Пожари во Грција: расте бројот на загинати

25.07.2018 16:22
Пожари во Грција: Расте бројот на загинати

Практично за една ноќ пожарите низ предградијата на Атина се раширија толку брзо што ги имаше повеќе десетици на три фронта. Одделни предградија, како Мати, се целосно уништени, а сведоците од тој дел на Атина ја опишуваат стихијата како да избила Трета светска војна. Досега официјално настрадаа над 80 луѓе, додека 200 се повредени.

Потрагата по исчезнатите сѐ уште трае, а на социјалните мрежи се водат истраги и потраги по членови на семејства и роднини. Материјалната штета е огромна.

Едно од прашањата кои се наметнуваат е: како може да има толку многу жртви во престолнина на една европска држава.

„Иако бројот на жртви е многу висок, многу луѓе се евакуирани. Евакуацијата не била лошо спроведена, туку пожарот бил толку силен и дошол толку брзо што луѓето не успеале да избегаат. Глетките од бегањето се исто така многу хаотични. Огнот ги зафаќал и колоните автомобили, луѓето излегувале од возилата и бегале кон морето. Некои успеале, некои не. Поради тоа ситуацијата била многу неизвесна за илјадници луѓе кои заглавиле во пожарот“, известува „Скај њуз“.

Димитри Пирос, шефот на медицинските служби на националниот центар за итна помош, изјави за Би-би-си дека луѓето претрпеле страшни повреди поради брзината со која се раширил пожарот: „Огнот дојде како од фрлач на пламен“.

Малото приморско место Мати е целосно уништено од огнената стихија што завчера попладне го зафати подрачјето на грчкиот полуостров Атика.

Многу од жртвите се пронајдени во областа меѓу Рафина и Неа Макри. „Епицентарот“ на огненото цунами бил во селото Мати, сместено 29 километри источно од Атина. Неколку стотици жители и туристи биле заробени во обрачот на пожарот, кој брзо се ширел, помогнат од силниот ветер што дувал во тој момент. Многумина се обиделе да побараат спас бегајќи кон морето или со возила по главните сообраќајници, но биле блокирани од огнените прстени и густиот чад.

Грчките медиуми известуваат за шокантната слика што ја затекнале спасувачките екипи во грчкото одморалиште Мати. Тие пренесуваат за морничавата вест, пронајдените 26 тела во дворот на една таверна лоцирана на работ на една карпа. Се верува дека настрадале во обид да побегнат од огнот и да се симнат на брегот. За жал, тие останале заробени на карпата над морето. Пожарникарите сведочат за друг случај: пронајдени јагленосани тела на родители што биле во прегратка со своите деца и така заедно гушнати го завршиле својот последен летен одмор. Тие биле пронајдени на удолницата од една карпа, која нема лесен пристап до морето, зашто копното е на десетина метри над морското ниво.

За апокалиптичните димензии на пожарот што ја зафати Атика говори и грчкиот доктор Стељос Куварис, кој за една телевизија изјави дека сѐ уште се трага за евентуалните жртви или исчезнати лица.

„Сѐ се случи за еден час, можеби и помалку. Дуваше силен ветар и не можеше да се реагира“, изјави тој за новинарските екипи.

Градоначалникот на Рафина, Вангелис Бурнус, изјави дека постојат и други луѓе што изгореле во своите домови или се водат како исчезнати. Меѓу повредените во Рафина има голем број што се во критична состојба. Гратчето Мати е целосно уништено од пожарите. Државната телевизија ЕРТ јави дека рибари и крајбрежната стража спасиле најмалку 700 луѓе.

„Мати веќе не постои. Видов трупови и изгорени автомобили. Можам да бидам среќна што сум жива“, изјави една жена, непосреден сведок на уништувачката сила на огненото цунами.

Заменик-министерот за внатрешни работи Никос Тоскас навести можност дека пожарите се подметнати. Пожарите биле дополнително поттикнати со силни ветрови, кои достигнувале налети од повеќе од 60 км/час, додека топлотниот бран што ја зафати државата ги подигна температурите над 40 Целзиусови степени.

Првиот пожар избувнал во понеделникот претпладне, во боровата шума на летувалиштето Кинета, 55 километри западно од Атина. Тој продолжил да гори и со помош на ветрот напредувал во ширина од неколку километри, спуштајќи се кон морето, на работ на автопатот кон Коринтскиот Залив и Пелопонез. Вториот пожар се јавил на источната страна на Атина, кај местото Каламос.

Врховниот суд на Грција нареди итна истрага за пожарите во Грција, во кои загинаа десетици луѓе. Според властите, пожари паралелно избувнаа во три региони, што не може да биде случајно. Постојат сомневања дека тие се подметнати.

ОкоБоли главаВицФото