МИЛАН ЃУРЧИНОВ (1928 - 2018)

26.07.2018 00:48
МИЛАН ЃУРЧИНОВ (1928 - 2018)

УМЕТНОСТА МОРА ДА БИДЕ ВЕРНА НА СЕБЕСИ. ТАА НЕ Е НИЧИЈА СЛУГИНКА

има многу нешта заради кои професорот, брилијантниот, епистемолошки и идеолошки прецизен и доследен мислител, поттикнувачот на критичкото мислење и дејствување, основачот на катедрата за Општа и компаративна книжевност, Милан Ѓурчинов (1928 - 2018) треба, не да се слави (претпоставувавм дека не би сакал патетични и херојски слави и прослави во негово име, оти ги критикуваше таквите наши обичаи) туку да се памети и постојано да се проучува, да се открива...

затоа, ќе си дозволам, како студентка на катедрата што тој ја основа, сакајќи да нѐ извлече од удавеноста во локалното а при тоа да ни укаже дека локалното може да има вредност само доколку се спореди со референтните точки кои постојат ширум светот (во случајов, со светската книжевност), да запишам зошто беше за мене професорот Ѓурчинов учител од исклучително значење.

затоа што тој беше првиот кој ми/ни откри, ни покажа, ни укажа дека уметничкото никако не постои вон политичкото и обратно! тој инсистираше на улогата на уметноста во општественото будење, еманципирање. тој бараше од нас да разбереме дека уметникот/мислителот има одговорност да се конфронтира постојано, по секоја цена, а особено по цена на губењето на својата комотност. учителот Милан Ѓурчинов нѐ научи и нѐ учеше до последниот здив дека мораме да го запаметиме и разбереме она што во теоријата и во практиката го имаме како наследство од авангардната уметничка практика - длабока општествена свесност и едновремена автономија во мислењето, во творештвото.

си заминуваат... малкумина останаа во оваа Недојдија кои се од човечкиот, вредносниот и интелектуалниот габарит на Милан Ѓурчинов...

се надевам дека оваа земја, која ги бутка во заборав сите нејзини исклучителни луѓе, нема да ја направи грешката и со Милан Ѓурчинов. нема да заборави... нема да погази...

како не последно туку како секогаш одновно и почетно обраќање до мојот профеор Ѓурчинов споделувам дел од, како што самиот нагласува во некои прилики, клучните фрагменти и теориско-уметнички вертикали за неговиот живот, запишани во статијата „Маргиналии на тема: ново“, напишана во 1953/54, кога во оваа земја се води важната теориска но и идеолошко политичка полемика помеѓу „модернистите“ и „реалистите“... полемики какви што веќе нема:

: : 1) „Новото“ дојде кај нас како загатка и како освежување, за да нѐ ослободи од многу внатрешни јазли поради кое се обвинувавме себеси, без да бидеме толку виновни. Новото ни помогна да заборавиме дека сме непотребни.

2) Космополитските тензии најчесто го уништувале самобитното и ја оставале литературата насред пат. Ми се чини дека ова гледиште води сметка само за крајностите. „Новото“ може да постои и покрај старото. И не само тоа. „Новото“ ќе може да егзистира како вистински ново, само доколку содржи во себе и еден дел од старото. Но исто така, - новото ќе станува вистински „ново“, само доколку рецидивниот, конзервативниот дел на старото станува сѐ помалку животворен, потискуван, совладуван и победуван од виталната уметничка вистина на „новото“. Значи: ново и наше. А не - ново и туѓо. Првото в современо и модерно. Второто е помодарство, лажна уметност.

3) Во алтернативата живот-уметност, реалност-илузија, „новото“ нема што да избира. Уметноста мора да биде верна на себеси. Таа не е ничија слугинка. Никакво настојување (свесно, преднамерено или целесообразно) да се исфорсира животноста не може да го обезбеди уметничкиот резултат. Раѓањето на уметничките дела е во најголем случај спонтано и сѐ што може општеството да им го даде на уметноста и литературата, тоа е да обезбеди благопријатна клима за појавата на новите никулци.

4) Естетскиот императив на новата литературна концепција се состои во негацијата на кодексираните и утврдените естетски норми, во минирањето на естетските прописи и конвенции. He е никакво чудо што е инертниот конзервативен книжевен консумент збунет пред новата естетска реалност. Во неговата свест сѐ уште живеат рецидивите на симплистичките формули на една утилитаристичка концепција.

5) Само едно такво пледоаје за „новата“ модерна уметност која инсистира не на евтиното помодарство (кое исто така претставува примитивизам, каков што беше и оној довчерашниот) туку на оригинална трансформација на најценетото и најбитното во нашиот живот, не водејќи сметка за моментниот естетски вкус на масите, само едно такво пледоаје може да стане животворно и ново за нашиот литературен живот. : :

Милан Ѓурчинов, „Маргиналии на тема: ново“