Сите сме исти

04.08.2018 02:46
Сите сме исти

Постојат времиња во кои треба да се ќути. Времиња во кои што и да се каже е рамно на нула, е ништовно, неумешно и неетички. Тие времиња се можеби најподобни за пишување поезија. Бидејќи поезијата не раскажува, таа збори себе за себе и тука нема ништо срамно. Секој период кој следи после одредена траума е апсурден. Перфектен за поезија, за играње со зборови кои се ослободени од било каква тежина на времето. Сè друго, пишано или кажано, во таквите периоди, е присилба врз мислата на која ѝ треба одмор и закрепнување. Под притисок на забрзаното време на доцниот капитализам, често сме приморани да ѝ ја ускратиме оваа потреба на мислата. Да ја присилиме да каже нешто во однос на секојдневните случувања. Тоа е рецепт за успешна грешка, за неуспех во обид да се каже нешто и за пропаста на самиот мислечки потенцијал. Иако навидум, на површина, стварите изгледаат дека се менуваат со брзина на светлината, под таа тенка прекривка на динамичноста на општеството, суштината опстојува тврдоглаво. Ако мислиме во однос на таа суштина, тогаш таа ни дава време, да ги мислиме и ре-осмислиме клучните прашања одбегнувајќи каква било провокација од ’ургентноста на состојбата.’

Донекаде соземени од траумата наречена ВМРО-ДПМНЕ, можеме без некоја голема присилба да мислиме на клучните прашања за нас денес. Општеството е секогаш во движење, се толкува и гледа во различни овистинети манифестации од мноштвото на нејзиниот потенцијал. Едно општество суштински не е никогаш ниту зло ниту добро, па така и нашето нема никаква своја предодредена или до крај дефинирана суштина. Во деценискиот трауматски период оставен веќе година дена зад нас, нашето се манифестира како општество на злоба, алчност, љубомора и омраза, но истовремено и како солидарно, праведно, отпорно и еманципаторно.

Овие две содржини не се одделени една од друга, туку се спојуваат во низа на распространети чворови кои заедно го пополнуваат просторот и времето во она што го нарекуваме општество. Кога зборуваме за трауматскиот период на ВМРО-ДПМНЕ, фактички мислиме на еден друг домен, оној на државата која, под контрола на власта цела деценија се обиде да го стави целиот потенцијал на општествена енергија под нејзина контрола. Да го врами целото општество под нејзината желба и да го потисне сè она што не се вклопува во нејзината замисла. Техниките кои се на располагање на секоја власт за ова да го постигне се од најразличен вид. ВМРО-ДПМНЕ ги избра порепресивните и поарогантните методи.

Но, кои се методите на новата власт? Без некоја конкретна идеја за општеството, што е добро - општеството треба да се остави на раат, сегашната власт воопшто не се труди да го врами општеството во никаква одредена замисла. Таа нема некаква желба за општеството, таа има желба само за себе! Затоа, односот кој сегашната власт го има со општеството е поетичен. Во тој однос може да се игра слободно со зборовите и нивното значење. Може да се воспева ‘животот’ во апстрактни поими без никаков однос со коректната реалност. Со применувањето на таков поетичен однос, сегашната власт всушност бара да се продолжи што е можно подолго периодот на соземање од траумата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од тука, преку различни комуникациски вештини каква било критичка мисла во однос на сегашноста, да ја прикаже како присилена, неточна, неуспешна и неетична. Ургентноста на работите, која е одлика на неолибералните политики, владата на СДСМ ја проектира на меѓународно рамниште. Таа политика е всушност единствената желба, освен приватните интереси на капиталот организиран околу СДСМ, која сегашната власт ја има за државата, не за општеството. Зачленувањето во НАТО и во ЕУ, нема никаква, ама баш никаква врска со општеството. Има со државата.

Со зачленувањето во овие две меѓународни организации, Македонија како држава може ќе добие некаков подобрен меѓународен статус, минимално ниво на зголемена сигурност со доста повеќе зголемени обврски, но од сето тоа општеството нема никаква придобивка. Самостојно Македонија не може да влијае ни за подобрување ни за влошување на мирот и стабилноста во регионов. Од зачленувањето во НАТО алијансата, Македонија формално добива заштита, заштита која е бесмислена имајќи предвид дека нејзиниот врховен командант - Доналд Трамп е во топли пријателски односи со претседателот на државата која е главната причина за постоење на алијансата – Русија. НАТО алијансата денес служи повеќе како пазар за продажба на американското оружје, отколку како било каква форма на заеднички систем за одбрана. Интензитетот со кој се случуваат нагли промени во меѓународните односи не остава никаков простор за каква било легитимна анализа за иднината. Денес во меѓународните односи едно е сигурно, a тоа e дека ништо не е сигурно.

