Протест во Охрид против неконтролираната урбанизација

31.07.2018 03:02
Протест во Охрид против неконтролираната урбанизација

Повеќе еколошки здруженија најавија протест на кој ќе побараат заштита на охридското крајбрежје. По минатогодишниот протест кој се одржа на 2 август пред градилиштето на спорниот хотел во Лагадин, денеска (31 јули) во 11 часот граѓани и активисти за заштита на охридското крајбрежје повторно ќе се соберат на истото место.

Оттаму, тие ќе тргнат во протестна поворка за заштита на целото крајбрежје од непланска урбанизација и девастација, и по попатни застанувања кај Горица, Св. Стефан и Студенчишко Блато, ќе пристигнат пред Општина Охрид каде што ќе одржат протестен перформанс.

Мирниот протест има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО поради уништувањето на крајбрежјето и езерото со хиперурбанизација и развивање масовен туризам, во услови на нефунционален и нецелосен колекторски ситем, велат органозаторите Охрид SOS и „Стар Лагадин“ и поддржан од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Организаторите на протестот бараат да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на УНЕСКО – прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи и додека не се прифати соодветна правна регулатива и ефикасни механизми за контрола.

„Преку овој протест, граѓаните бараат од Општина Охрид итно да се заложи за прогласување на мораториум според препораката на УНЕСКО, како и да се заложи за поништување на Општиот акт за с. Лагадин најмалку преку стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови и преку известување на Уставниот суд за својата заложба“, велат активистите.