Опожарени умови?

25.07.2018 15:14
Опожарени умови?

Во моите предадолесцентски години, кога ги откривав разните литературни форми, особено оние надвор од зададените лектири, омилен лик од стриповите ми беше Страшниот Хогар. Во една епизода, Хогар се враќа дома со леток на кој тој е опишан како полош од Атила, од ред други варвари и од страшни болести, како што е чумата. Откако ќе го прочита текстот до крај, Хогар со итарпејовска насмевка кон Хелга очекува и таа да го разбере описот како најголем комплимент. На ова ме потсети редицата вџашувачки коментари од јавни лица, но и на социјалните медиуми, во врска со трагичните пожари деновиве во Грција. Неверојатно е колку безумна злоба избива под прстите водени од опожарени болни умови, како од пукната фекална канализација. Кога ќе им се уочи тој факт, тие го сметаат тоа за комплимент!

Истовремено, голем дел од нив, залудени со теории на заговори, ја негуваат фатаморгастичната визија дека се директни потомци на античкиот цар, кој според пролеаната крв, е полош од Хогар и од Атила заедно, додека во своите заматени глави се сметаат себеси и како приврзаници на пораката на апостолот Павле кој на територијата на Македонија за првпат го донесол евангелието за Исус Христос, на пораката на раните црковни отци, а и на браќата Кирил и Методиј. Само незнаењето и суеверието од епски размери можат да се држат до вакви противречности и мешање на „баби и жаби.”

Што се однесува до Исус, неговите апостоли и црковните отци, нема поголема навреда некој што се повикува на нив да дава изјави полни со злоба и со омраза.
Да се потсетиме дека според Исус не само што не треба да им се ситиме на нашите непријатели кога ќе западнат во неволја, туку треба да им покажеме безусловна љубов. Тоа Исус директно го изјавува во Евангелието според Матеј 5:43-45: „Сте слушале дека е кажано: ’Љуби го својот ближен и мрази го непријателот’. А Јас, пак, ви велам: Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните.“

Покрај оваа директна изјава, една од најпознатите параболи кои Исус им ги раскажува на Евреите е онаа за „Добриот Самарјанин,“ припадник на етничка група која била во вековна омраза со Евреите. Во параболата, за да нагласи кој е вистинскиот ближен што сме должни да го сакаме како самите себе, Исус раскажува за Самарјанинот кој покажува безусловна љубов спрема еден Евреин западнат во крајна неволја. Очигледното наравучение од оваа приказна е дека секој треба да се поистовети со Самарјанинот и да направи дело на љубов, дури и ако се работи за непријател. Но има и еден субверзивен елемент во пораката на Исус. Со фактот дека тој како Евреин, избира Самарјанин да биде главен лик, кој искажува љубов спрема својот природен непријател, тој назначува дека Самарјанинот, гледај чудо, е способен за такво херојско дело.

Со други зборови, Исус одбива Самарјаните да ги гледа низ стереотипот на Евреите: тие за нив биле нецивилизирана, неморална и инфериорна група, за која со право може да се смета дека се субхумани. Балканските народи за жал, продолжуваат да ги негуваат овие предрасуди за оние од соседните групи кои по нешто се разликуваат од нив. Од ова прозилегува дека ниту еден следбеник на Христос не смее да негува стереотипи кон припадниците на другите групи луѓе и дека од нив треба да очекува иста човечност како и од својата група.

Покрај новозаветните примери што недвосмислено покажуваат дека секој јазик на омраза е нехристијански, тоа е јасно демонстрирано и од црковните отци, светите на кои македонските христијани им ги посветуваат своите цркви и ги земаат за покровители на нивните домашни слави.

За пример ќе го земеме св. Максим Исповедник, светијата кој бил во егзил како казна четири пати, чии рака и јазик биле исечени како казна што пишувал против волјата на императорот, и кој починал во прогонство измачен и изгладнет на брегот на Црното Море на територијата на денешна Грузија.