Зачленувањето во Европската Унија во условите во кои таа денес функционира, нема да има никакво значително влијание врз животот на граѓаните. Како последица на приватизацијата од 90-тите која резултира во масовна деиндустријализација, Македонија не може да игра ни најмала улога како извезувач на заедничкиот европски пазар. Од друга страна, она што веќе го увезуваме ќе продолжиме да го увезуваме и понатаму, со можно проширување во делот на земјоделските производи со што ќе се уништи и онака кревкото земјоделие во земјава. Во вакви економски односи логично е да се очекува социјалната мизерија во Македонија да продолжи да опстои без обѕир на зачленувањето во Европската Унија. Единствената држава која во моментов има придобивки од Унијата е Германија која со нејзините извозни политики го доминира европскиот пазар, експортирајќи невработеност и социјален регрес во периферијата на континентот. Од таму доаѓа и целокупната криза, политичка и економска, распространета низ сите држави членки.

Краткото осврнување на конкретните состојби со НАТО и Европската Унија е потребно само со цел да се укаже на бесмисленоста на општествената дебата во однос на нив. Но, сегашната власт непрекинато се труди да ги воспостави овие прашања како клучни за општеството во Македонија. Нејзе само ваквата ургентност и е од корист. Ако за ВМРО-ДПМНЕ ургентни прашање беа нацијата и историјата, за СДСМ тоа се НАТО и Унијата. Ни едно од овие прашања всушност не се ургентни. Националистичките и историски нарации се идеалистички форми на перверзија кои се спротивставени на материјалистичката вистина во која постои едно општество. НАТО и Европската Унија од друга страна се форми кои се однесуваат на државите и структурите на капиталот. Единствената суштина која тврдоглаво опстојува под авторитарната желба на ВМРО-ДПМНЕ и празната поетика на СДСМ е онаа на колективниот секојдневен живот во Македонија.

Системот на либерална претставничка демократија во комбинација со капиталистичките услови креира бескрајни можности за акумулирање за групата на власт. Затоа, очекувањето дека било каква промена на власта ќе резултира во некаква придобивка за мнозинството на граѓаните е инфантилна и неоснована. Ако беше така, новата власт во Македонија попрво од било што друго, би го заштедила секој цент од милионските тендери за најбанални трошоци, со цел да ги инвестира во бесплатно и квалитетно здравство за нејзините граѓани. Емпириските податоци за тендерската пракса на новата власт ни го потврдуваат фактот дека СИТЕ СЕ ИСТИ. И тоа не е резултат на нивните убедувања, туку е резултат на нивното практикување на власта. Разликата ветувана преку дискурсот во опозиција секојдневно се брише и ништи преку праксата на власт.

Дури и најрадикалната партија во Европа - СИРИЗА, кога себеси се најде во позиција да управува со државната моќ се претвори во нешто исто како и нејзините партии претходнички. Тоа е поради фактот што државата денес е само посредник за потребите на капиталот, и како таква, таа е потполно некорисна за било каква суштинска придобивка за материјално подобрување на општествените услови. Обидите да се рехабилитира државата како универзален капиталист кој со доза на диктатура го распределува општественото богатство, се само анахрони изливи на современата романтична мисла, која сама по себе а анти-политичка. Секој аргумент за сериозна промена од-горе единствениот легитимитет може да го добива од одредени метафизички ирационални рамништа, но никако од материјалистичка анализа на реалноста пред нас.

Несомнено, тука постои потреба за политичка тактика која во доменот на општеството ќе овозможи превртување на улогата на државата и нејзино трансформирање во обичен организатор на нудење на услуги. Без никаква централизирана власт и влада, туку со дисперзирани услужни работници, организирани од страна на технички тела кои се контролирани од страна на децентрализирани отворени политички формации. Точно, овој утописки проект е невозможен во блиска иднина! Но дали таквото децентрализирано и истовремено ефективно организирање е поневозможно од одржувањето на сила на сегашниот модел? Македонија денес има неправеден систем на собирање на даноци бидејќи не зема од секој според она колку секој добива од општеството. Всушност, во капитализам не постои праведен даночен систем. Средствата собрани од граѓаните преку даноци во никој случај не би смеело да завршат во приватни раце преку механизмот на тендери. Таквиот систем значи дистрибуција на богатството од мнозинството на граѓани кои плаќаат даноци во мала група на организиран капитал околу власта.

Со последното криминално и сложно зголемување на државното финансирање за политичките партии се губи било каква смисла за понатамошното плаќање на даноци. Ако некој сè уште има смелост да аргументира дека ова тврдење е премногу екстремно, тогаш тие господа треба да повелат во Клиничкиот Центар и со месеци да го мерат секој час поминат во чекање до закажаното снимање. Во тие часови на чекање, сигурен сум дека ќе зажалат и за даноците што ги плаќале години наназад. Ние ѝ плаќаме на државата многу повеќе пари отколку што од неа добиваме услуги. Тоа поради фактот што обемот и квалитетот на услугите се скратени за цената на тендерите наменети за организираниот капитал околу власта. И, ако услугите по приватните болници ви се чинат доста добри, но за нив немате пари да платите, можете да се присетите дека вие веќе сте платиле за такви, а можеби и подобри, услуги но, организираниот капитал на власт ви го ускратува тоа што вам ви припаѓа.

