Госпоѓицата Недопирка

07.08.2018 13:52
Госпоѓицата Недопирка

Издавачката куќа Темплум во рамки на својата стрип-едиција ЛИФТ, неодамна го издаде и графичкиот роман „Ѓоспоѓицата Недопирка - Девицата од борделот“ (Miss Pas touche, 2006-2007) од Ибер и Кераскует.

Првите два дела од овој серијал насловени „Девицата од борделот“ (Le vierge du bordel) и „Крвави раце“ (Du sang sur les mains) дело на исклучителни француски стрип автори се вклучени во едно издание кое раскажува една навистина возбудлива приказна.

Дејствието е сместено Париз во триесеттите години на минатиот век. Приказната се фокусира на судбината на двете сестри, Агата и Бланш, кои живеат многу скромно, но безгрижно. Истовремено главна вест во градот е „Месарот од игранката“ кој е во поход по млади, слободоумни жени. Така, безгрижноста исчезнува преку ноќ кога Агата, одеднаш е пронајдена мртва. Сите претпоставуваат дека е самоубиство, но нејзината сестра Бланш како единствен сведок на убиството е сигурна дека „месарот“ стои зад тоа. Очајна, Бланш мисли само на едно - одлучува да ги преземе работите во свои раце, а во нејзината потрага, навлегува длабоко во најнеобичните места во градот -  за да ја дознае вистината за озлогласениот сериски убиец и поврзаноста со насилната смрт на нејзината сестра, агилната, но наивна Бланш решава да бара вработување како слугинка во Помпадур, најексклузивниот бордел во Париз. 

Наместо тоа, таа станува нејзина главна атракција, девица-доминатрикс, која брзо се здобива со репутација. На патот кон откривање на ужасната реалност зад озлогласениот „месар од игранката", кој го тероризира Париз, Бланш се соочува со застрашувачки судири и разни обиди за нејзиниот живот и за нејзината чест. Но, таа не ја изгубила од вид нејзината крајна цел - да го пронајде убиецот на својата сестра. 

Оваа темна и вознемирувачка и фантастична ноар приказна попатно претставува и тензично, но деликатно истражување на разни општествени теми како што се класата, нееднаквоста, политичката корупција и пред сè зачудувачката расипаност на елитата. Инспириран од разни крими класици, оваа шокантна приказна за созревањето е многу повеќе читлива и навистина привлечна.

Овој графички роман е плод на соработката на тимот автори кои стојат и зад наградуваниот „Убавица“ (Beaute). Ибер (Hubert) е автор на серијалот „Госпоѓа Недопирка“ и ја потпишува приказната, а Кераскует (Kerascoët) е заедничкиот уметнички псевдоним на француските илустратори и стрип уметници Мари Помпуи (Marie Pommepuy, 1978) и Себастиен Косет (Sébastien Cosset, 1975). Овие брачни партнери се сретнале во уметничкото училиште Оливие де Серес, а својот псевдоним го избрале во 2000 година по селото Кераскует во Невез, Бретања, каде што пораснала Помпуи.

Мари и Себастиен (Кераскует)

И бројните критики за овој графички серијал се одлични, а во оваа прилика издвојуваме само неколку:

Приказната динамично се развива во овој трилер со силен дијалог кој го задржува темпото. Цртежот кој е внимателно и детално сработен нуди и хумор и патос, создава чувство целосно соживување со ликовите и местото на дејствието. [Оние] кои сакаат драматини пресврти и чуднии ликови ќе можат да уживаат во оваа возбудлива приказна. - Library Journal

Ибер и Кераскует ја прикажуваат оваа епизода со уметнички сенс и емпатија што им овозможува на читателите да го ценат достоинството на Бланш, како и нејзината енергија и креативност. - Booklist

Кераскует прикажуваат акција и емоции убаво и елегантно, со извонредно уметничко чувство и безграничен хумор.  -Richard Pachter, The Miami Herald

***

Ова издание својата промоција ја имаше и на овогодинешниот Саем на книгата, а потоа беше претставен и во Штип, Кавадарци и Битола, Гевгелија, Охрид и Струга, заедно со останатите наслови од едицијата ЛИФТ. Во следните месеци ќе следуваат бројни промоции и во други градови низ Македонија.

Во оваа пригода - посебен подарок за читателите на Окно:
БЕСПЛАТНО можете да го прочитате воведниот дел од стрипот!

ПрилогГолемина
Преземи33.37 MB

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Настан
Квир / Книжевност / Стрип
Книжевност / Стрип
Книжевност / Стрип
Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип / Култура

ОкоБоли главаВицФото