ЈугоМаркс - или зошто никој во Југославија не го сфати Карл Маркс

06.08.2018 23:53
ЈугоМаркс - или зошто никој во Југославија не го сфати Карл Маркс

Во бивша Југославија беа преведени сите книги на Карл Маркс. Малкумина ги прочитаа. Јас да. Студирањето во Сараево во 80-те вклучуваше и четири семестри марксистичка филозофија. Можеби трирскиот филозоф со лавовска грива ќе ми беше поблизок како човек да знаев дека како студент во Бон еднаш бил уапсен поради врева во пијана состојба и дека властите го прогонувале затоа што „носел сабја“. Дали сабјата била карневалски реквизит или прв знак за намерата да се подигне светска револуција, не е забележано.

Маркс бил хронично без пари, агресивен човек, не му било несвојствено ни да се „забавува“ со слугинки, а во некое од приватните писма би му се испуштиле формулации кои денес би важеле како антисемитски и расистички.
Пргавоста од тој вид, која потсетува на нам омилените ајдуци, би го направила авторот на „Капитал“ на просторите јужно од Сава и Дунав помалку апстрактен. Но, југословенските комунисти немаа баш изразен инстинкт за атрактивни пропагандни наративи. Тоа е веројатно затоа што во просек, ми се чини, слабо го разбираа Маркс. Тоа му го препуштаа на теоретичарот на самоуправувањето Кардељ, и пригодните брошури кои никој не ги читаше. Социјализмот беше највисокиот степен на преткомунистичко општество, подготовка за влез во рајот. Тој рај беше означуван со фразата „светла иднина“. И тоа беше тоа.

Колку повеќе го читав Маркс, толку почуден ми изгледаше социјализмот околу мене. Нели тој предвидуваше револуција во најразвиените земји, а не во полуфеудална Кина, селанска Русија и заостаната Југославија? Нели Троцки беше во право кога инсистираше на неможноста од револуција само во една земја? Или сѐ или ништо! Тоа што го стигна Сталиновиот планинарски камп во Мексико покажа дека на болшевиците под Сталин не им е важно која теорија е најдобра, туку чија рака е најдолга. Бројот на дивизии, значи, станува за источните земји кои се повикуваат на марксизам, одлучувачки социјалистички аргумент.
Залудно левичарите собрани по Втората светска војна околу Франкфуртската школа предупредуваа дека Советите воспоставија државен капитализам плус диктатура на партијата, а не на пролетаријатот.

Југославија од 1948 година беше единствениот марксистички експеримент кој бараше одговор на прашањето колку слобода поднесува еднопартискиот систем, колку самоуправување може да обезбеди праведна прераспределба и економска рационалност и до која мерка еден социјализам може да се потпре врз Западот.

Праксистите на Корчуланската летна школа од почетокот на 60-те сѐ до нејзиното укинување во 1974. ги испробуваа границите на слободата до кои е подготвен да оди самоуправниот социјализам. Таму одеа сите леви теоретичари кои навистина ме интересираа - Маркузе, Хабермас, Блох, Фром, Косик и.т.н. Нивните книги ги полнеа книжарниците. Западноевропската лева мисла беше целосно достапна. Блоховата утописка мистика беше речиси поетски слеана во дебели книги. Анри Лефевр го објасни Преживувањето на капитализмот.

На првата година студии на почетокот на 80-те имав неколку книги како обврзувачка литература. Ги читав меѓу студените ходници на австроунгарската библиотека, која со својот псевдомаварски стил повеќе припаѓаше кон Андалузија одошто во Босна. А професорот по марксизам Гајо Секулиќ, еднозначно наслонет на тезите на хуманистичкиот марксизам и Корчуланската летна школа, нѐ поттикнуваше да читаме и размислуваме без табуа. Мојата семинарска работа за книгата разговори кои Енцесбергер ги водел со Маркузе беше до таа мерка „анархо-либерална“ што Гајо ми ги покажа „спорните места“ не изговарајќи ниту збор, ги подигна веѓите, одмавна со главата и - ми даде десетка.

Југославија не беше класична болшевистичка земја со фази на сталинистичка параноја, шетање на Хрушчов по Обединетите нации и вечниот застој на Брежњев со паролата - напред. Беше нешто друго, или, со речникот на Неврзаните - беше нешто трето.

