1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Врската меѓу книжевноста и општествено-политичките случувања е една од темите на кои книжевната теорија и критика често се навраќаат и во македонски контекст, но и пошироко, кога станува збор за книжвеност која експлицитно упатува на општествено-политичките случувања.
Но постои ли таква книжевност која не упатува на нив? Случувањата во Македонија во последниве неколку години покренаа многу дилеми поврзани со книжевноста и политиката, како и со односот на книжевниците кон политиката. Овие години често изгледаше како политиката поопшто, а во некои случаи и политичките партии поконкретно, да влијаат врз острата поделба меѓу книжевниците; но всушност, многу повеќе од тоа, станува збор за имање различни вредности, погледи на светот, и различни начини на изразување несогласувања (аргументи наспроти говор на омраза), а не за разлика (само) во политички ставови. Тоа неизбежно се рефлектира и во книжевноста.
Од една страна, книжевното претставување на општествената реалност е честа тема во македонската критика. Од друга, интересно е тоа што во едно толку исполитизирано општество какво што е македонското (и веројатно секое друго нестабилно општество) често се зборува за тоа дека уметноста, вклучително и книжевноста, треба да биде одвоена од поликата, а некогаш и дека политичките уверувања на писателите не треба да се мешаат со нивните книжевни дела, веројатно делумно и како резултат на желбата да се избега од сеприсутноста на политиката. Но секогаш сум била скептична кон можноста тие да се одвојат. Тоа не значи дека јас мислам дека треба да бидат поврзани, туку дека без разлика кој како размислува за тоа, книжевноста и односите на моќ во општеството секогаш се поврзани. Во таа смисла, она што не се нарекува ангажирана книжевност, односно која е повеќе лична и не се занимава експлицитно со политичката стварност, е на некој начин исто толку одраз на општествено-политичката стварност колку и ангажираната книжевност.
Литературата не се состои само од содржината, не е само пренесување порака, но од друга страна секако не е само ни добро смислена структура или неколку инвентивни стилски фигури. Комбинација е од нив и од многу други работи и нема зошто вредностите да имаат второстепена улога. Затоа не верувам во можноста, ниту во потребата, да се одвои писателската умешност во пишување на еден роман, песна, расказ од вредностите кои тој роман, песна, расказ ги застапува.
Еве неколку аргументи во прилог на тоа.
Во своето дело Политика: многу краток вовед (Politics: A Very Short Introduction) (2000), австралискиот политички мислител Кенет Миног ја наведува мислата на германскиот писател Томас Ман, кој вели „судбината на човекот има свое значење во политички контекст“, за веднаш Миног да констатира дека „ова претставува вистина само за оние здодевни интелектуалци“ кои сметаат дека „човек не може да ужива во поезија или да има љубовна врска без тоа да означува израз на политички став“ (3). Откако го цитира Ман и го изразува своето несогласување со него, Миног го искажува своето согласување со неколку стихови од ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс: „Како можам, со поглед вперен во девојката таму / вниманието да го насочам / кон римска или руска или шпанска политика?“ (цитирано кај Миног) Миног ја спротивставува оваа строфа на Мановата мисла, велејќи дека судбината на човекот не го добива своето значење во политички контекст и дека човек може да ужива во книжевност без тоа да изразува политички став.
Моето толкување на стиховите од Јејтс е малку поинакво: кога човек е вљубен, веројатно не размислува за политички прашања, но тоа не значи дека политиката притоа не влијае на секој момент од неговиот/нејзиниот живот. Напротив, можноста да се ужива во поетско дело или да се има љубовна врска е директно поврзана со општествените прилики.
Резултатите од анкета што ја спроведов пред шест години укажуваат дека во тоа време сум била прилично осамена во ваквото размислување бидејќи најголем дел од одговорите беа слични како ставот на Миног. Во врска со едно од прашањата од анкетата, цитатот „можам да уживам во поезија и можам да имам љубовна врска без тоа да е воопшто поврзано со политиката“, 94% од одговорите беа „целосно се согласувам“, 6% „делумно се согласувам“, а немаше ниту еден одговор „можеби“, и ниту еден што изразува целосно или делумно несогласување со ова гледиште. (Не навлегувам во другите прашања од анкетата бидејќи не се директно поврзани со темата на овој текст.)