Во својот коментар на молитвата „Оче наш”, неговата сумаризирана духовна егзегеза на Новиот завет, Максим тврди дека самооткажувањето на Исус Христос во полза на човештвото треба да биде модел за сите христијани. Тие исто така треба да се самооткажуваат во полза на човештвото. Максим ова јасно го нагласува во воведните зборови на својот коментар на „Оче наш”: „Зашто зборовите на молитвата го бараат од нас она што Словото Божјо го направи во своето тело со живот на самооткажување.“

Толкувајќи ја Библијата, Максим никогаш не ја губи од вид космичката битка која влијае врз земните односи меѓу народите. Тој тврди дека Божјото царство, кое го воспоставил Исус, е против принципите на сите земни царства. Под ова, Максим првенствено мисли на принципите на сила и на тиранија. Напротив, Максим ги потсетува своите читатели дека од христијаните се очекува тие да им простат на оние што згрешиле против нив, и дека треба да се поистоветат со сите жртви на моќ и насилство, исто како што Исус се поистоветил со човештвото така што земајќи човечко тело станал еден од нас.

Дополнителен мотив за ваквото поистоветување и безусловна љубов, Максим наоѓа во фактот дека кога им простуваме на другите, ние со тоа го потврдуваме фактот дека тие се еднакви со нас. Антрополошкиот егалитаријанизам на Максим се занова врз идејата дела сите човечки суштества, во нивната суштинска природа се со еднаков статус пред Бог зашто се создадени според негов образ и подобие. Секое човечко битие го носи Божјиот образ и спрема него треба да се однесува како што Бог во Христос се однесува со човештвото, со љубов и простување. Максим пишува: „Кога Господ заповеда ‘љубете ги вашите непријатели; правете им добро на непријателите; ... и на оние што ве мразат,’… Тој не го заповеда невозможното, туку можното. ... Самиот Господ ... тоа ни го покажал преку своите дела.“ Ова значи дека Бог очекува од луѓето да го прават она што е јасно во домен на нивните можности, а потпомогнати од Божјата милост. Со ова Максим тврди дека само ако им простуваме на другите ќе се најдеме во состојба да се молиме за прошка на нашите гревови.

Во една друга книга, Максим им вели на читателите дека ако сакаат да го победат овој паднат свет, тие ќе можат да го сторат тоа само според примерот на Христос. Во петнаесеттата глава на „Подвижничкиот живот,“ Максим го изразува својот идеал за безусловна љубов. Победата ќе биде добиена единствено преку самопожртвувана љубов. Коментирајќи ги зборовите на апостол Павле во првото послание до црквата во Коринт во глава 4, стихови 12-13, каде што пишува: „Кога нè укоруваат, ние благословуваме, а кога нè гонат – трпиме; кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе,“ Максим нагласува: „Апостолот ... ги благословувал противниците, ги поднесувал прогонителите, ... Така ... по примерот на Спасителот, ... тој и другите апостоли го помирија светот со Бог победувајќи ги преку пораз оние што се надевале на победа. Ако стигнеш и ти брате до оваа цел, и ти ќе можеш да го љубиш оној кој те мрази: ... друг начин нема.“

Денес живееме во свет кој сè повеќе се стреми кон парохијалност, изолација, трибализација и тесноградост. На Балканот народите се исклучуваат едни други, во обид да се зачува некаков мит за посебноста на нечија супериорност во расна, етничка, религиозна или политичка смисла. Ситењето за ужасната трагедија на Грците во пожарите на Атика е симптом на таква тесноградост од највулгарен вид.

Пораката на Новиот завет онака како што е директно запишана, но и протолкувана од Максим Исповедник е добар тест за секој од нас да видиме дали се гордееме со „комплиментите” на Страшниот Хогар, или пак се соочуваме со предизвикот на безусловната љубов според примерот на Исус и која неизбежно ги вклучува и нашите непријатели.