Збогување

26.07.2018 01:07
Збогување

Се проштавам од акад. Милан Ѓурчинов. Ете, доаѓаат и такви денови. Животот минува толку брзо што дури и ние што закоп со очи не сме сакале да видиме, сме остареле доволно за да се збогуваме од луѓе што сме ги запознале на релативно зрела возраст.

На 25 јули, рано наутро, добив порака од Анастасија, ќерката на Ѓурчинов, во која ми ја соопштува веста дека тој реши да нè напушти. И, знаејќи го Мишко, слободно прогласувајќи се за негов најблизок соработник последниве 7-8 години, сигурен сум дека не сакал да нѐ напушти и се борел до последниот миг да остане со нас и да придонесе најмногу што може во полињата во кои беше суверен. Неговото привремено напуштање е само интермецо, зашто ќе нѐ чека таму некаде за да ни биде и професор, ама и пријател. А, неговите дух и дело, никогаш нема да си одат од оваа димензија.

Редок интелектуалец, вонсериски ум и пребирлив во зближувањата со луѓето. Да бидам докрај интимен, никогаш нема да ги заборавам не само соработките на различни проекти, бескрајните разговори на филозофски, идеолошко-политички и секојдневни теми туку и неговите залагања – беше еден од двајцата на тоа поле кои сериозно беа решени да направат нешто – и за некои мои професионални остварувања.

Ми раскажува за средбата во Париз со потенцијалниот објавувач/издавач на Антологијата на македонската поезија на француски, висока функционерка на тамошната Комунистичка партија. Ми кажува за нејзиното прашање: „Навистина Македонија има 22 (бројката ми е по сеќавање, можеби беа повеќе или помалку, заб. моја) антологиски поети...?“ Ѓурчинов се наоѓа во небрано... што ли да ѝ каже... ѝ одговара: „Пааа... дааа...“ Таа: „...дека во Франција немаме толку...“

Му велам да ги објави овие работи, да ги запише, зашто никој нема да ми верува кога ќе (рас)кажувам, а осветлуваат едно цело поглавје од нашата книжевна историја, но и на нашиот развој како држава.

Ќе напишам текст за Професорот, еден ден. Денеска само ќе се збогувам од него. Вака. Кратко.

 

ОкоБоли главаВицФото