Младата девојка како жива валута (2)

31.07.2018 16:59
Младата девојка како жива валута (2)

„Со оглед дека телесната присутност на индустрискиот роб апсолутно влегува во составот за проценување на приносите на неговото производство - а неговата физиономија се смета за неодвоива од неговиот труд - може да се повлече само привидна дистинкција помеѓу личноста и нејзиното делување. Телесната присутност веќе е стока, независно од стоката за чиешто производство придонесува. Така индустрискиот роб или воспоставува тесна врска помеѓу својата телесна присутност и парите кои таа ги носи или телесната присутност ја заменила функцијата на парите, и самата станувајќи пари: истовремено еквивалент на богатството и на самото богатство“ (Клосовски, Живата валута).


Исто како што „употребната вредност“ не е во однос со разменската вредност, емоцијата која ја обезбедува живата валута не е пресметлива ниту мерлива со која било ствар. Но онолку колку што употребната вредност постои независно од разменската вредност, толку малку емоции кои ги обезбедува живата валута не постојат надвор од системот во кој таа се разменува. Во Младата Девојка не се ужива повеќе отколку во златото: значи само во нивната некорисност и нивната реткост. Блумовата рамнодушност и бесчувствителност беа нужна претпоставка на конкретната формација на илузијата на една таква емоција и нејзината објективност.


Кога Маркс вели дека разменската вредност го кристализира времето на работа потребно за производство на предметот, тој само тврди дека вредноста на крајот се формира од животот кој е поништен во таа ствар. Значи дека живата валута е првичната готовина.


Во повеќето јазици глаголот „ебам“ генерички служи за означување на која било активност, иако со одредена погрдна конотација. И вистина е дека во сите општества каде што човекот не може да досегне слободно делување, ебењето се јавува како апстрактен општ еквивалент на сите активности. Требаше да се чека на појавата на Младата Девојка за конкретно да може да се искуси што е тоа „ебење“, да се ебе некој, а не да се ебе некој посебен. Бидејќи да се ебе некое сосема апстрактно, сосема заменливо битие, едно такво совршено ништо, тоа значи да се ебе апсолутно.

Ако парите се кралот на стоката, Младата Девојка е нејзината кралица.


Во финалната фаза на Спектаклот сè е сексуално посредувано, што значи дека сексуалниот чин се поставил како крајна цел на корисноста на сите засебни ствари. Токму кон него се движи егзистенцијата на светот на стоката.


„Додека слободната љубов не стане широко распространеа, секогаш ќе биде потребен одреден број на млади девојки да ја исполнуваат функцијата на проститутки“ (Георг Зимел, Филозофија на љубовта).


Валутата на сексуалниот чин е самопочитта.


Младата Девојка не е ниту субјект ниту објект на емоцијата, туку изговор за неа. Не се ужива во Младата Девојка, или во нејзиното уживање, туку се ужива во уживањето во неа.


Во бројни традиционални култури парите служеле како метафора за жена, за плодност. Во добата на Младата Девојка, жената станува метафора за пари.

Младата Девојка е еквивалентна на самата себе.


Како и парите, Младата Девојка е еквивалент на самата себе. Нејзината „употребна вредност“ се меша со „разменската вредност“.


Фантомскиот карактер на Младата Девојка го рефлектира фантомскиот карактер на учеството во ова општество, за кое Младата Девојка исто така е награда.


Како жива валута, Младата Девојка сега е она што ја сочинува вредноста на вредноста.


Младата Девојка е вистинско злато, апсолутни пари.

Знак на еднострано гледиште е да се тврди дека „живиот предмет кој е извор на емоција, од гледиштето на размената вреди онолку колку што му е цената на одржување“ (Клосовски, Живата валута).


Времето ослободено со усовршување и зголемена ефикасност на средствата за производство не ни донесе намалување на времето на „работа“, туку проширување на сферата на „работата“ во тоталитетот на животот, а особено воспоставување и одржување на доволна маса жива валута, расположливи Блумови и Млади Девојки, за да создаде паралелен и веќе уреден сексуален пазар.


Живата валута конечно ја открива вистината на стоковата размена, значи нејзината лага: неможноста да ги направи еквивалентни немерливоста на човековиот живот (класично згусната во „работното време“) и инертните или кои било други ствари, или парите, без оглед на нивната количина. Бидејќи лагата на стоковото општество и не е ништо друго туку како уредена размена да се постави она што секогаш е жртвување и на тој начин да се обиде да расчисти еден бесконечен долг.


Сексуалниот чин сега се јавува како крајна причина на сите конзумации.



Слики: Aleksandra Waliszewska
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото