беше и кај мене. Тогаш во Скопје уште предаваше прочуениот професор Павао - Вук Павловиќ. И тоа неколку предмети: античка филозофија, етика и естетика. До предавалната за филозофија имаше едно тесно одајче. Тоа беше кабинетот на Вук. Така сите го викавме стариот професор, Хрват од еврејско потекло, но, католик. Така успеал да ја преживее Втората светска војна. Но, кога дојдоа југословенските комунисти на власт, Вук ја изгуби катедрата во Загреб, кусо беше деградиран во библиотекар, а потоа отпуштен. 1958-та го повикаа да предава на Катедрата за филозофија во Скопје. Каква среќа за скопските студенти!

По секое предавање, Вук остануваше во своето одајче во подолг разговор со заинтересираните студенти. Потоа сите студенти го придружуваа на патот до дома. Некогаш пешки, крај Вардар, сè до рампата кај Кисела Вода, кадешто живееше во Скопје. Во одајчето на Вук на факултетот имаше една голема фотеља. За него. И мало масиче на кое стоеше неговиот стар германски грамофон. Вук постојано слушаше класична музика. И во паузите. Најчесто Бах и Бетовен. Околу него стуткани седеа восхитените од неговата величина. Сите, речиси одред, студентки! Најубаво беше во пролет, кога во ботаничката градина цутеа неброени дрвја на магнолии, кога времето беше веќе топло, а старите прозорски крила стоеја отворени додека седевме во малечката предавална. По предавањата воздухот долго мирисаше на магнолии, а од Вуковото одајче се слушаше само Бах и неговиот благ, сонорен говор. Сите други молчеа и го голтаа секој негов збор. Најчесто не влегував во преполното одајче, туку стоев до отворената врата. И потслушнував. И не знаев што повеќе ме восхитуваше: Вуковиот глас, Бах или миризмата на магнолиите во старото здание...

Студиите ги започнав и завршив во тоа толку романтично, но, привремено седиште на Филозофскиот факултет. Во зградата на Шумарскиот факултет, сместен во чудесната ботаничка градина, под височинката Гази Баба. Имаше само едно бифе во близината. Сместено беше во баракичето од другата страна на патот. Мислам дека се викаше „Студент“. Иако таму, многу често, заедно со студентите седеа и шоферите, камионџиите. Тие таму во паузата пиеја кафе, а често и ракија, додека камионот чекаше на нив на паркингот зад бифето. Отсекогаш ми се чинеше дека студентите по филозофија најдолго пиеја кафе во тоа бифе. И најгласно дискутираа за сите возможни теми.

Не знам како е сега на студиите по филозофија, но во таа генерација имаше повеќе студентки. И сите беа неверојатно амбициозни. Секако, не можеше да се одмине и прашањето за правата на жените. Многу често дискутиравме за тоа зошто во македонскиот јазик уште нема именка за жена која професионално се занимава со филозофија. И покрај долгите и гласни дискусии, не најдовме решение. Паметам, некој го предложи името „филозофка“, кое жестоко го одбиваме токму ние, студентките. Тие, најбројните на студиите.

Предлогот ни звучеше глупаво, ниту малку продуховено, како што доликува за посветените на љубовта кон мудроста. Од немајкаде, продолживме да се нарекуваме филозоф или жена-филозоф. Дури и кога и самите станавме асистентки или професорки. На катедрата тогаш не недостигаа самосвесни жени. Таму уште беше прочуената професорка Загорка Мичиќ, која студирала пред војната во Германија кај Едмунд Хусерл, а дури била кусо време и негова асистентка. Барем така се раскажуваше од генерација во генерација. Социологија предаваше Деса Миљовска, една многу самосвесна и еманципирана жена. Но, никој од нив не поседуваше многу збородарба или фантазија за да изнајде соодветна именка од женски род за филозофирачките жени.

Лесно ми е откако живеам во Германија. Во германскиот има именка од женски и од машки род за оваа професија: Philosophin и Philosoph. Поведена од германскиот јазик, напати во македонскиот ја употребувам именката ФИЛОЗОФИНА. Секако, таа не постои во македонскиот. Но, оваа зборотворба не противречи на принципот на обликување женски именки во македонскиот јазик, оти, на пример, имаме балерина и балетан. Тогаш, зошто не ФИЛОЗОФИНА и ФИЛОЗОФ?

Патем, порано се велеше и жена-уметник, но сега гледам дека сè почесто се вели УМЕТНИЦА. Тоа е убаво име за жената чија професија е уметноста.

Слики: Alberto Gálvez

 

ОкоБоли главаВицФото