Ова што ќе го прочитате не е патетика

03.08.2018 16:04
Ова што ќе го прочитате не е патетика

Ова што подолу ќе го прочитате не е патетика. Ова е нашата сурова реалност.

Синоќа, додека го шетав кучето во паркот Делфина, еден татко шеташе две близначиња од по 4-5 години. Третото дете им беше во количка. Убава глетка, семејство со три деца. Вистинска реткост.

Девојчињата застанаа покрај продавачот на пуканки, и нормално, без да изустат збор, ставија до знаење дека сакаат пуканки. Таткото, само ги фати за раце девојчињата и помалку нервозно им рече: немаме пари за пуканки. Продавачот не реагираше, само намрштено ги гледаше. Веројатно, жалејќи за пропуштената прилика да продаде нешто, воопшто не му поверува на таткото. Човекот продолжи да оди со децата, зборувајќи дека платата не му стигнува за леб, млеко и сметки, дека сопругата не работи и дека никако нема пари за луксуз како пуканки. Слушајќи го, инстиктивно му реков „јас ќе им купам пуканки“. Не сакав да го навредам. Тој се разбира, одби и продолжи да се движи. Отидов и купив. Децата веќе беа на лулашки кога ги викнав да им ги дадам пуканките. Не можам да ја опишам радоста што ја покажаа. За едни обични пуканки.Тажните очи им светнаа за момент. Родителите пак, десетици пати се заблагодарија. Им реков дека нема потреба. Ме потресе случкава.

Веднаш почнаа да ми навираат милион прашања: како ќе живеат овие деца, како ќе се школуваат, зошто државата не се грижи за ваквите семејства, зошто воопшто недолжни деца да страдаат лишени од некои ситни, нормални задоволства? А имаме проблем со наталитетот. И никој да направи сериозна стратегија. Па тие малку, живо родени деца, да живеат нормално. Сите сме сиромашни. Ама некои луѓе, се екстремно сиромашни. Страшно.

Македонијо, сеедно како ќе се викаш. Очајот е твоето вистинско име.

Слика: Randy Bennett