Моја Европа: 1968-ма на бугарски

06.08.2018 00:21
Моја Европа: 1968-ма на бугарски

Некогаш ми се чини дека траеше подолго од останатите, или како црна дупка која ги шмука работите што се случиле во други години. Често знаеме да кажеме: „Не беше ли тоа во 1968?“

Се сеќавам до детал на оваа година бидејќи сум роден на седмиот ден ден во неа. Поради што сум дел од историјата и на некој начин се чуствувам одговорен за она што се случило и не се случило тогаш.

Јануари

На 5 јануари, Дубчек станал првиот секретар на Комунистичката партија на Чехословачка. Два дена подоцна, мајка ми добила породилни болки и јас сум се родил, па од овој момент можам да зборувам во сегашно време. Истиот ден Џорџ Харисон заминува за Бомбај, кратко потоа и другите тројца Битлси.

Февруари

Битлси се во Индија, медитираат кај Махариши, облечени во бели одори и од таа причина ништо посебно не се случува во остатокот од светот. Во Бугарија нема абнормалности. А да, релативно е топло за овој дел од годината (5-9 Целзиусови степени). Заборавив нешто. Делегација на ЦК на БКП, со другарот Тодор Живков на врвот, патува на прославите во Прага, каде што вториов, односно првиот, држи говор.

Март

На 27 март советскиот космонаут Јуриј Гарарин загина во авионска несреќа. Поради недостаток на информации се шират разни шпекулации за неговата смрт, вклучително и тоа дека е киднапиран од вонземјани. Татко ми за првпат патува со авион. Го преживеа патувањето. Купивме „Опера“, првата марка бугарски телевизор. Се чини светот е црно-бел. Отсега натаму ќе можеме цела 1968 година да ја гледаме на телевизија. Или ревидирана верзија од неа.

Април

Во САД е убиен Мартин Лутер Кинг. Во Прага е пролет. Независно од тоа, мајка ми си го купува првото мини здолниште, иако весникот „Работничко дело (а и татко ми исто така) пишува дека мини здолништа веќе воопшто не се во мода.

Мај

На 6. мај почнуваат немирите во Париз. Во Латинскиот кварт за првпат има улични судири меѓу студентите и полицијата. Се пролева крв. На истиот ден во Бугарија е ден на сточарите, неофицијално Ѓурѓовден, ден кога се колат јагниња. Се пролева крв.

Од 20 до 22 мај во Софија се одржува првиот конгрес на Друштвото на бугарските писатели. Таен скандал околу говорот на гостинот од Чешка, Пујман. На завршната вечера на конгресот, д-р. Т. Живков одржа говор. Тој го започна со „Драги другари и другарки" и завршува со „наздравје другари и другарки“. (Пет пати беше употребена согласката „Н“ - вкупно десет пати во двете реплики.) Дали „Н“ го прави јазикот поизразен и фонетиката пореволуционерна? Или пак е тајна шифра која содржи инструкции само за комунистите..)

Јуни

Роберт Кенеди е застрелан. На 17 јуни во Лондон премиера доживува филмот „Жолта подморница". Официјално, цензурата во Чехословачка е укината. На 27 јуни, „Манифестот на 2000 зборови" е објавен во весникот „Литерарни лист". Цензурата во Бугарија спречува да се забележи цензура во Бугарија. Во истата година, иако не сум сигурен за месецот, во печките на Полиграфскиот комбинат е изгорена сатиричната книга „Лути пиперки" на Радој Ралин и Борис Димовски.

Бугарските студенти систематски се подготвуваат за Светскиот фестивал на млади и студенти. На националниот стадион се вежба дење и ноќе. Илјадници девојки и момчиња со панделки и марами истовремено се трансформираат во петкратна ѕвезда, која на одреден сигнал автоматски се претвора во чекан и срп. Потоа чеканот и српот со крилја – ах да, во гулаб на мирот кој на крајот се спушта на главата на Ленин. Главата на Ленин ја формираат само девојките со најдобри оценки. Мојата тетка подоцна цел живот ќе се фали дека била дел од увото на лидерот на светскиот пролетаријат.

