Што значи сериозна кампања за референдумот?

06.08.2018 02:01
Што значи сериозна кампања за референдумот?

Што значи сериозна информативна ( не пропагандистичка или рекламна) кампања на македонската Влада за Референдумот?

Тие што се запознаени со текот на преговорите, имено, научниците, правниците, историчарите, тие кои биле вклучени како советници во преговорите, тие мораат да ја следат реакцијата на јавноста и да одговараат со прецизни објаснувања на сите точки од Договорот што ги вознемируваат граѓаните. Не треба прослави, туку јавни информативни средби со граѓаните.

Зошто го велам ова. Само што прочитав што вели Јасна Котеска на Твитер, полемизирајќи со некого, кој очигледно Договорот го толкува на свој начин. Еве што му одговара Јасна Котеска:
"Не знам што е идејата со негирање на постоење македонска писменост од Климент и Наум Охридски до 21 век, но, НЕ Е ВО РЕД!"

Јас, на пример, не мислам дека од Договорот може да произлезе такво нешто, како негирање на постоење македонска писменост од Климентовото време до денес. Во Договорот е зацртан словенскиот карактер на македонскиот идентитет - како различен од антички македонскиот (хеленистичкиот). А словенскиот карактер на македонскиот идентитет се темели токму врз книжевноста и писменоста на кириличното писмо. Секако, на книжевноста и писменоста од периодот на Светите Климент и Наум Охридски се повикува и македонската и бугарската историска и лингвистичка наука.

Со Договорот двете ќе имаат право на тоа. Ниту модерниот бугарски, ниту модерниот македонски се идентични со црковнословенскиот од списите на Св.Климент, но тие се сродни со него, секој на свој сопствен начин. Тоа е европската парадигма на решавање на проблемите со историјата. Поинаку не може да се стане членка на ЕУ.

Договорот е рамка, која треба допрва да се исполнува со прецизна содржина, така, барем, јас ја разбирам суштината на сите билатерални договори. Но, толкувањата не треба да ги даваат само новинарите или интелектуалците, туку стручните советници кои учествувале во подготовките на Договорот. Само тоа е сериозна кампања. Владата не треба да држи идеолошки говори и народни прослави, туку да објаснува - јасно, втемелено, прецизно. Ова не е рекламна кампања, туку историски момент.

Доколку македонската Влада не е свесна за тоа и не им понуди на граѓаните втемелени и точни одговори за сите нивни дилеми и стравови, тогаш тие ќе побараат одговори кај другите, кај тие што го интерпретираат текстот на Договорот во полза на своите политички и партиски интереси.