Критична маса #75: Каков коктел сака Скопје?

23.07.2018 11:18
Критична маса #75: Каков коктел сака Скопје?

Во среда (25 јули), иницијативата „На точак“ организира нова Критична маса, но овој пат прашањето гласи – Каков коктел сака Скопје, односно какво превозно средство градот ќе избере да му биде главно.

Оттаму нагласуваат дека сообраќајните политики во градот се нешто што самите власти ги создаваат, не се комбинираат самите.

„Ниту луѓето во Скопје преферираат автомобили сами по себе, ниту луѓето во Копенхаген преферираат точаци сами по себе, Ниту луѓето во Варшава – јавен транспорт сами по себе. Го преферираат тој превоз зашто градот го направил тој избор да е најбрз и најпрактичен. Обезбедил најдобра инфраструктура за него, вложил најмногу во услови за тој тип на транспорт“, стои во најавата за Критична маса.

За Скопје велат дека рецептот е базиран на автомобили.

„Во Скопје нема посебни автобуски ленти, во Скопје нема брз јавен превоз (било тоа да е трамвај или bus rapid transit), во Скопје нема организиран автоматизиран јавен велосипедски превоз, а уште помалку може да се размислува за комбинирање на различните типови транспорт.

Во Скопје од широки булевари со 3 ленти во секоја насока со мноогу автобуски линии кои минуваат по нив (пр. Партизански одреди), ниту една лента не е посветена на јавен превоз. Во Скопје има булевари кои немаат функционални пешачки и велосипедски патеки (пр. Борис Трајковски и Цветан Димов). Има простор за 2 или 3 ленти во насока за автомобили, а има тесно тротоарче за мешање пешаци и велосипеди кое често е окупирано со паркирани возила. Не мора ни да објаснуваме како е на споредните улици. Сеопшт паркинг!
Сето тоа е резултат на политички и планерски одлуки, не е коктел кој се создал самиот од себе“, велат од „На точак“.

Возењето ќе започне во 19 часот, но овој пат симболично, Критична маса ќе започне од Транспортниот центар (поточно станица на ЈСП, прва 22-ка).

 

ОкоБоли главаВицФото