Јули

На 18-ти е објавено писмо од Централниот комитет на комунистичките и работничките партии од Бугарија, Унгарија, ГДР, Полска и Советскиот сојуз до ЦК на Комунистичката партија во Чехословачка. Главниот текст во „Работничко дело" на истиот датум има тешки констатации „контрареволуцијата мора да биде уништена." (четири пати „Р", тоа е значи кодот за напад, еден месец подоцна наредбата е извршена.)

Во Бугарија е сè тивко, со нетрпение го очекуваме убавиот јули. На 28-ми во Софија се одржуваат IX. Светски фестивал на млади и студенти. Мајка ми за првпат во живо виде еден студент црнец, купи апостолки и ја научи песната „Бугарска роза", напишана посебно за фестивалот. Со тоа е исцрпено нејзиното учество во револуцијата од 68-ма.

Искористувајќи го Радау во Софија, две единици од југоисточниот дел на земјата тајно се преместуваат во СССР. Таму камуфлирани минуваат цел месец.

Ми расте првиот заб.

Август

Трупите на Варшавскиот пакт влегуваат во Чехословачка. Битлси го објавуваат првиот сингл „Хеј Џуд". На Б-страната сѐ е „Револуција“. Татко ми зема кредит и купува „Варшава“ – еден голем и тежок, но силен автомобил (силен како Варшавскиот пакт). Еден сосед му кажа на татко ми дека овие автомобили се на листата на воена опрема на војската и дека во случај на мобилизација на нив ќе им се стави само лесен автомат, кој автоматски ги претвора во мали тенкови. И нивните возачи - во тенкисти. Истиот сосед тајно му шепна на татко ми дека нешто се случува во Прага и ние ќе мораме да ја ослободиме. Од кого - го прашува татко ми. Од нив - одговара соседот. Не разбирам ништо, но чувствувам дека татко ми се плаши дека ќе биде мобилизиран со „Варшава" и ќе биде испратен во Прага.

Септември

Цензурата на печатот повторно е воведена во Чехословачка. Мајка ми и татко ми се претплатија на филмскиот магазин „Филмски новини". Баба ми наполни 80 тегли ајвар, 45 тегли компот од кајсии и 15 тегли зимница. Нашите војници сѐ уште се во Чехословачка.

40 години подоцна за првпат беше објавен писмен извештај на министерот за одбрана, во тоа време генералот Добри Џуров, за интервенцијата на бугарските трупи во ЧССР (едно изненадувачки интересно четиво), кој ми даде комплетна слика. Од трите откриени „илегални контрареволуционерни организации" во областа во која беше активна нашата пешадија, една е „илегална организација од млади хулигани", а другата е „организација од младите проститутки кои требало да ја искомпромитираат нашата армија“. Нашиот полк секако остана „неискомпромитиран“. Во истиот извештај од 68-ма исто така конкретно е опишано и малото влијание на „непријателскиот" однос на локалното население кон ослободителите. Кај нашите војници „еден има скршена јаболчната коска, на еден му недостасуваат два заба, а други се полесно повредени“. Искршените заби на спротивната страна не се документирани.

Октомври

Жаклин Кенеди се омажи за Аристотел Оназис. Бугарија ја победи Холандија со 2:0 во квалификациите за Светско фудбалско првенство. Имаме и нов модел на телевизор од марката „Опера“.

Додека се капев вечерта на 7 октомври околу19:30, на радио слушам: „Денеска од Шумен беа испратени 12 тони грозје и јаболка на бугарските офицери и војници во Чехословачка. Во нивното писмо земјоделците ја нагласуваат својата љубов за храбрите бугарски војници...“ Натаму не слушам ништо, бидејќи татко ми почнува гласно да пресметува колку бугарски војници и офицери мора да има во Чехословачка кога им се испратени дванаесет тони грозје и јаболка и колку долго настаните ќе продолжат ако тој број X на војниците и офицерите јаде по еден килограм дневно. Мајка ми инсистира дека можеби тие имаат право на поголем оброк, што конечно го спречува татко ми од натамошни пресметки. Мојата баба необјасниво изјавува дека може да заштеди некоја тегла за нашите војници.

Точниот број на бугарски војници и офицери во Чехословачка ќе го дознаам 35 години подоцна, по отворањето на тајните архиви - имало 2.164 мажи. Подоцна ќе разберам од тајни информации дека за нивната мисија таму добивале и по 3 рубљи месечно. А баба ми сакаше да им испрати конзерви храна.
Ми расте и втор заб.

Ноември

Битлси го објавуваат еден од своите најпознати албум, во кој има многу влијание од посетата на Индија од почетокот на годината, од Грас и од Јоко Оно (за првпат) и ќе го наречам „белиот албум" . Тука се наоѓа „Револуција 9", која ако се пушти наназад окрива една сатанска порака и додава масло во огнот - „Пол е мртов" – што ги подгрева теоретичарите на заговор и нивните слебеници.

Писателот Аптон Синклер умира, а нецел месец подоцна и Џон Стајнбек. Почнувам да се сомневам дека дури 35 години подоцна ќе можам да ја откријам точната бројка, бидејќи 1968 е полна со смрт. Освен смртта на Гагарин и убиствата на Мартин Лутер Кинг и Роберт Кенеди, загинаа и над 11.000 луѓе во еден земјотрес во Иран, десетици се убиени во Прага, а уште многу повеќе во Виетнам. Истата година е објавена „Смртта на авторот" од Роланд Бартес. Година полна со смрт.

Декември

Ронлиг Стонси прават пресвртница со својот албум „Бегарс банкет". Би сакал со нивниот јазик да кажам: „Остани, ти си толку убава!"

Првото вселенско летало со екипаж ја заобиколи месечината. На Божик наутро, мајор Бил Андерс од космосот ги чита првите стихови на Библијата: „На почеток Бог ги создаде Небото и Земјата. И Земјата беше без форма, и празнина, и темнината беше над лицето на длабочината...“

Истото утро, татко ми оди со група која пее божиќни песни над селото и пее:

„Стани, стани, домаќине, добри гости идат, Божиќни пејачи“

Неколку часа подоцна, групата е приведена и доведена кај партискиот секретар, кој изјавува дека Бог сигурно нема да се роди, што го прави Божик бесмислен, па дури и официјално забранет.

Јас имам речиси една година и можам да одам сам од кревет до врата. 1968 година завршува, но сѐ уште не ми е жал поради тоа. Претчувствувам дека за 30-40 години ќе сторам сѐ што можам за да се потсетам барем на нешто од ова време. Ако го знаев зборот, ќе бев „злорад“, но бидејќи не го знаев, само се плазев.

1968 - Антиманифест

1968 никогаш не се случи. Тоа е единствената од почеток до крај измислена и накитена година. Сите настани од тоа време укажуваат само на таков заклучок. И ние, родените во 1968, исто така. Можно е да е смислена како грандиозен проект од Енди Ворхол кој тогаш го славел својот 40-ти роденден. Можеби 68-ма е само уште еден маневар организиран од силите на Варшавскиот пакт во чест на 50-годишнината од основањето на Советската армија и поморските сили.

Можно е 68-ма да ја измислиле млади луѓе од Источна Европа откако тајно и екцесивно ги слушале Битлси во некои поткровја. Доказ за тоа нуди и песната „Жолта подморница“. На средината, точно на 1 минута и 35 секунди во позадина јасно се слуша „пусни ми веригата", или во превод „одврзи ме од ланец", брзо испеано на чист бугарски јазик. Ако тоа не е конспиративна порака на Битлси за младите Бугари, што е тогаш? За жал доцна е откриена, дури во 80-тите, кога сѐ беше веќе изгубено. Можно е 68-ма да е грандиозна суперпродукција на МГМ, или на „М.Горкого", како и на француската, чешката и бугарската државна кинематографија, најдобриот филм на сите времиња.

1960-те како епиграф или епитаф

1960-те беа неплодни, оти тогаш беше измислена антибеби таблетата.

Извор: DW

ОкоБоли главаВицФото