Без да се лизнеме во дупката на големи наративи за утописки проекти, клучно е да продолжиме да се занимаваме со реалните односи кои постојат денес во нашето општество. Сè она што можеме да го мислиме како возможност за утре, корените несомнено ќе ѝ се во денешницата. Од таму, нужно е еднаш засекогаш да имаме раскрстено со големи наративи, со манифести и авангардни партии, кои во нивниот систем и структура отсликуваат безброј рамништа на неправди. Она што мораме под итно да го направиме не е ништо што мораме! Диктатите на итност, милитантност, волунтаризам и идеализам секогаш повикуваат на нешто што е вон индивидуата, нешто што е некаде таму, лебди над општеството. Тоа е некоја програма на која ќе мора да ја приспособиме реалноста. Напротив, нашата програма повеќе би наликувала на белешки од обиди за ослободување и солидаризирање, белешки за ограничувањата кои нè спојуваат денес и тука, отколку повици за единството кое ќе нè сплоти утре. Политиката може да биде повеќе наша, колективна, споделена и секојдневна, отколку партиска, стриктна и дисциплинирана. Таквата политика може и не сакајќи и без некој голем план да изнајде форми на взаемна соработка и поддршка за разлика од сегашните модели на индивидуални натпревари и препреки. Таа не е политика која стреми да се пофали со ПОСТИГНУВАЊАТА во првиот квартал. Таа политика стреми да воспостави пракси кои стремат кон преминување отаде логиката на квартали, даноци, експлоатација, идентитет и држава.

Во Македонија, конкретната форма на една таква политика може да се состои во различни форми на повлекување на нашиот секојдневен живот и делување од доменот на државата и пазарот, и нивните придружни структури. Политиката на таквото повлекување мора да биде секојдневно возможна, интересна и вклучувачка, политика која може но не мора да заземе јасна форма, и која секојдневно додава нови содржини во општеството. Тие содржини постепено го полнат општеството со автономија на делување и солидарност во споделување. Една можна форма е повлекување од плаќањето на различни форми на данок, со паралелно организирање на автономни фондови од различен тип врз кои ќе има колективна и демократска контрола. Може и да се организираат форми на економско производство преку самоорганизирани задруги. Овие политики никогаш не се огромни преземања, туку локализирани формации, но дисперзирани низ целото општество. Нивната заедничка резонанција полека го движи општеството кон нови автономни и не-капиталистички рамништа. Преземањето на јавните простори во корист на локални колективи за најразлични цели е веќе доста присутна метода низ цела Европа. Особено е важно заземање на јавните простори кои се под притисок од капиталот. Битката за окупираните тротоари низ Скопје за да служат како платени паркинг места, е една од можните такви политики.

Вонинституционалното делување на културните и уметничките групи и колективи овозможува ослободување на креативните текови од логиката на системското наложување на програмската замисла на власта. Секоја владина програма, од култура до образование, по самата нејзина форма е анти-демократска. Дури и кога има прогресивни цели, нејзината форма брзо прераснува во елитистички памфлет преку кој се градат разно разни класно-културни расистички аргументи. Како човекот на Кафка кој цел живот чека пред законот за да влезе во него, за да на крај разбере дека заканата за влез низ отворената врата е празната форма преку која оперира самиот закон.

Содржина може да се произведе само во доменот на општеството. Можеби една од нај драгоцените општествено содржински пракси во образованието во Македонија беше студентската окупација на УКИМ и организирањето на паралелна програма, ослободена од стегите на курикулумите. Студентите и професорите заедно ги обмислуваат тешките прашања за нивните колективни искуства во општеството. Најдобриот предлог на едно од тие предавање е тој а да се укине Министерството за образование. Државата и мислата се два неспоиви светови. Академијата ја уредува формата на добивање на знаење преку униформни методи. Нејзините субјекти-студенти ги тренираат нивните инстинкти преку таа униформност и затоа утре како граѓани сè што општеството им го приредува како провокација надвор од таа уни-форма не можат да го препознаат и крајно не можат да одговорат. Оттука, добиваме општество осиромашено во мислата и граѓани отуѓени од општествените искуства.

За да се изгради отпор кон штетни ефекти на владини политики, некогаш е потребно тие да се објаснат, анализираат и разглобат. Поради тоа што тие често целат кон менување на општествени текови кои не се лесно и директно видливи. Но, за (не)среќа постојат и политики кои претставуваат разголено зло. Такви примери се владините проекти за уништување на природата на Водно и полевање со отров на цели региони на југот и истокот на земјава.

Голата намера да се профитира преку умртвување на животната средина и распространување на смртта како нормална последица на самиот животот бара проширување на доменот на профит за организираниот капитал преку државата а скратување и укинување на доменот на одбрана на животот на граѓаните во истата држава. Ако успешно се спроведат овие два проекти на власта, ништо страшно. Бидејќи нели, смртта е нормална последица на самиот живот.

Слики: Ilya Milstein