Русија во шок по трикратното убиство на новинари во ЦАР

04.08.2018 11:56
Русија во шок по трикратното убиство на новинари во ЦАР

Тројца новинари биле на задача и ги истражувале наводите за руски платеници што се борат во Централноафриканската република кога нивниот автомобил бил нападнат а тие биле убиени.

Останаа многу неразјаснети прашања за нивната смрт, објаснуваат за Би-Би-Си, новинарите Јелисавета Фокт и Сергеј Гориашко.

Што се случило?

Воениот репортер Орхан Џемал, режисерот на документарни филмови Александар Рострогујев и камерманот Кирил Радченко биле нападнати на 30 јули во во 19 часот додека патувале 180 километри северно од главниот град на ЦАР, Банги кон градот Сибут.

Патувале навечер иако биле предупредени дека тоа не е безбедно.

Нивна задача било да ги истражат наводите за руски платеници од приватна руска воена фирма „Вагнер груп“ што се борат во Централноафриканската република.

Руските новинари биле убиени од заседа

Групата Вагнер повеќе пати била во фокусот на интерес на јавноста заради своите активности во Сирија. Според неодамнешните извештаи, групата наводно почнала да работи и во Централноафриканската република.

Руски официјални лица и Кремљ негираат каква било врска со платениците. Меѓутоа, во февруари Русија испратила 180 тренери во Банги, откако добила дозвола од ОН да ја обучува војската на ЦАР.

Џемал, Растрогујев и Радченко во Централноафриканската република биле испратени од Центарот за истражување и контрола (ICC), мрежа на истражувачки новинари која ја спонзорира поранешниот тајкун Михаил Кодоровски и кој е прогонет од Русија. Сите тројца новинари биле ангажирани хонорарно.

Според ICC, новинарите веќе ја посетиле воената база Беренго, во близина на главниот град каде руските тренери ги обучувале војниците на ЦАР.

Следната дестинација им била Бамбари каде имале договорено состанок со претставник на ОН, велат од ICC. „Тој требаше да им даде информации за ситуацијата со руските воени тренери во ЦАР и да им помогнеоколу снимањето на рудникот на злато во Ндасима“.

Оваа година, Русија изјави дека е заинтересирана за развој на природните добра во Централноафриканската република.
Тројцата новинари биле пресретнати од мажи што носеле турбани и зборувале арапски, изјавил Марселин Јојо од локалната власт во Сибут.

Портпаролот на владата рече дека деветмина мажи со шамии на главите ги застанале новинарите и пукале во нив. Еден од нив умрел на лице место, додека другите двајца починале подоцна како последица на повредите.
Нивниот возач успеал да побегне и да побара помош.

Тројца талентирани новинари

Кирил Радченко (33) беше снимател кој ветуваше. Работел во Чеченија и во поново време во Сирија.

Александар Растрогујев (47) беше познат по своите извештаи за судирите во источна Украина, а особено по неговите документарци на интернет за протестите на руската опозиција во 2011 и 2012 година.

Орхан Џемал (51) ги покривал судирите во либија, Сирија, источна Украина и јужна Осетија. Работел за „Новаја Газета“, „Известију“, „Комерсант“ и тв каналот „ Dozhd“. Познат како бестрашен и мирен воен известувач. Колегите се сеќаваат дека испратил извештај од гробиштата на врвот на конфликтот во Украина.

Кој стои зад нападот?

Не е позната причината за нападот, ниту идентитетот на напаѓачите. Според новинаската агенција Интерфакс, еден од мотивите може да биде грабеж. Колегите на тројцата новинари велат дека носеле скапа опрема за камера и повеќе од 8000 долари во готово кои исчезнале од местото на нападот.

Руската државна агенција, ТАС, шпекулира дека најверојатно е вмешана локална мусилиманска вооружена група Селаки.

Државата е нестабилна откако муслиманските бунтовници го тргнаа од власт претседателот на ЦАР, чиешто мнозинство жители се христијани. Мисијата на ОН која брои 13 000 мировници има потешкотии да го одржи мирот.

Но зошто новинарите не патувале со обезбедување? Убиства на новинари во ЦАР се ретки, но се случуваат. Во судирите во 2014 година убиена е француската новинарка Камил Лепаж.

Извршната диркторка на ICC, Анастасија Горшкова објаснува дека имале гмногу логистички проблеми кога ја испраќале екипата во ЦАР. „Три недели се бараше преведувач на руски, а беше невозможно да се најдат какви било советници за безбедност“, вели таа. Тимот бил составен од искусни воени репортери, па затоа одлучиле да одат сами.

Како преживеал возачот?

Се поставува прашањето како преживеал возачот, кој успеал да побегне во сè уште неразјаснети околности. Анастасија Горшкова кажува дека уредниците на ICC биле загрижени повеќе денови пред да се случи нападот заради возачот откако екипата била сопрена од полицијата која барала мито. Возачот бил и преведувач и преговарал за висината на митото што морале да го дадат. Но Кирил Радченко ги уверувал уредниците дека возачот не работи за полицијата и дека нема причини за загриженост.

Што прави Русија во ЦАР?

Централноафриканската република нема функционални оружени сили и безбедносната ситуација во земјата е исклучително лоша. Мировните сили на ОН се преоптоварени со работа и бунтовниците контролираат големи делови од земјата. Постојат обиди војската повторно да се формира и тоа со помош на Русија.

Во декември 2017 година, Москва го убеди Советот за безбедност на ОН да направи исклучок од забраната за извоз на оружје за војската на ЦАР. Испрати специјалисти да ги обучат војниците, како и безбедносни агенти за да служат како обезбедување на претседателот Фаустин Тоуадер.

Дали е вмешана и групата Вагнер? Набљудувачите сметаат дека е. Исто така, Русија потпиша договори со ЦАР за ископување минерали и разговарала со некои бунтовнички групи во тие краеви. Не е јасно дали платениците од Вагнер се вмешани во овие активности.

Извор: BBC

 

ОкоБоли главаВицФото