Во западниот дел на континентот таквата перцепција едвај да постоеше. За малубројните леви интелектуалци додуша „третиот пат“ претставуваше надеж дека меѓу американскиот капитализам и советскиот тврд социјализам постои простор на слобода која е примарно социјална. За мнозинството останати во Германија тоа беа Јадран, Тито и кебапчиња. Нешто како посимпатична Русија. Кога еден германски господин - беше тоа во средината на 90-те - забележувајќи дека листам книга на Валтер Бенјамин, почна да зборува за неа му реков дека сум ја прочитал уште во Југославија. Се зачуди. Зарем тоа не било забрането? Не, било забрането во ГДР, а кај нас тоа беше обврзна литература, му одговорив. Чудењето прерасна речиси во неверување.

Маркс на југословенските мислители почна да им нуди корисна апаратура за анализа на општествената реалност дури кога Југославија од аграрна ситносопственичка земја прерасна во индустриска нација - во 60-те, 70-те и 80-те години на 20. век. Работничката класа како чудотворен субјект кој нема да изгуби ништо освен своите окови, па ослободувајќи се себеси ќе го ослободи целото општество, се роди како битен општествен слој дури во социјализмот. Според Марксовата теорија, работниците треба да го создадат социјализмот. Во Југославија социјализмот создаваше работници.

Кон средината на 80-те преведени се и книги кои фундаментално му ја оспоруваа можноста на применетиот марксизам за демократска трансформација. Меѓу безбројните книги кои изгореа во мојот босански стан во војната се наоѓаа и три тома на „Главните текови на марксизмот“ на полскиот дисидент Лешек Колаковски. Ги напиша во Британија. Се сеќавам дека тој ја нарекуваше Франкфуртската школа „псевдомарксистички правец во мислењето“. За Колаковски, кој долго беше соочен со советската верзија на учењето, тоа репресивно толкување единствено претставуваше оригинал. Сега кога ќе ги замислам „Главните текови на марксизмот“ како горат во мојот босански стан, таа клада ми делува како остварување на главните тези на запалените томови - бизарно единство на теоријата и праксата.

Еманципацијата на работништвото во југословенските федерални околности значеше и национална еманципација. Потоа и ретроградни процеси. Пренасочувањето на класичните конфликти на прераспределба на националните шини, етнизација на секој судир, тоа очигледно беше последниот кукавички рецепт на југословенските комунисти исплашени со распадот на заканувачкиот, но на некој начин, идеолошки роднинскиот Исток и циничното повлекување на победоносниот Запад (решете ги вашите проблеми сами, во превод, дојдете повторно кога ќе бидете мртви).

Излезе дека пророштвото на поранешниот комунистички талибан, а потоа политички затвореник и дисидент Милован Ѓилас е точно: последниот излез за социјализмот ќе биде национализмот.

Во југословенската катастрофа класната солидарност сосема откажа - работниците мнозински беа регрутирани на сите страни против истите такви работници. И се убиваа едни со други. Така го подготвија победоносниот поход на воените и транзициски профитери, онаа нова брзопотезна буржоазија која нивниот општествен имот во преведе во своите џебови, воведе неолиберални правила на игра укинувајќи ги речиси сите работнички права.

Така заврши приказната за Југомаркс - човекот кого југословенската работничка класа не го разбра навреме, за разлика од шовинистичките водачи кои говореа со народен јазик, а делуваа антинародно. Некаде во национализацијата на социјалното наследство предничеа т. н. социјалистички партии, произлезени од поразениот југословенски експеримент.

Тие го измислија подоцна омилениот рецепт на постјугословенските елити - лево десничарење. Тоа е кога даваш трепкач за лево, а вртиш кон десно. И така возиш.
Работничката класа како и поголемиот дел од средната класа ги стигна прочуената еврејска клетва - да имаш па да немаш.

Марксовата родна куќа во Трир сега е бренд за кинеските туристи. Еден дел од Германија со задоволство се сеќава на Маркс, а другиот се лути, обвинувајќи го за жртвите на сталинизмот. Кинезите на Трир му подаруваат споменик на Маркс, а на Балканот се градат патишта и мостови, во потрага по новиот „Пат на свилата“ до Западот. Идните менаџери на меѓународни концерни на елитните светски универзитети го проучуваат Маркс за да ја сфатат суштината на капитализмот. Југомаркс остана недоречена, но историски неславно потрошена верзија на левата мисла која несмасно се обидуваше научно да ја заснова и овдешната потрага за подобар свет.

Маркс сепак добро се држи во побогатите општества кои ги социјалдемократизираа своите темели. Од друга страна тој, заедно со поп-Исусот на марксизмот- Че Гевара, и натаму претставува надеж за многу луѓе во „третиот свет“ заболени од сиромаштија и безнадежност. Со тоа е доста витален за 200-годишник. Само, слабо доаѓа во краевите во кои до неодамна го носеа на знамиња.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото