Лажење во Хелсинки

28.07.2018 10:34
Лажење во Хелсинки

Стилот на лажење им е различен. И едниот и другиот агресивно реагираат на прашања, но Трамп скршнува од темата и одговара со контра прашања, додека Путин напаѓа и се заканува.

Путин и Трамп се повеќекратно слични. И едниот и другиот ја сакаат моќта, не им е грижа за парламентарната демократија, двајцата стравуваат од преиспитување на нивниот легитимитет и се лутат кога некој ги повикува на одговорност за некои изјави и постапки. И едниот и другиот постојано лажат за да ја потврдат својата моќ и да ги збунат оние што им поставуваат прашања.

Но, како што покажа прес конференцијата во Хелсинки, стилот на лажење им е различен. И едниот и другиот агресивно реагираат на прашања, но Доналд Трамп скршнува од темата и одговара со контра прашања, додека Владимир Путин напаѓа и се заканува.

Таа разлика најјасно се гледа во начинот на којшто реагираа на речиси истото прашање: кому верувате? (Навистина е иронично и бескорисно да прашувате патолошки лажговци за доверба).

Трамп се запени. „Луѓето се прашуваат зошто FBI никогаш не го конфискуваше серверот. Зошто не го зедоа серверот? Затоа што им беше речено да ги напуштат просториите на Демократскиот национален комитет?“ Трамп истовремено проектира и прави конфузија: не знаеме на кој сервер или инцидент мисли тој, при што имаме впечаток дека и тој самиот не знае. И навистина, од неговото празно зборување полно со слободни асоцијации како главна забелешка се издвојува токму недостигот на информации – наводно содржани во исчезнатата електронска пошта на Хилари Клинтон.

Одговорот на Путин на истото прашање е многу подиректен: „Што се однесува на прашањето за тоа кому може или не може да му се верува и дали некому воопшто може да му се верува, одговорот е дека не може да му се верува на никого. Од каде ви е идејата дека претседателот Трамп ми верувам мене или дека јас му верувам нему? Тој ги штити интересите на САД, јас ги штитам интересите на Руската федерација“. Со други зборови, Путин ни потврди дека и двајцата стратешки лажат. Вистината не постои. Се лаже секој што мисли дека може да ја дознае.

А бидејќи недвосмислено стави до знаење дека сè што ќе каже може да биде лага, Путин ја демантираше руската вмешаност во американската изборна кампања. Како и Трамп и тој најпрвин ја отпиша стварноста, но за разлика од Трамп, таа намера веднаш јавно ја кажа. Разузнувачка служба и знам

Попатната забелешка на Путин, наводно неповрзана со темата – „Јас сум работел во разузнувачка служба и знам како се фабрикува тој вид досие“ – е уште еден начин да се покаже дека не можеме да веруваме во што било, па ни во работата со која се занимавал Путин додека бил шпион. Единствено тој знае што тогаш или денес е вистината, се разбира, под услов дека може да си верува на самиот себе.

А потоа следуваше наизглед неверојатното признание: Путин сакаше Трамп да победи на изборите во 2016 година. Дали со тоа призна дека сите негови досегашни деманти не беа точни? Никако. Тој само постапи исто како и порано во слични прилики, како кога, на пример, призна дека имало прусуство на руска војска во Украина, откако повеќе од една година одбиваше да го признае тој факт. Така Путин потврди дека нема друга вистина освен неговата волја да каже што сака и кога сака тој.

На пример, тој може да изјави дека американско – британскиот бизнисмен Бил Браудер, кој стои зад редица антируски санкции, дал 400 милиони долари за кампањата на Хилари Клинтон. Таа изјава по својата неточност е на ниво на тврдењата на Трамп за бројот на присутни на неговата инаугурација или изјавата за милиони илегални имигранти што гласале на изборите. Но а разлика од Трамп, Путин своите лаги ги изговара со здодевен, биролратски тон. Порекнувањата и скршнувањата на Трамп звучат хистерично; Путин создава впечаток дека знае за што зборува – и притоа делува неспоредливо посамоуверено и померодавно од Трамп.

Руските медиуми го презедоа од Путин сувиот, бирократски јазик со кој известуваа од самитот, што беше трубење за неговата победа со комплицирани фрази што потсетуваат на советските новински извештаи. И затоа е јасно дека Путин го постигнал она што долго го ветуваше: ја издигна Русија до нејзината стара позиција на велесила, а во тој процес од американскиот претседател направи соучесник во проектирањето на цинична, безнадежна и свесно лажна слика на светот околу нас.

Извор: The New Yorker