Во репортажа на телевизиската куќа Си-ен-ен од 2007 година за жени кои се самозапалувале поради тоа што не можеле да го издржат тешкиот живот, новинарката Шармин Обаид-Шино разговара со некои од овие жени. Според репортажата, во 2007 година само две од пет девојчиња оделе во училиште, додека до пред 2007 година било забрането жените да добиваат какво било образование, така што една учителка си го ризикувала животот со тоа што подучувала девојчиња скришно од мажите. „Девојчињата велат дека дома се соочуваат со голем отпор кон нивното учење“, се констатира во репортажата, како и тоа дека „младите девојки често им се продаваат на мажи за брак уште во раните тинејџерски години“.
Животот во оваа и во слични заедници ги демантира тврдењата на Миног. Може ли човек или, во овој случај, жена во заедницата опишана во репортажата да ужива во поезија или да има љубовна врска без тоа да означува израз на политички став? Ако учењето и читањето претставуваат ризик по животот и наидуваат на отпор во домот, тогаш уживањето во поезија е најдиректно поврзано со политичкиот контекст каде е дозволено или забрането да се ужива во литературно дело. Ако девојки помлади од осумнаесет години се принудени на брак, тогаш е уште помалку точно дека да се има слободна љубовна врска со избран маж за нив не би значело спротивставување на општествените, политичките и верските норми со можни фатални последици. Напротив, љубовната врска е овозможена или оневозможена од политичката ситуација, а не независна од неа. Тоа не секогаш го забележуваме бидејќи не ни е забрането да читаме, но тоа се должи не на тоа што политиката е одвоена од книжевноста, туку на тоа што општественото уредување, во општества што се нешто полиберални од она опишано во репортажата, овозможува слободно да читаме и се залага за немешање во приватните работи, како читање и љубовни врски.
Во Заробениот ум, Чеслав Милош вели дека неговата поезија која едно време била блиска до надреализмот била тешко разбирилва. Но подоцна, за време на Втората светска војна, кога се соочил со трагични настани од огромни размери, неговата поезија станала поразбирлива „како што обично се случува кога поетот сака нешто важно да им пренесе на читателите“ (9). Ова Милош илустративно го опишува и со ситуација во која сред жестоки борби со огнено оружје, некој лежи на калдрмата преплашен и гледа пред себе како калдрмата се исправа како боцки на еж, и тоа не е привид. Всушност, од куршумите што удираат по рабовите на камењата, камењата се креваат нагоре како боцки. „Таков момент им суди во човековата свест на поетите и филозофите,“ вели Милош (50).
Ставовите некогаш се резултат и на околностите, а не само на личен избор, исто како и ангажираноста во литературата, без разлика дали тоа го препознаваме или не, без разлика дали и како ќе го напишеме и кажеме тоа, како што покажуваат толку различните ставови и околности на Миног и на Милош.
Неангажирана книжевност постои само во смисла на тоа дека конкретен писател или писателка нема намера да ги анализира политичките случувања или да ги менува перцепциите на читателите за нив. Но не постои книжевност која не кажува многу за општествените околности, без разлика дали има или нема намера да го направи тоа.
Понекогаш, во услови на политички потреси, а тоа во Македонија трае непрестано, се бара книжевноста да биде поангажирана. А, сепак, за да биде ангажирана и да поттикнува промени во општеството, не мора само експлицитно да ги именува актуелните случувања; често, општествено-политичките случувања и вредностите што се застапуваат се јасно присутни преку алузии, алегориски приказни или со други постапки. Во таа смисла, во Македонија, книжевност со намера да биде ангажирана има повеќе отколку што обично се препознава и се признава.
Слики: Eli Horn