Крвта на рацете на социјалните работници

28.07.2018 09:10
Крвта на рацете на социјалните работници

Одамна планирав да го напишам текстов, но филмовите, книгите, истражувањата... беа поинтересни и/или имаа приоритет. Така е тоа со социјалната работа: понекогаш дури и оние кои се занимаваат со тоа порадо избегнуваат да пишуваат за тоа во слободното време, додека нуждата не ги натера на нешто такво.

За мене блогот вообичаено е еден вид вентил и вид борба со стресот; можно е никогаш порано да не сум седнала да пишувам текст за ставовите во однос на социјалните работници зашто тоа и не би бил особен вид „бегство“ од стресната работа. Дали сте забележале дека борбата со стресот често подразбира бегство, без разлика дали на планина, море, преку пишување или физичка активност?

Наспроти тоа, на една обука (за вработени во социјалната заштита) ни раскажаа индијанска легенда за исклучително храбрите воини кои имале потреба еднаш годишно, или месечно, да одат далеку од селата, жените и децата, и покрај оган да зборуваат за страшните нешта што им се случиле, да плачат, да не спијат и дури потоа така „прочистени“ да им се вратат на своите семејства. Каде се вашите огнови, нè прашаа предавачките, не – вашите бегства, туку вашите огнови? Помалку или повеќе сите знаевме каде се нашите бегства, но ретко кој имаше оган. Не знам дали и за другите луѓе важи пословицата „со свој камен по глава“, но многупати сум ја искусила нејзината вистинитост.

И покрај потребата на одмор или за викенд или после работа „да не зборуваме за тешките нешта“, „батали, опушти се“ – две трагедии во белградскиот Центар за социјална работа беа иницијатор за поплава од остри и критички ставови кон социјалните работници во медиумите, на социјалните мрежи, кое не можеа да се игнорираат и од кои не можеше да се побегне.

Насловната страна на еден белградски весник целата беше прекриена со најава за текстот Крв на рацете на системот, што неодоливо потсетува на насловната страна на дневниот весник Сан кога во Британија беше убиен 17 месечниот Питер Конели, поточно по завршеното судење за убиство. Тогаш насловот гласеше Крв на нивните раце, а не се однесуваше (само) на рацете на убијците на бебето (беа тројца) туку и на социјалните работници ангажирани на случајот. (Вработените во другите служби за заштита на деца никој не ги ни спомена.)

Реј Џоунс, авторот на книгата за случајот Питер Конели, наведува дека за добро да функционира работата во однос на заштита на децата, постарите и немоќните лица потребен е континуитет, сигурност и компетенција, меѓу другото, а медиумите однапред одлучиле дека социјалните работници се некомпетентни и недоволно посветени.

А, што вели науката за ставовите на јавноста спрема социјалните работници?

Уште во педесеттите години на минатиот век едно испитување на јавноста покажа дека улогата на социјалните работници главно му е нејасна на просечниот испитаник. Друго истражување од 1978 година имало за цел да утврди дали нештата се промениле, но покажало дека јавноста за безмалку триесет години е само малку подобро запознаена со разните улоги на социјалните работници.

Деведесет и четири проценти од испитаниците изјавиле дека никогаш не би побарале помош од социјален работник доколку имаат проблеми, а кај оние кои лично познаваат некој социјален работник тој резултат бил 91 процент. Истражувачите препорачале дека ваквите студии се спроведуваат периодично за да се утврди дали се менуваат ставовите во однос на професијата, но имало многу малку студии.

