Кон новото издание на книжевниот опус на Димитрие Дурацовски (Темплум, 2018)

26.07.2018 00:11
Кон новото издание на книжевниот опус на Димитрие Дурацовски (Темплум, 2018)

Во урбанистичкото уредување на нашата култура, книжевноста на Димитрие Дурацовски е необична градба, и токму затоа ја задржува свежината и вниманието на паметните читатели: секоја од книгите на Дурацовски е и музеј, и мавзолеј, и занаетчиска работилница, и кино, и црква. И, независно дали книжевноста на Дурацовски се чита како автобиографија, монографија, енциклопедија, стрип, алманах, лексикон, историска читанка или учебник по уметност, останува впечатокот дека човек во раце држи дела кои самоуверено му пркосат на времето, ненаметливо задржувајќи видно место на вертикалата на нашата современа книжевност.

Секоја од книгите на Дурацовски е жив музеј со стотина влеза и изграден од прозорци - музеј без ѕидови, со стаклени прегради помеѓу различните простории и поставки, каде читателот во еден миг го посматра платното на Леонид Шејка од Медијала; со мало искосување на погледот, се наоѓа пред потомците на Миладиновци, а само миг потоа, со промена на фокусот, онаму надвор го гледа Сан Франциско.

Токму ваквата отвореност на книгите на Дурацовски му овозможува на читателот брзо и непосредно да влезе во нив, но истовремено го обезбедува и оној блажен провев помеѓу стотиците приказни, кој ѝ дава свежина на секоја страница. Една од клучните одлики на занаетот на Дурацовски е умешноста во фрагментираноста, тактот во распоредот и контролата на тонот и на малите приказни, но и на онаа големата, но, можеби пред сè умешноста во празните редови, празнината, она што едвај може да се види, а камо ли да се допре или намириса.

Книгите на Дурацовски се како мал подарок - кутија замотана во весник. Читателот почнува да ја вади обвивката, и гледа дека весникот, впрочем, не е обична хартија, туку на него е запишана автобиографска приказна. А откако ќе го тргне тој омот, читателот не ја гледа кутијата, туку нова обвивка - шарена хартија, која исто така треба да се отстрани. Штом ќе ја отстрани и испегла, читателот сфаќа дека тоа е репродукција на „Света Троица“ од Рубљов... Така, читателот вади слој по слој во потрага по кутијата, сè додека не сфати дека подарокот, во суштина, е секој од тие внимателно одбрани омоти. Кутијата ја нема, но читателот е среќен, затоа што сите оние обвивки сочинуваат чудесен мозаик пред неговите очи, а во него оставаат убаво чувство.

Во таа смисла, книгите на Димитрие Дурацовски се уметнички дела кои почнуваат да се читаат уште пред да се отворат. А штом се отворат, кај Дурацовски нема бавно полетување, климакс, спектакуларна разврска и одмерено слетување; не функционира кај него таа мејнстрим шема - во неговите музеи и портирницата е изложбен простор.

Најголемата заблуда поврзана со книгите на Дурацовски, заблуда која се должи на човековата склоност да им лепи етикети на нештата, да ги категоризира и комотно да ги сместува во различни фиоки - е тврдењето дека „Дурацовски е типична постмодерна“. Ова е заблуда, затоа што кај Дурацовски потмодерната е обична последица на бескомпромисноста во слободата на изразот. За разлика од најголем број наши автори, каде постмодерната резултура како причина за извештаченост, кај Димитрие таа е само последица на автентичноста. Оттаму, прилично потценувачки е првата асоцијација на Дурацовски да биде „постмодерна“.

Не е доблесно да се прават споредби, но, во духот на физичкиот закон според кој движењето на една точка единствено се мери според фиксираноста на некоја друга точка, може да се увиди како итањето на книжевноста на Дурацовски кон иднината е можеби најдобро доловено од заглибаноста на најголем број од делата на други негови современици во минатото. Ретко кои реизданија на книги од други наши постмодерни автори издадени пред 10, 20 и 30 години би успеале да го предизвикаат анимозитетот кој се чувствува поради ова реиздание на Дурацовски. Тоа е така затоа што постмодерната е подмолен сојузник, кој на писателите им ги дава сите орудија, но без притоа да им посочи дека најголемо од сите нив треба да биде самиот автор, и неговата неизнасилена автентичност. Затоа, ова се денови кога сведочиме како своевремено гордите јавачи на постмодерната завршуваат незабележано згмечени под товарот на нејзиниот леш - откако ќе ги искашлаат полните и тешки револвери на постмодерната, нејзините некогаш горди, развревени пиштолџии остануваат со бескорисно, студено парче железо во рацете. Но, во споредба со најголем дел од другите книжевни дела, кои постмодерната ја носат како сјаен оклоп кој по извесно време за’рѓува и ги задушува, книгите на Дурацовски постмодерната ја носат како малечка круна. Тоа е една од причините поради кои, после толку години, книгите на Дурацовски мирисаат на босилек и езерска вода, додека најголем дел од другите постмодерни дела се чинат како извадени од тегли со формалин.

Но, настрана извиканоста на постмодерната и мемлавоста на добар дел од нашата современа книжевност - на што се должи неумоливата свежина на не големиот, но компактен опус на Дурацовски? Дали е до свежината на изразот, изнедрен од богатото и квалитетно читателско искуство на авторот? Или е до неговата неакадемска ерудиција? Можеби голем удел има блискоста со ликовната уметност, и интересот за кинематографијата? Можеби успехот се должи на внимателното компонирање на моментите од поп-културата со меланхоличните сеќавања и галантното, достоинствено исповедништво, кое умешно танцува отаде линијата на патетиката? Или, можеби, во суштина сè се должи на онаа автентичност, на ненаметливоста, на врховната мудрост на смирението - „монашкиот пристап“, како што вели Отец Стефан Санџакоски? Како и да е, една работа е јасна - благодарни сме за присуството на Димитрие Дурацовски во нашата културна средина, и, колку што е самиот тој повлечен, толку е невоздржана радоста поради реизданието на неговото дело, затоа што е тоа храм кој го слави и Бога, и човекот, и тагата, и радоста на животот.

Живко Грозданоски, 19.07.2018

Слики: Александар Вучо и Душан Матиќ, 1930

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото