Ќе се сопне ли Заев на Иловичкиот златен камен?

07.08.2018 00:27
Ќе се сопне ли Заев на Иловичкиот златен камен?

Со средбата во Струмица, премиерот Заев само навидум го изгасна пожарот на незадоволство кај струмичките екологисти, а всушност е купено малку време, веројатно до крајот на летово, до кога има маневарски простор да се разгледаат двете опции кои се на маса – дефинитивното одземање на концесија за Иловица или повлекување од ветувањето дадено на неговото матично, лојално гласачко тело од струмичкиот крај – дека „рудници нема да има“.

Дали ќе го има или ќе го нема рудникот за злато и бакар Иловица-Штука е прашање кое останува енигма по средбата на премиерот Зоран Заев и претставници од ресорните министерства и институции, со градоначалниците, претставниците на засегнатите локални самоуправи, граѓански организации и здруженија, технички експерти, претставници на ЕБОР и на компанијата – носител на проектот, „Еуромакс“ во Струмица. Средбата, со назнака – консултативна, беше одржана на иницијатива на премиерот откако изминативе неколку месеци Владата беше ставена во процеп помеѓу предизборното ветување дека ќе ја запре изградбата на рудници и ќе се ревидираат веќе дадените концесии за експлоатација на рудното богатство во југоисточниот дел на Македонија и обврските кои државата ги има кон концесионерите, за што може да биде соочена со плаќање на милионски отшетети, како и кон декларираната ориентираност кон зачувувањето и проширувањето на обемот на странските инвестиции во земјата.

СДСМ И ЕКОЛОГИСТИТЕ – ОД СОЈУЗНИЦИ ДО СОПЕРНИЦИ

Дека нештата останаа матни и недефинирани по оваа средба, која имаше функција токму да ги разјасни, покажува и реакцијата на еко-коалицијата „Здрава Котлина“ веднаш по неа.

Стоп за манипулациите и спиновите, порачаа струмичките екологисти откако Владата соопшти дека ја поздравува одлуката на „Еуромакс“ да ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите на локалното население во регионот,како и дека постои согласност кај сите заинтересирани страни да се формира мониторинг тело кое би ги набљудувало активностите околу изградбата на рудникот Иловица, бидејќи, како што велат, тоа би значело дека прифаќаат рудникот да се изгради, што не е точно.

Претставниците на нашето еко-движење немаат дадено никаква согласност за учество во некакво „мониторинг тело“ што ќе ја следело работата на рудникот. Учеството во такво тело би значело дека прифаќаме рудникот да биде отворен, што е незамисливо. Во текот на состанокот, не е водена апсолутно никаква дискусија за такво тело. И да била водена, нашиот став би бил исклучиво ПРОТИВ.

Според нив, недобронамерна е и ударната информација на соопштението дека цијанид (па и сулфурна киселина!) немало да се употребува во технолошкиот процес на рудникот Иловица, бидејќи тие повеќепати објаснувале дека не е помала опасност од другите отрови кои ќе ги произведува рудникот.

Ниту сме имале, ниту имаме, ниту некогаш ќе имаме „заедничка цел“ со концесионерот „Еуромакс Рисорсис“. Ги сметаме за потенцијални гробари на Струмичката котлина и за исклучително манипулативни и подмолни во нивните активности. Ова го сметаме и за обид за корумпирање и компромитирање на нашиот отпор во очите на јавноста, велат од „Здрава котлина“.

Владиното соопштение вешто го сокри дефинитивниот став, доколку воопшто постои, околу отворањето на рудникот Иловица, едниот од неколкуте кои треба да бидат отворени во поширокиот регион на југоисточна Македонија. Тоа и не е изненадување кога се знае колку болно прашање е отворањето рудници во овој изразито земјоделски регион, познат по своето производство на раноградинарски култури, од кој и самиот премиер Заев потекнува и за кое тој самиот во неколку наврати прилично емотивно настапуваше пред локалните гласачи.

Но, освен што е болно, прашањето е и исклучително политички осетливо. По парламентарните избори 2016 година, во тој крај се случи вистински процут на граѓански еколошки активизам кој резултираше со три успешни (и три неуспешни, главно поради притисоци од локалната власт) референдуми со кои мнозинството граѓани јасно му порачаа на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ – НЕ за рудниците на смртта! На локалните избори 2017 година, Заев и коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз стекнаа значителен политички капитал во овој дел од Македонија со познатото ветување на претседателот на СДСМ дадено во врска со рудниците:

Ние ќе водиме мудри постапки, да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете – рудниците ќе застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент дека ќе престане изградбата на рудниците, затоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и на идните генерации, порача тогаш Заев, кому претходно еколошките активисти од југоисточна Македонија директно му се обратија преку транспарентот што го држеа во рака на митингот на коалицијата предводена од СДСМ што се одржа во Богданци, на кој пишуваше:

Премиере, што со рудниците на смртта?

Уште поконкретно, овојпат за изградбата на рудникот Иловица, Заев се изјасни неколку дена подоцна, во настапот пред жителите на Ново Село, струмичко:

Ставот на Владата е многу логичен. Нешто што го чекaа граѓаните и заради тоа Социјалдемократскиот сојуз на Макeдонија стоеше позади граѓанските организации, поддржувајќи ги во нивната борба. Едно да биде јасно. Лично јас и Владата сме против рудниците и ќе направиме се за да го заштитиме здравјето и животот на нашите граѓани.

Рудникот во Иловица, ниту е еколошки организиран, ниту имаат геотекстил, а сакаат со цијанид да ја лужат рудата. Ова во Македонија е недозволиво, во мојот плоден струмички крај е недозволиво. Затоа, нашиот став е јасен,изјави тогаш лидерот на СДСМ, Зоран Заев во Ново Село.

ВЛАДАТА – ПОМЕЃУ ЧЕКАНОТ И НАКОВАЛНАТА

Овој став тогаш охрабри голем дел од загрижените жители на плодниот југоисток дека нивната животна средина сепак нема да отиде курбан за сметка на новите рудници кои претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги гледаше како главен мотор на економскиот развој на тој дел од земјата. Поради тоа, не беше никакво изненадување што новата Влада предводена од СДСМ пристапи кон еднострано раскинување на договорот со концесионерот на Казандол, а веднаш потоа следуваше и најавата за преиспитување на договорот со Еуромакс за рудникот Иловица. Овие постапки на владата на Заев, освен што делуваа како логичен чекор по ветувањата дека граѓанското НЕ за рудниците ќе биде испочитувано, беа и ветер во едрата на граѓанскиот активизам и силна лекција за сите чинители за тоа колку е важно граѓанското учество во донесувањето одлуки, пред сè на локално, но и на национално ниво.

Сепак, вака децидните изјави на Заев му оставија многу малку маневарски простор за натамошното разрешување на Гордиевиот јазол на случајот „рудници“. Нема дилема дека во случајот со рудниците исполнувањето на желбите на гласачите од југоисточна Македонија остро е спротиставено на исполнувањето на обврските кои државата ги презела кога ги потпишала договорите со концесионерите на идните рудници.

Па така, ако за Казандол, кој се наоѓа на територијата на општините Гевгелија, Валандово и Дојран, правниот тим на Заев изнајде правна дупка низ која е протнат раскинот на договорот со концесионерот „Сардич“ МЦ, „Еуромакс“, концесионерот на Иловица, во близина на неговото матично гласачко тело – струмичкиот крај, тоа е веќе јасно, ќе биде многу потврд залак.

Договорот го раскинуваме, бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската во рок од две години од денот на доделување на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, објасни за Казандол Заев на прес-конференција и додаде и дека Владата нема да плаќа пенали, бидејќи концесионерот не го испочитувал договорот, додавајќи:

Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран.

Во април годинава од зградата на Илинденска бб стаса и најавата дека Владата отпочнува постапка за можно раскинување на договорот за концесија за експлоатација на бакар и злато за рудникот Иловица на планината Огражден кај Струмица со образложение дека се сомнева оти концесионерот „Еуромакс“ ја нема комплетирано документацијата согласно договорот за концесија, иако во 2016-тата концесионерот бил информиран дека му е тоа обврска. Инаку, повеќе од десет години трае постапката за отварање рудник за злато на Иловица. Градежни активности на терен нема.

Како што тогаш информираа од Владата, министерството за економија во рок од 7 дена требаше да достави информација дали се исполнети условите за раскинување на договорот. Веднаш се огласи и концесионерот „„Еуромак рисорсис“ чијшто ПР стратегија беше да не одговори со противнапад, туку ја поздрави одлуката на Владата да го стави на дневен ред статусот на концесијата за Иловица и да ги прочешла документите, итро промовирајќи се себеси како конструктивен инвеститор со тоа што најави замена на токсичната технологија на употреба на цијанид во ектракција на рудата со „модерна рударска технологија“ и уште поитро потсетувајќи на огромните бенефити кои оваа инвестиција ќе ги донесла на Македонија. Но, поминаа седумте дена што ги најави Владата, а оттаму новости околу одземањето на концесијата за Иловица не стасуваа. Самиот Заев најави разрешница на статусот за концесија на Иловица „не подоцна од крајот на мај“, до кога меѓународна правна експертиза треба да утврди евентуални правни прекршувања на процедурата за дозвола за експлоатација на Иловица, додавајќи дека не им е целта никому да му се нанесува штета, туку да се постапува според законите, потсетувајќи дека Македонија може да дојде во ситуација да плаќа отштета во износ од 350 па дури и 500 милиони евра.

ЕКОЛОШКИОТ АЛАРМ Е ЗАПАЛЕН

Во круговите на еколошките здруженија од струмичко почна да расте температурата, а со неа и револтот кон досегашниот партнер – Владата на Заев што резултираше со предупредувачки протест во јуни и најави за нови, во наредниве месеци, како и најава за граѓанска непослушност.

Како одговор стаса поканата за консултативната средба која се одржа на 20 јули во Струмица, но таа, по сè изгледа не резултираше со саканото смирување на незадоволството кај струмичките екологисти, кои, за да нема дилема околу нивната решеност да ја спречат изградбата на рудникот, го потсетија премиерот со транспаренти и кус протест пред самата средба. Напротив, по објавеното двосмислено соопштение на Владата, во кое се спомнуваат контруктивноста на „Еуромакс Рисорсис“, неговата посветеност кон давањето гаранции за здравјето и чистата животна средина, како и формирањето мониторинг тело кое треба да ги следи „претстојните фази“, алармот во редовите на „Здрава Котлина“ се запали. Од Влада не даваат конкретен одговор дали нешто се сменило во досегашниот став – рудници нема да има.

Соопштението е јасно, не гледаме потреба од дополнителни толкувања, ни изјави за „Вистиномер“ владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Дополнителни заклучоци надвор од содржината на соопштението не треба да се влечат. Владата во соопштението само ги дефинира наредните чекори на јасен начин. Конечна одлука не е донесена, а во соопштението се опишани чекорите до изнаоѓање прифатливо решение за засегнатите страни.

Со средбата во Струмица, премиерот Заев само навидум го изгасна пожарот на незадоволство кај струмичките екологисти, а всушност е купено малку време, веројатно до крајот на летово, до кога има маневарски простор да се разгледаат двете опции кои се на маса – дефинитивното одземање на концесија за Иловица или повлекување од ветувањето дадено на неговото матично, лојално гласачко тело од струмичкиот крај – дека „рудници нема да има“. Извесно е дека некаква одлука мора да падне, а која ќе биде помалку болна, и за кого, допрва ќе треба да се види.

ИЗВОРИ:
Струмица Денес, 22.07.2018: ЗДРАВА КОТЛИНА: Р Е П Л И К А СТОП ЗА МАНИПУЛАЦИИТЕ И СПИНОВИТЕ! (Пристапено на 25.07.2018)
Бизнис вести, 23.07.2018: „Еуромакс“ ќе ги отстранува цијанидот и сулфурната киселина од процесите во рудникот за бакар и злато Иловица – Штука (Пристапено на 25.07.2018)
Влада на РМ, 21.07.2018: Се одржа консултативна средба за рудникот за бакар и злато Иловица-Штука: Цијанид и сулфурна киселина нема да се користи и ќе се формира независно тело за мониторинг (Пристапено на 25.07.2018)
Фокус, 20.07.2018: Премиерот Заев ги слушна ставовите за рудникот Иловица, активисти искажаа протест против негова изградба (Пристапено на 25.07.2018)
24 Вести, 1.07.2018: Борба против Иловица: Граѓанските активисти најавуваат граѓанска непослушност (Пристапено на 25.07.2018)
Цивилмедиа, 25.04.2018: До крајот на мај ќе има информација за евентуални правни прекршувања за „Иловица“ (Пристапено на 25.07.2018)
ВОА, 12.04.2018: Ќе се раскинува договорот и за рудникот Иловица? (Пристапено на 25.07.2018)
24 Вести, 11.04.2018: По Казандол, Владата планира да го раскине договорот и за рудникот Иловица (Пристапено на 25.07.2018)
Телма, 27.03.2018: Раскинат договорот за Казандол (Пристапено на 25.07.2018)
Точка, 7.10.2017: Заев во Ново село: Под овие услови рудникот во Иловица е недозволив (Пристапено на 25.07.2018)
Вистиномер, 5.10.2017: Локални избори: Ќе го решат ли рудниците победникот на југоистокот (Пристапено на 25.07.2018)
Нова ТВ, 1.10.2017: Заев вети дека ќе ја запре изградбата на рудникот Казандол (Пристапено на 25.07.2018)

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото