Графичка новела за прв пат во конкуренција за Букерова награда

04.08.2018 02:12
Графичка новела за прв пат во конкуренција за Букерова награда

„Сабрина“ од авторот Ник Дрнасо стана првата графичка новела што се најде на пошироката листа на кандидати за престижната Букерова награда за книжевност.

Новелата, трилер-дистопија ја раскажува приказната за девојка која исчезнува оставајќи зад себе видеоснимка со траги за нејзиното исчезнување. „Луцидна но и морничава анализа на природата на довербата и на вистината во време на ерозија на обете“, напиша критичарот на Гардијан за „Сабрина“

29-годишниот Дрнасо, роден во Чикаго, ја доби книжевната награда на „Лос Анџелес Тајмс“ со неговата прва графичка збирка на кратки приказни „Беверли“.

„Со оглед на начинот на кој се менува фикцијата, беше само прашање на време пред да биде вклучена графичка новела“, соопшти жири-комисијата.

Овогодишната поширока листа на кандидати за Букеровата награда е составена од 13 романи. Меѓу номинираните автори четворица имаат помалку од 30 години, а четири од романите се дебитантски дела. Шестмина од писателите се од Велика Британија, три од САД и по два од Ирска и Канада.

Пошироката листа ќе се стесни на шест дела кои ќе се натпреваруваат за наградата во септември, пред да се прогласи победникот на 16 октомври. Победникот добива парична награда од 50 илјади фунти.

Букеровата награда се доделува од 1969 година и се смета за една од најпрестижните награди во книжевноста. Последните победници се Хилари Мантел, Пол Бити, Марлон Џемс и Џорж Сондерс, кој доби „Букер“ минатата година за романот „Линколн во бардо“ (Lincoln in the Bardo).

Извор: BBC