Кауфман и Рејмонд во истражување од 1995 година добиле резултат дека ставовите за социјалните работници во американската држава Алабама се мошне негативни. Имајќи го тоа на ум и повикувајќи се токму на овие истражувања, Винстон Лекрој и Ерика Стинсон спровеле телефонска анкета на околу 400 луѓе од кои барем една третина имале искуства со социјални работници или познавале социјален работник во приватниот живот. Охрабрува наодот дека во ова истражување испитаниците во огромен процент се согласиле со тврдењата „социјалнитре работници работат со сите општествени слоеви“, што укажува на добро ниво на познавање на социјалната работа, како и со „во тешки времиња социјалниот работник може да биде добар извор на помош и утеха“, што укажува на препознавање на емоционалната поддршка што ја пружаат социјалните работници. Околу 35 проценти од испитаниците се согласиле со тврдењето „социјалните работници одземаат деца од родители“, што реално и претставува најчест стереотип за социјалните работници во општеството и медиумите.

Бидејќи ова истражување не покажало толку негативни ставови и нејаснотии во ставовите како претходните истражувања и во таа смисла не било конзистентно со нив, истражувачите во дискусијата објасниле дека со анализа на примерокот се покажало дека во него пропорционално, во поголема мера отколку кај општата популација, доминирале бели испитаници, покрај тоа тие биле високо образовани и дека токму тоа можело да влијае на резултатот. Од друга страна се покажало дека некои стереотипи за социјалните работници опстојуваат, а дека еден, оној со одземањето деца од родители, дури бил и поизразен во истражувањето на Лекрој и Стинсон.

Недостатокот на позитивно медиумско внимание е евидентен, но авторите предложуваат решение, социјалните работници да направат чекор кон запознавање со начините на функционирање на медиумите, самите да прават медиумски проекти, емисии, вести, со кои на јавноста би ѝ укажувале на различните аспекти на својата работа.

Во истражувањето на ставовите за социјалните работници во Израел и тоа меѓу испитаници кои не биле корисници на услуги за социјална заштита, бил добиен резултат дека ставовите за социјалните работници се амбивалентни, дека јавноста и не ја разбира доволно нивната улога и дека работата на социјалниот работник најнегативно се проценува во однос на сите професии понудени за споредба. И покрај тоа, испитаниците ги отфрлиле тврдењата кои биле засновани на предрасуди и сепак се одлучувале за оние според кои социјалната работа се заснова на морални вредности и професионална етика. Исто така, испитаниците препознале дека е потребно да се зголеми бројот на социјални работници за да се зголеми ефикасноста на нивната работа.

Едно истражување од Нов Зеланд покажа дека луѓето генерално го разбираат значењето и природата на социјалната работа, но дека оваа професија ја доживуваат како мошне стресна, а наспроти тоа слабо платена. Ставовите за социјалната работа како порфесија, укажуваат авторите, влијаат на мотивацијата на младите луѓе истата да ја изберат и со самото тоа може да дојде до намалување на бројот расположливи кадри за вработување, што, како што наведуваат, во регионот Аотеароа во Нов Зеланд и се случило – нема доволно социјални работници кои би работеле со имигранти.

Анкетата за социјалните работници на „Гардијан“ покажа дека нештата се слични во Британија како и во другите земји – социјалните работници се соочуваат со тешки услови за работа, негативни стереотипи но покажуваат задоволство од својата работа.

Би требало да престанат да ни се закануваат со затвори, особено јавно, заради таканаречените намерни грешки. Би требало да бидеме почитувана професија, а не да се подбиваат со нас“, изјавил еден социјален работник во анкетата.

Звучи познато? Не велиме дека не постојат лоши практики, наведе Марис Стратулис, менаџерка на BSWA за „Гардијан“ во коментар на оваа анкета, но има многу прекрасни социјални работници и многу прекрасни студенти кои доаѓаат и потребно е да ги поддржиме и препознаеме.

Кристин Тауер во животот повеќепати сугерираше дека токму социјалните работници се одговорни за разоткривањето на митовите за себеси, и ако, како што вели таа, сме незадоволни од начинот на кој нè претставуваат во медиумите, тогаш треба да престанеме да зависиме од луѓето кои не се во професијата за да нè претстават на чесен начин. Се трудам, колешке, се трудам.

Илустрации: Sameer Kulavoor

Извор: http://www.psihobrlog.com

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори / Свет
Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото