Бедата на „интелектуалците“

30.07.2018 12:47
Бедата на „интелектуалците“

Не ми е јасно како луѓе кои се претставуваат како научници и интелектуалци јавно тврдат дека не постои нешто што постои. Последниов месец се изначитав разно-разни толкувања дека во „договорот од Преспа“ се загрозува или брише македонската националност, македонскиот јазик, македонскиот народ, македонската историја, македонската култура, македонското наследство... И ништо од ова не е точно. Доволно е само да се прочита договорот, да се провери што е навистина содржано во него, за да се изведат заклучоци дека во него има и македонска националност (државјанство), и македонски јазик, и македонски народ, и македонска историја, и македонска култура, и македонско наследство. Земете луѓе читајте, и само на свои очи верувајте!

Во англиската верзија на „договорот од Преспа“, зборот „Macedonian“ се среќава повеќе пати:

1. во смисла „nationality“ - „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“ (The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents. (ARTICLE 1 3. b))

2. Во смисла на јазик - “Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“... (The official language of the Second Party shall be the “Macedonian language”... ARTICLE 1 3. c)

3. Во смисла на „...територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство...“ (чл. 7) (3. When reference is made to the Second Party, these terms [“Macedonia” and “Macedonian”] denote its territory, language, people and their attributes, with their own history, culture, and heritage, distinctly different from those referred to under Article 7(2).)

Накусо, тврдењата дека со договорот е загрозен македонскиот народ, македонскиот јазик, или македонското име, се тотално неосновани.

Оние кои што се претставуваат како „научници“ и „интелектуалци“, а застапуваат неосновани тврдења, лажно се претставуваат. Оттаму и насловот „Бедата на „интелектуалците““.

Слика: Sam Parkes